Анализи

Хитлер – непотребен, штетен и популарен

Меѓу „лекциите“ што може да се научат е дека треба да владее еден човек наместо мнозинството | Фото: БИРН

Светогледот на Хитлер е достапен секому за околу 300 денари. На годинашниот саем на книгата неговото дело ги влече погледите, но предизвикува и негативни реакции кај некои посетители. Кога нема саем, ова дело може да се најде на полиците на повеќето поголеми супермаркети.

Меѓу „лекциите“ што можат да се научат од „Мојата борба“ на нацистичкиот лидер Адолф Хитлер е таа дека момчињата треба да се учат да се тепаат уште од мали, а девојчињата треба да се подготват да бидат добри мајки. Или, дека мешајќи се со други раси, белата раса нив ги крева на повисоко ниво, а самата себеси се осудува на на системско слегување надолу. Во книгата се порачува дека тој што живее мора да се бори, а тој што не сака да се бори не заслужува да живее. Исто така, според ова дело, не треба мнозинството да одлучува во една држава, туку еден човек. Во најголем дел се зборува за Евреите како пониска раса и како „паразити“.

Заживување во време на десницата

На само два реда над детските книги е „човекот со чудни мустаќи“ | Фото: БИРН

Истекот на забраната за објавување на „Мојата борба“ во Германија на 1 јануари 2016 се поклопи со подемот на крајната десница во Европа и со растот на рејтинзите на политичари како Марин Лепен, Герт Вилдерс и други. Не се влечеа директни врски меѓу двете појави (растот на десницата повеќе се поврзуваше со бегалската криза, на пример), но се појави загриженост дека тоа може да додаде масло на огнот во еден многу чувствителен период на континентот. Затоа се печатат коментирани изданија, кои освен оригиналниот текст, содржат и објаснувања и анализи чија цел е да го демистифицираат делото.

Во Македонија „Мојата борба“ се издава уште од 2005 и се продала во неколку илјади примероци. Издавачот тврди дека е едно од најпродаваните дела во земјава. Досега е издадена двапати, во две различни изданија, и двата тиражи биле распродадени и биле допечатувани нови примероци.

„Првото издание е од 2005 година и се отпечати во 1.000 примероци. Како што се продаваше, така се допечатуваа нови. Во 2011 година ја издадовме во два тома, како што бил оригиналот. Двата беа по 1.000 примероци и исто така се продадоа, па ги допечатувавме. Немам евиденција за секој продаден примерок, но сѐ уште е една од најбараните книги“, вели Никола Костески, основачот на издавачката куќа „Ѓурѓа“, која ја издаде „Мојата борба“ на македонски јазик.

Освен „Мојата борба“, „Ѓурѓа“ ја има издадено и „Еврејското прашање и христијанството“ од Хитлер, што е збир на негови говори, текстови и неформални разговори на оваа тема, како и „Најзначајните говори на Гебелс“ и книга за Мусолини. Сите предизвикувале голем интерес, според Костески.

Радикалната десница во Македонија, како што анализираше БИРН, функционира во поинакви услови од европската и главно се врзува за националните прашања како спорот за името, меѓуетничките и меѓусоседските односи. Сепак, и во земјава се случуваат поединечни неонацистички инциденти, како истакнување пароли, исцртување графити, уништување одредени објекти итн. Дел од нив се поврзувале и со истакнати членови на македонските патриотски здруженија, кои, во отсуство на класична екстремно-десничарска партија, се смета дека го држат тој дел од политичкиот спектар.

Ноншалантниот однос на македонското општество кон Хитлер може да се види и на маскенбали, дури и на детскиот првоаприлски маскенбал годинава. Директор на државна институција од претходната владејачка гарнитура беше фотографиран на плажа како ја чита „Мојата борба“. Границите на ноншалантноста дури се надминаа на ланските протести на ВМРО-ДПМНЕ пред канцеларијата на Државната изборна комисија, кога поранешната претседателка на Комисијата за односи со верски заедници, Валентина Божиновска, повика на „вечер на ножевите“ (т.н. Ноќ на долгите ножеви е нацистичко злосторство од 1934 година, кога биле убиени најмалку 85 политички противници на тој режим).

Но веќе 13 години наци-фашистичката литература паѓа во очи на голем број места каде што се продаваат книги.

Издадена со негативно мислење

Издавачот вели дека читателот сам треба да ѝ пресуди на книгата | Фото: БИРН

Причината зошто книгата на Адолф Хитлер е толку лесно достапна, според издавачот, е едноставна  – нема книга што не заслужува да биде издадена. Костески вели дека тоа што ја издаваат книгата воопшто не значи дека тие имаат некаков позитивен однос кон Хитлер.

