Истражувањa

Илјадници тужби од БЕГ, граѓаните немоќни во судовите

Граѓаните сметаат дека се неправедно тужени, но правдата не можат да ја докажат на суд

Се проценува дека повеќе од 4.000 граѓани се соочуваат со извршни судски решенија, бидејќи, иако не користат парно греење треба да плаќаат за цевките што минуваат низ нивните станови.

Точниот број на исклучени корисници не е познат, затоа што ниту од стара „Топлификација“, ниту од сегашниот снабдувач со топлинска енергија „Балкан енерџи груп“ (БЕГ) не даваат податоци. Според слободни пресметки на исклучените граѓани, од топлификациската мрежа до 2012 година се исклучиле половина од корисниците, односно околу 20.000 граѓани. Дел од нив, околу 8 000, под притисок на извршители и тужби повторно се вратиле во системот, додека 12.000 останале исклучени. Од нив, околу 4.000 не сакаат да плаќаат за т.н. додаток за ангажирана моќност, односно за поминувањето на цевките од топлификациската мрежа низ нивните станови.

Поради тоа компанијата БЕГ одлучува да ги тужи. Бројот на тужби постојано се зголемува, бидејќи граѓаните кои не сакаат да платат за додатокот, добиваат нова тужба на секои шест месеци. Оттука, според проценката на здружението коешто ги штити интересите на овие граѓани, „Но пасаран“, вкупниот број на тужби по оваа основа е над 30.000.

Исклучените граѓани сметаат дека постапката што се води против нив е противзаконска. Нивниот револт доаѓа од висината на надоместокот за „ангажирана моќност“ кој за стан од 50 квадратни метри, изнесува 600 денари. Тој, пак, што плаќа за затоплување за таа квадратура добива сметка од 2.000 денари.

Дел од овие граѓани навремено поднесуваат приговор до судот каде што очекуваат резрешница по судски пат. Поголемиот дел, сепак, поради страв од дополнителни трошоци, веднаш ги плаќаат извршните решенија.

Според податоците на Основниот суд Скопје 2, само во 2015 година вкупно 521 семејство од Скопје добило тужба со предлог за издавање платен налог. Тужбите понатаму се процесираат во судовите каде што на рочиштата се докажува дали корисникот треба да ја плати побаруваната сума.

Во второстепениот Апелациски суд, пак, за побарувања на БЕГ се водат предмети за вкупно 360 граѓани.

Овие незадоволни граѓани веќе три години, секоја сабота, протестираат на скопскиот плоштад „Пела“, затоа што, иако одамна се исклучени од системот за парно греење, редовно им стасуваат сметки за плаќање на додатокот за „ангажирана моќност“. Некои од нив дури немаат ниту цевки во становите.

Сопки со Правилникот на регулаторите

nopasaran-beg

Од здружението кое се бори за правата на исклучените граѓани од топлификациската мрежа, „Но пасаран“, тврдат дека БЕГ на повеќе начини го прекршила Законот

Покрај заштита од дискриминација и неправда, овие граѓани бараат и промена на Правилникот за дистрибуција на топлинска енергија на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) каде што е предвидено плаќањето на спорниот надоместок. Граѓаните сметаат дека овој подзаконски акт не е во согласност со ниту една правна норма.

Од РКЕ, пак, потенцираат дека станува збор за обврска која произлегува од колективното домување и од урбанистичките планови на градските средини со коишто се предвидуваат начините на загревање во објектите и врз чија основа потоа се димензионираат грејната и електричната инсталација.

„Со појавата на поединечно исклучување на станбени единици во колективните објекти се нарушува термоенергетскиот биланс на објектите, се намалува ефикасноста на искористување на топлинската енергија и се нарушува енергетскиот систем во целина. Со плаќањето од страна на исклучените потрошувачи делумно се амортизира трошокот за греење на приклучените и се спречува спирала на исклучување на објектите, бидејќи колку повеќе се исклучуваат толку повеќе расте трошокот на приклучените, доколку сами го покриваат трошокот на зградата за греење“, одговараат од РКЕ на прашањата на БИРН за издржаноста на овие правила.

