Регион

Холандија делумно одговорнa за убиствата во Сребреница

Апелациски суд од Холандија, потврди дека оваа држава е делумно одговорна за смртта на околу 300 Бошњаци од Сребреница, кои беа убиени во 1995 година, откако претходно беа истерани од базата на холандските мировни сили на ООН во Поточари.

Погреб на дел од жртвите на масакрот во Сребреница. Фото: Јуники Сан, Викимедиа комонс

Апелацискиот суд во Хаг, во вторник пресуди дека Холандија е делумно одговорна за смртта на околу 300 Бошњаци, убиени во јули 1995 година од силите на босанските Срби, откако претходно беа истерани од базата на холандските мировни сили на ООН.

Со оваа одлука беше потврдена претходната одлука донесена во 2014 година, според која мировниците требале да бидат свесни дека Бошњаците ќе бидат убиени, доколку ја напуштат базата во која побарале засолниште.

Претседателката на судскиот совет, Гепке Дулек-Шермерс, како што пренесува Ројтерс, изјавила дека холандските војници „знаеле или требало да знаат“ дека на мажите им се заканува „реална опасност од мачење или егзекуција“.

Според пресудата, одговорноста на Холандија изнесува 30 отсто, и толку проценти надомест треба да им исплати на семејствата на жртвите, бидејќи не е јасно дали тие би преживеале и доколку останале во базата.

Одлуката се однесува само на околу 300 Бошњаци кои побарале засолниште во базата во Поточари, а не и на другите околу 8.000 Бошњаци од Сребреница, кои Војската на Република Српска (ВРС) ги егзекутира во јули 1995 година, злосторство кое според пресудите на Меѓународниот суд е оквалификувано како геноцид.

Откако српската војска ја зазеде Сребреница, многу бошњачки мажи и момчиња се обидоа да избегаат низ околните шуми, додека други се упатија кон базата во Поточари, каде што холандскиот баталјон (познат како “Дачбат“) беше стациониран.

Неколку стотици лица успеаја да влезат во базата во Поточари, но, од страна на холандските војници им беше кажано дека ќе бидат безбедни и надвор, по што им ги предадоа на српските сили, кои подоцна ги убија.

Холандските мировници, кои беа стационирани во Сребреница, откако таа во 1993 година од ООН беше прогласена за „безбедносна зона“, имаа обврска да го штитат цивилното население.

Од друга страна, повеќе од 200 мировници на ООН од Холандија, ја тужат холандската влада, бидејќи биле испратени во Сребреница, јави новинската агенција АФП.

Овој потег доаѓа откако холандската министерка за одбрана, Жанин Хенис-Пласхарт, минатата година изјави дека нивната мисија била „нереална мисија, во невозможни околности“.

„Од вторник, моите 206 клиенти ќе бараат отштета од по 22.000 евра“, ја цитираше АФП изјавата на нивниот адвокат, Мајкл Руперти.

„Тие и натаму трпат штета во сите аспекти од својот живот и веруваат дека Министерството за одбрана треба да се смета за одговорно“, изјавил Руперти.