Регион

Хрватска не смее да ги минимизира ужасите во Јасеновац

Непознати поранешни логорски затвореници, на комеморацијата во Јасеновац, во 1999 година Фото: EПА/Aнтонио Бат

Менахем З. Розенсафт

Постојат страшни реалности на историјата, кои никој, дури и оние со најмал интегритет или чувство на пристојност, не смеат да ги доведуваат под знак прашалник, да ги искривуваат или да ги негираат.

Токму колежот на милиони Евреи во логорите на смртта – Аушвиц-Биркенау, Треблинка, Мајданек, Белзец, Челмно и Собибор, за време на холокаустот во Втората светска војна, спаѓа во оваа категорија.

Ова, исто така, важи и за фундаменталниот факт дека ова злосторство против човештвото го извршиле нацистичка Германија и нејзините мултинационални фашистички соучесници.

Секој обид да се негира, тривијализира или минимизира тежината на овој геноцид или да се рехабилитираат, на каков било начин, неговите сторители, едноставно речено, од морална гледна точка, е бесрамно.

Затоа негирањето на холокаустот е кривично дело во Германија, Франција, Русија, Италија, Австрија, Романија и во многу други земји. Папата Франциско го осуди негирањето на холокаустот како „лудило”, а неговиот претходник, папата Бенедикт XVI, изјави дека ова е „недозволиво”.

Важно е да се има на ум дека за време на холокаустот, Германците не беа единствените масовни убијци на Евреите, Ромите и на останатите.

Во регионот на Приднестровље, кој во тоа време беше дел од Романија, Железната гарда на сојузникот на Хитлер, Јон Антонеску, ентузијастички учествуваше во колежот на 150.000 до 250.000 Евреи. Во Независната Држава Хрватска (НДХ), усташите, предводени од Анте Павелиќ, извршија брутален геноцид над Србите, Евреите и Ромите.

Според податоците на Меморијалниот музеј на холокаустот на САД, хрватските власти за време на усташкото владеење убиле помеѓу 320.000 и 340.000 Срби од Хрватска и од Босна и Херцеговина, а повеќе од 30.000 хрватски Евреи биле убиени во Хрватска или во Аушвиц-Биркенау.

За да ја спроведат својата геноцидна шема, усташите формираа мрежа на домашни концентрациони логори, познати по нивната бруталност и споредливи со варварството во германските логори на смртта.

Најозлогласена беше групата од пет логори под заедничко име Јасеновац, лоцирани недалеку од Загреб, честопати нарекувани „Аушвиц на Балканот”.

Во овие логори, според Меморијалниот музеј на САД, брутално биле убиени помеѓу 77.000 и 104.000 Срби, Евреи, Роми и Хрвати, противници на усташкиот режим. Спомен – подрачјето Јасеновац, именува како идентификувани жртви 83.145 Срби, Евреи, Роми и антифашисти, кои биле убиени во овие логори.

Екстремистичките елементи во Хрватска, со години се обидуваат да ги рехабилитираат усташите и да ги минимизираат злосторствата извршени во Јасеновац.

Најнов пример на овој тренд е колумната на Милан Ивкошиќ, „Јасеновац исчистен од идеологизацијата, пристрасноста и од комунистичките фалсификати”, објавена на 17 август, во најчитаниот хрватски весник, „Вечерњи лист“.

Ивкошиќ, со восхит и навидум без срам, пишува за книгата „Работниот логор Јасеновац” на Игор Вукиќ, кој, според Ивкошиќ, „значително е спротивна на деценискиот мит за Јасеновац”.

И покрај тоа што признава дека условите во логорите биле тешки, Ивкошиќ гротескно пишува дека „… во логорот имало и забава. Имало спортски натпревари, особено фудбал, концерти, театарски претстави, вклучувајќи и дела создадени од самите затвореници“.

Деца заклучени во кулата во Стара Градишка, која била дел од концентрациониот логор Јасеновац. Фото: Викимедиа комонс/Меморијален музеј на САД

Забава? Во Јасеновац? Обидот на Ивкошиќ, да ги „исчисти” Јасеновац и усташите од нивната зла суштина, е за осуда. За осуда е и неговата презирна референца „митот за Јасеновац”.

