Регион

Хрвати кои биле затворени во српски логори, поднесоа тужби против Белград

Поранешниот логор Стаичево, во Србија. Фото: Викикомонс/Стебуник

Ања Владисављевиќ, Филип Рудиќ  | БИРН | Загреб, Белград

Тројца хрватски државјани, кои по падот на Вуковар биле затворени во логори во Србија, ги тужат властите во Белград, од кои бараат отштета, потврди за БИРН Драгутин Гузовски, еден од подносителите.

Гузовски, претседател на огранокот на Хрватското здружение на затвореници во српските концентрациски логори во Вуковарско-сремскиот округ, изјави оти до Вишиот суд во Белград ја поднел првата од трите тужби и најави дека дополнително ќе бидат поднесени и нови.

„Во Вуковарско-сремскиот округ има 3.560 (лица кои биле) затвореници во српските логори … Затоа ќе одиме селективно, така што секој месец ќе поднесуваме по 20 тужби“, рече Гузовски.

Инаку, Гузовски поминал шест и пол месеци во логорот во Сремска Митровица. Тој ја поднел својата тужба заедно со уште двајца поранешни затвореници, Антун Хорват и Среќко Гламочак.

Српскиот адвокат, Марко Пекиќ, кој го застапува Гузовски, изјави дека верува оти тужбата ќе биде успешна, бидејќи Црна Гора, исто како и Србија, која за време на војната била дел од Југославија, ја прифатила одговорноста за нејзините логори.

„Мислам дека ќе мора да ја признае (одговорноста) бидејќи Црна Гора веќе ја призна … но тоа е сé оставено на судот да оцени“, вели Пекиќ за БИРН.

Во 1991 година, на почетокот на војната во Хрватска, Вуковар 87 дена беше под опсада на Југословенската народна армија (ЈНА) и на разни српски паравоени групи. Повеќе од 3.000 лица беа убиени, а околу 25.000 беа протерани.

По падот на Вуковар на 19 ноември 1991 година, околу 200 затвореници беа егзекутирани на фармата Овчара, во близина на овој град.

И побунетите Срби од Хрватска и ЈНА затворија илјадници Хрвати во различни логори, меѓу кои и неколку во Србија.

Весна Тершелиќ, прв човек на невладината организација од Загреб, Документа – Центар за справување со минатото, за БИРН изјави дека е важно да се обештетат поранешните затвореници и да се признае нивното страдање.

Таа нагласува дека, исто така, е важно и самите поранешни затвореници да преземаат активности.

„Индивидуалните тужби се конструктивен начин, само треба да се види како ќе се развиваат следните чекори, но добро е што повеќе затвореници да поднесат тужба, бидејќи тоа создава некаков притисок врз судството, а, се разбира, останува правосудството во Србија да донесе одлука“, додаде таа.