„Ние бевме меѓу првите, по Шведска, што ја издадовме „Мојата борба“ како современо издание. По нас ја издадоа во Бугарија и во други земји. Секако ние не се согласуваме со Хитлер и во предговорот на книгата изнесуваме негативни мислења за неа. Но надвор од тоа, нема ниедна причина да не ја објавиме“, вели Никола Костески.

Во предговорот на книгата се раскажува за тоа како таа била напишана и издадена, во колку примероци се продавала пред и по доаѓањето на Хитлер на власт, и како се издавала во други држави. Меѓу другото се цитираат мислења на критичари според кои станува збор за исклучително лошо напишана книга која, како што вели лондонскиот професор Кристофер Вот, шири идеи смртоносни за Европа. Но Вот во цитираниот извадок додава дека новата генерација не треба да се плаши од книгата и треба да ѝ пристапи објективно.  На последната страница од македонското издание од 2005 пишува дека читателот треба да ја прочита контроверзната книга и да суди за неа, но и дека била една од најиздаваните книги по Библијата.

Костески вели дека не му се допаѓале коментираните изданија.

„Ако вие сте писмен човек и љубител на пишаниот збор, зошто ние да ви кажуваме како да ја читате книгата“, додава тој.

Меѓу љубопитноста и идеологијата

Социологот Ѓорѓи Тоновски смета дека популарноста на книгата и во светот и во Македонија повеќе се должи на љубопитноста отколку на некаква идеолошка поврзаност. Сепак, според него, таквите книги не треба да бидат толку лесно достапни за младината.

Во моментот на својата смрт, Адолф Хитлер се водел како жител на сојузната држава Баварија, која на тој начин ги наследила авторските права за неговите дела. Државните власти го искористиле тоа за да го забранат печатењето за кој било издавач во Германија, а се бореле и против нејзиното издавање во странство. Но, бидејќи авторските права според германските закони траат 70 години, на 1 јануари 2016 година таа стана слободна за печатење.

„Уште првпат кога беше издадена, мене не ми беше јасно зошто една таква книга би требало да ѝ биде понудена на пошироката публика. Фамата околу Хитлер и околу книгата што долго време беше забранета си го стори своето.  Секако дека треба да биде достапна за историски и за други истражувања, но таквите книги треба да се држат подалеку од младите луѓе“, вели Тоновски.

Професорот не гледа голем ризик дека книгата повторно би станала влијателна, зашто била пишувана за сосема поинакви времиња и историски услови. Но додава дека нема потреба да се популаризира, зашто нема што да се научи од неа.

Според историчарот Коста Аџиевски, кога некои општествени кризи од минатото се повторуваат, вообичаено е луѓето да бараат одговори за нив во книгите што требало да бидат заборавени.

„Јас лично ниту сум ја читал, ниту имам намера, зашто сметам дека тоа е книга што не треба да се чита. Тој таму објаснува зошто го направил сето тоа што го направил, меѓутоа тоа е осудено од целиот свет. Само со нови идеи можеме да одиме напред, не треба да се враќаме на старите“, вели професорот Аџиевски.

Сто илјади примероци во Германија

Продажбата во супермаркети била забележана во Турција, а во Германија потешко се наоѓала книгата | Фото: БИРН

Околу сто илјади примероци од „Мојата борба“ се продале во Германија во првата година откако истекла 70-годишната забрана за издавање, а нови тиражи биле печатени петпати. Бумот во продажбата се должел и на тоа што повеќето универзитети ја купиле книгата за во своите библиотеки, за истражувачки цели.

Меѓутоа, Германија воопшто не ги омекнала ставовите кон Хитлер. Минатата година јавен службеник во локалната самоуправа во Берлин бил отпуштен од работа, бидејќи на пауза ја читал „Мојата борба“. Во оваа земја книгата чинела 60 евра и не било лесно да се најде.  Во изјава за „Дојче веле“ германскиот историчар Кристијан Хартман вели дека нема никаква веројатност оти некој би станал нацист откако би ја прочитал книгата. Како литературно дело таа е оценета како лоша и тешка за читање.

Книгата сѐ уште е забранета во Холандија со законските одредби што спречуваат ширење омраза. Сепак, сопственик на антикварница што изложил стари изданија на „Мојата борба“ минатата година бил ослободен од одговорност со одлука на Врховниот суд. Судот протолкувал дека неговата цел не била да шири омраза туку да ја продава книгата поради нејзината историска важност.

Пред десетина години беше објавено дека над 100.000 примероци од „Мојата борба“ биле продадени во Турција. Таму исто така била забележана како се продава во супермаркети, но локалната еврејска заедница се борела да се прекине таа практика. Во Италија, пак, била спроведена анкета меѓу 140.000 средношколци, од кои мнозинството изјавиле дека делото на Хитлер им е една од омилените книги. Весникот „Ил Џорнале“ се соочи со сериозни критики кога со еден свој број им ја делеше книгата на читателите.