Бруталното убиство на десетици илјади луѓе во Јасеновац, не е мит, господине Ивкошиќ.

„Јасеновац беше нечуен логор на смртта, немаше сличен во цел свет”, изјави поранешниот затвореник во овој логор, Мило Деспот, во интервју за усната историја што ја чува Меморијалниот музеј на САД.

„Германците на современ начин ги ликвидираа затворениците, додека во Јасеновац убиствата беа најсурови – со големи чекани, обични чекани и ножеви, а најмалку со куршуми”, рече тој.

„Немаше гасни комори, но не недостасуваше ниту варварство. Многу затвореници имаа пресечени грла или нивните черепи беа згмечени; другите беа застрелани или обесени на дрва покрај Сава“, напиша за Јасеновац, новинарот Николас Вуд, во Њујорк тајмс, во 2006 година.

Се прашувам дали Ивкошиќ ќе ги смета за „забава“ на затворениците, некои од следните четири примери на однесување на усташите во Јасеновац:

Во своето интервју, Мило Деспот сведочи како усташка единица, качила повеќе од 100 српски девојчиња на товарен брод, им наредила да ја соблечат облеката, а потоа членовите на единицата ги зграпчиле за коса, им ги пресекле вратовите и ги фрлиле нивните тела во реката.

Во друг разговор, Мара Вејновиќ изјавува дека видела како усташите убиваат група деца со отровен гас во касарната во Јасеновац.

Едвард Сајер имал задача да ископа масовна гробница во еден од логорите во Јасеновац. Тој опишува како усташките стражари ги убивале затворениците, удирајќи ги со големи чекани по главата, вклучувајќи го и помладиот брат на Едвард, и како тој и другите затвореници што копале, морале да ги влечат телата до масовната гробница. Сè што Едвард можел да направи за својот брат е да го земе во прегратка и нежно да го стави на неговиот последен починок.

Во своите мемоари, „44 месеци во Јасеновац”, Егон Бергер го опишува хрватскиот францисканец, Томислав Филиповиќ – Мајсторовиќ, познат и како „фратар Сатана”, озлогласен командант на Јасеновац:

„Фратарот Мајсторовиќ, чие лице беше нашминкано и со пудра, облечен во елегантна облека и со зелена ловечка капа на главата, со уживање ги гледаше своите жртви. Им пријде на децата, дури и ги помилува по глава. Го следеа Љубо Милош и Ивица Матковиќ“.

„Фратарот Мајсторовиќ им рече на мајките дека нивните деца ќе бидат крстени и тој им ги одзеде децата, детето што Мајсторовиќ го држеше во раце, невино го допре нашминканото лице на својот убиец. Мајките, вознемирени, ја препознаа ситуацијата. Тие ги понудија своите животи во замена за милост кон децата. Две деца беа спуштени на земја, а третото го фрлија како топка во воздух. Фратарот Мајсторовиќ го насочи својот нож, промаши три пати, но четвртиот пат, со шега и смеа, детето беше прободено со ножот“.

„Мајките се фрлија на земја, ги кубеа косите и почнаа ужасно да викаат. Усташките стражари од 14 дивизија на Осиек, ги однесоа и ги убија. Откако три деца беа брутално убиени, овие ѕверови на две нозе разменија пари, се чинеше дека се обложиле кој прв ќе погоди дете со нож“.

Искривувајќи ја ужасната реалност во Јасеновац, Милан Ивкошиќ го осквернавува сеќавањето на илјадниците невини мажи, жени и деца, убиени во логорите.

И со објавување на срамотната колумна на Ивкошиќ, „Вечерњи лист“ стана соучесник во недозволивата кампања за рехабилитација на усташите и минимизирање на нивните злосторства. Сега и Ивкошиќ и „Вечерњи лист“ мора да бидат повикани на одговорност.

Менахем З. Розенсафт е генерален советник на Светскиот еврејски конгрес. Тој предава за законот за геноцид на правните факултети во Колумбија и на Универзитетот Корнел во САД.

Мислењата изразени во овој коментар се ставови на авторот и не ги одразуваат нужно ставовите на БИРН.