Покрај заштита од дискриминација и неправда, граѓаните бараат и промена на Правилникот за дистрибуција на топлинска енергија на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) каде што е предвидено плаќањето на спорниот надоместок

Со ваквите правила и објаснувања не се согласува Народниот правобранител, кој за тоа ја информирал и РKE.

Народниот правобранител посочува дека тоа што луѓето живеат во зграда не може да биде основа за наплата на делот наречен „ангажирана моќност“. „Наплатата на топлинската енергија не е јавна давачка со што и немаат обврска да ја плаќаат, освен ако сакаат да се греат на овој начин.“

Момчило Ивановски, исклучен граѓанин кој има добиено неколку тужби тврди дека БЕГ нема лиценца за наплата на услугата за парно греење.

– Едно прашање до судиите. Дали не сфатија дека од извршителите направија милијардери? Сакам да поставам многу едноставни прашања, затоа што со комплицирани ќе ги збунам. Кој закон го прекршивме кога го раскинавме договорот со „Топлификација“? Законот го дозволуваше тоа. Со кој закон БЕГ ги презема нашите лични податоци од „Топлификација“ и зошто таа им ги дала? Ова е целосно противзаконско водење на постапка – вели Ивановски.

Личните податоци на ‘ачик‘

Од здружението кое се бори за правата на исклучените граѓани од топлификациската мрежа, „Но пасаран“, тврдат дека БЕГ на повеќе начини го прекршила Законот.

Прво, БЕГ нема склучено никакви договори со граѓаните за да им испорачува фактури. Второ, БЕГ нема склучено договори со куќните совети (Здруженијата на сопственици на станови и Управителите на зградите) за приклучување кон нивната инсталација во зградите. Трето, БЕГ не смеела да ги набави личните податоци на околу 40.000 граѓани, исклучени и вклучени.

marijan-nenov

Маријан Ненов од „Но пасаран“

За да ги преземе личните податоци на постојните и некогашните корисници од компанијата која пред БЕГ ја извршуваше оваа дејност – „Топлификација“, БЕГ мора да има писмена согласност од секој корисник. Преземањето на личните податоци без ваква согласност не го оправдува ни интерниот договор на БЕГ со „Топлификација“ за преземање на податоците кој, патем, го склучиле три месеци откако си ги размениле податоците на корисниците.

Како што објаснува Маријан Ненов од „Но пасаран“, во Законот за заштита на личните податоци стои дека ниту една фирма или институција не смее да ѝ ги даде на друга податоците за сопствениците на станови, доколку нема писмена согласност од корисниците.

Од Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗЛП) за БИРН тврдат дека според Законот за енергетика корисниците на системот се должни да им обезбедат контакт-податоци (име и презиме/назив на корисникот, адреса/седиште, матичен/даночен број, број на документ за идентификација, телефон, факс, е-пошта) на соодветните оператори на системот кој го користат, како и на снабдувачите со енергија, односно природен гас и на трговците заради вршење енергетски дејности и обезбедување јавна услуга.

И покрај неколкумесечното инсистирање, од БЕГ не сакаа да одговорат на ниту едно прашање поврзано со проблемот на исклучените граѓани.

Нотарски измами

Живко Аврамовски, исто така исклучен граѓанин, вели дека е исклучен од правото на достоинствен живот.

– Ако налогот за извршување стигне до граѓанинот тогаш тој со приговор може да го одбие и процесот се префрла на Основниот суд 2. Но многу често овие нотари, десетина на број, знаат да го пуштат налогот преку фирма-доставувач која не врши правилно доставување и налогот веднаш се извршува преку извршители, без можност за каква и да е реакција од граѓанинот. Извршителот го спровел извршувањето преку блокирање на сметката на граѓанинот, си наплатил и за своите услуги, а за сето тоа нема правна основа – вели Аврамовски.

Постапката за тужење на граѓаните, објаснува Ненов од „Но пасаран“, почнува со ангажирање адвокатско друштво кое за околу 4.000 денари подготвува предлог за извршување, врз основа на веродостојна исправа, и ја испраќа до еден од 13-те нотари кои работат со БЕГ.

Од Нотарската комора на Македонија тврдат дека не располагаат со податоци за тоа кои нотари работат на случаите со БЕГ.

