Регион

Хрватскa делегација ја напушти Србија откако Шешељ го згази хрватското знаме

Филип Рудиќ, Белград

Шешаљ дава изјава во Белград. Фото: БИРН

Парламентарна делегација од Загреб, во среда ја прекина својата посета на Србија, откако Шешељ, во српскиот парламент, го газеше хрватското знаме и ги навреди членовите на делегацијата, нарекувајќи ги „усташи“.

„И покрај добриот почеток на официјалната посета … поради овој чин со кој се напаѓа достоинството на Хрватска, ја откажавме посетата“, се вели во соопштението што до БИРН го испрати хрватскиот парламент.

Делегацијата требаше во четврток да се состане со српскиот претседател, Александар Вучиќ, и со премиерката, Ана Брнабиќ.

Претседателката на српскиот парламент, Маја Гојковиќ, објави соопштение во кое се осудува „бруталниот обид на пратеникот Воислав Шешељ да го загрози достоинството на Народното собрание на Србија и на делегацијата од Собранието на Хрватска“.

„Изразеното непочитување кон државните симболи на Република Хрватска … е неприфатливо и представува навреда за српскиот народ, кој се гордее со традицијата на гостопримство“, се вели во соопштението на Маја Гојковиќ.

Сепак, Српската радикална партија на Шешељ, која објави соопштение за инцидентот, истакна дека „пет члена на обезбедувањето не биле во можност да им го земат знамето“ на Шешељ и на уште еден член на Српската радикална партија.

Инцидентите во кои учествуваат радикалите станаа сѐ почести откако невладини организации и политичари на опозицијата укажаа дека пресудата со која неодамна Шешељ беше осуден за воени злосторства, законски подразбира одземање на неговиот пратенички мандат.

Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) во Хаг, на 11 април, во отсуство, го осуди Шешељ на десет години затвор за поттикнување на злосторства со националистички говори, кои за време на војната во 1992 година, ги држел во српската покраина Војводина.

Српскиот закон јасно кажува дека пратеничкиот мандат завршува доколку пратеникот добие безусловна казна од најмалку шест месеци. Сепак, Шешељ изјави дека нема да поднесе оставка како пратеник.