Флеш Вести28/04/2017 21:43

Груевски: Никогаш не повикав на насилство, само на изразување револт

Ако сакаше некој вчера да го убие Заев, ќе го убиеше. Во салата имаше 100-200 луѓе, на неколку метри, ако дошле со помисла да го убијат, можеа да го убијат. До него стоеја. Така што не е точно дека некој сакал да го убие, туку најверојатно луѓето ги понел револтот, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во интервју на „Топ тема“ на телевизија Телма.

Груевски е дециден дека тензиите во Собранието не биле поттикнати од неговата партија, туку од постапките на СДСМ и од реториката на Зијадин Села.  

„Чија реторика ја разгоре масата? Ајде да не зборувам, човекот е во болница. Но, тој човек зборуваше дека Македонците немаат корен и сл. Тензијата не ја крена ВМРО-ДПМНЕ, ништо лошо не сме кажале за Албанците и тврдиме дека ништо добро нема да им донесе платформата на Албанците“.

„За време на протестите досега едно цвеќе не беше згазено, а она што се сличи вчера, во голема мера го детерминираше СДСМ со неговите постапки. Зошто на пример одбраа точно во 18 часот да бираат претседател на Собрание, зошто не во 14 часот, кога знаеја дека во 18 часот луѓе надвор протестираат“?

Во неколку наврати Груевски рече дека го осудува насилството и дека никогаш не повикал на насилство, туку на „изразување револт“. Тој потврди дека со директорот на БЈО Митко Чавков се слушнале телефонски за да се информира за случувањата, но негира дека првиот човек на Бирото за јавна безбедност е под негова контрола.

„Не командувам никого, Чавков е професионалец и никогаш не дозволил некој да го командува, не би си дозволил својот професионален интегритет да го стави во нечии политички интереси“.

Според Груевски, Талат Џафери бил незаконски избран на претседател на Парламентот.

„По кој член од деловникот е избран Џафери за претседател на собрание? Како може некој да очекува кога ќе го погледне деловникот, да каже дека е тоа е легално и демократско“?

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не сакаше да ги коментира постапките на претседателот Ѓорге Иванов, кој одбива да го даде мандатот на СДСМ за формирање влада, со образложение дека „за постапките на Иванов ќе ви одговори Иванов, иако тој убаво си објасни на прес-конференција“.

Претходно, во истото студио на ТВ Телма интервју даде претседателот на СДСМ Зоран Заев, но Груевски одби да седне на дуел со него, па интервјуата беа направени одделно.