Регион

Хрватски историчари против забрана на фашистичките и комунистичките симболи

Група хрватски историчари, покренаа петиција против владиното тело кое се занимава со прашањето за наследството на фашистичкиот и комунистичкиот режим во Хрватска и се спротивставија на забраната за употреба на симболите на овие режими.

Свен Милекиќ, Загреб

Звонко Кусиќ, претседател на Советот за справување со последиците од владеењето на недемократските режими . Фото: Влада на Хрватска

Предводени од контроверзниот поранешен министер за култура, Златко Хасанбеговиќ, 24 хрватски историчари, покренаа онлајн петиција против работата на Советот за справување со последиците од владеењето на недемократските режими, во која нагласуваат дека „репресијата и ограничувањата“, не можат да ги излекуваат политичките поделби.

Владата го формира Советот во март оваа година. Тој има задача да одговори на прашањата за наследството и употребата на симболите на усташкиот и на комунистичкиот режим, кои беа во центарот на голем број неодамнешни политички спорови во Хрватска.

Советот, составен од правни експерти, историчари и претставници на културните институции, треба да даде препораки за законските измени, со кои ќе се регулира употребата на симболите на двата режима.

Но, историчарите тврдат дека изрекувањето на забрана не е решение.

„Само недемократските, тоталитарни режими, ги пропишуваат вистините, а само оние кои од историјата не знаат ништо, не знаат дека тоа пропишување на вистината е една од главните причини за нивно уништување“, се вели во петицијата.

„Сосема илузорно е да се мисли дека социјалните спорови, како составен дел на секое демократско општество, може да се елиминираат со репресија и забрана“, додаваат историчарите.

Како што се наведува во петицијата, политичарите ја злоупотребуваат историјата на дваесеттиот век, а наметнатите вистини одобрени од државата, ги ограничуваат слободата и изразувањето.

„Секоја забрана или ‘вистина’, која директно или индиректно ја пропишува државата, може не само да ги продлабочи постојните социјални поделба и да придонесе за нови, туку, исто така, сериозно ја поткопуваат и слободата на изразување и истражување“, се вели во петицијата.

„На демократскиот поредок полесно му е да ги поднесе негативните последици од злоупотребата на тоталитарните симболи и апологијата на тоталитарните режими, колку и да се тие неразумни и штетни, отколку да ја загрози слободата на мислата и говорот, слободата на изразување и истражување“, велат авторите на петицијата.

Петицијата беше покрената во понеделник на интернет страницата ѕlobodamisljenja.com, а свои потписи веќе имаат дадено повеќе од 500 граѓани на Хрватска, меѓу кои има и професори и академици.

Сепак, најмалку еден потписник, под името Јосип Броз од селото Кумровец – кое алудира на југословенски претседател Тито, се чини дека е лажен.

Настанот кој беше иницијална каписла за формирање на Советот, беше спорот околу спомен-плочата на која е врежан усташкиот поздрав, „За дом спремни“, поставена од хрватските бранители, во близина на најголемиот усташки концентрационен логор во Јасеновац.

Спомен-плочата во септември беше преместена во Новска, покрај споменикот на паднатите бранители од Татковинската војна.

Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, во неколку наврати најави дека Советот ќе се занимава со прашањето за користење на усташкиот поздрав „За дом спремни“ и за црвената ѕвезда што ја користеле партизаните.