Оригинална идеја на Топлификација

dsc_5977

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права сметаат дека она што БЕГ им го прави на исклучените граѓани е класичен државен рекет / Фото: БЕГ

Оригиналната идеја – исклучените граѓани да плаќаат е на скопска „Топлификација“ уште од 1982 година, во екот на изградбата на скопската населба Аеродром, каде што имаше голем број невселени станови кои не беа приклучени на топлификациската мрежа.

Сè поголем број граѓани не сакаа да се приклучат на топлификациската мрежа, а дел од приклучените поднесуваа барања за исклучување, по што компанијата, инаку монопол, побара од Советот на Град Скопје граѓаните кои се исклучија од топлификациската мрежа да плаќаат по 50 проценти од сметката за парно греење, но доколку не живеат во тој стан. Ако живеат мора да плаќаат или да поднесат барање до тогашна „Топлификација“ дека имаат друг начин на затоплување.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права сметаат дека она што БЕГ им го прави на исклучените граѓани е класичен државен рекет.

– Нема што многу да се стори за овие граѓани во овој момент. Поднесовме иницијатива до Уставниот суд која падна. Треба да се смени законот за да може да се промени работата. Јасно ни е дека сè е противзаконски. При носењето на тарифните системи за електрична енергија се посочени алинеи од законот кои воопшто не постојат. Се јавува сомнеж дали биле испочитувани сите законски одредби кои се однесуваат на заштита од монополи и правата на потрошувачите кои Законот за енергетика ги пропишува како обврски на Комисијата. Во случајов не се работи за технички туку за суштествени грешки кои ги доведуваат во прашање јасноста, прецизноста и предвидливоста на законите и подзаконските акти, а со тоа и нивната важност во правниот систем – вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Судска голгота

Адвокатката Гордана Каркалашева која ги застапува незадоволните граѓани вели дека покрај овие проблеми граѓаните се соочуваат и со блокади низ судовите.

– Засега има само една потврдена пресуда од Апелацискиот суд во корист на овие граѓани. Тоа е случај кога странките се вселени во нова зграда во која немало инсталирано парно кога се вселувале, а потоа кога зградата е приклучена тие не сакале да бидат дел од топлификациската мрежа. Мислам дека сите што имаат ваков случај ќе ги добиеме на суд.

И покрај тоа што Каркалашева има добиено повеќе од 40 првостепени пресуди во корист на исклучените граѓани, предметите се враќаат од Апелација.

Од Апелацискиот суд во Скопје ги отфрлаат обвинувањата.

„Судиите во својата работа постапуваат и одлучуваат во рамките на Уставот и законските прописи во Република Македонија и во согласност со Кодексот на судска етика, одлучувајќи по предмети независно и непристрасно во рамките на доставениот доказен материјал“, стои во одговорот од овој суд на барањето на БИРН за коментар за ваквите обвинувања.

Слободанка Димитровска, невработена, вели дека првото рочиште за неа било шок. Таа  барала одложување поради што била жестоко нападната од адвокатката на БЕГ која ѝ тврдела дека била должна да се подготви за судењето.

– Иако знаат дека она што го застапуваат е лажно, сепак работат против Уставот и спротивно на дури седум закони и меѓународно ратификувани договори за заштита на човековите права. А мене ми вели дека требало да се подготвам – вели Димитровска.

Почетоците на БЕГ

БЕГ АД е формирано од две фирми, секоја со влог од по 25.000 евра. Едната е „Кордикор“ со седиште на Кипар, а втората е „Битер Холдинг“ регистрирана на островот Џерси (дестинација помеѓу Англија и Франција). Тие се фирми на ТГК 2, во кои управувачки пакет има фирмата „Синтез“ на рускиот тајкун Леонид Лебедев. Лебедев моментно е надвор од Русија, каде што е обвинет за финансиски криминал. Тој има и кипарско државјанство и медиумите шпекулираат дека се наоѓа некаде помеѓу Кипар и САД.

БЕГ АД е регистрирана во јуни 2012 година, додека Балкан Енерџи ДООЕЛ (ќерка фирма на БЕГ АД, основана со влог од 5.000 евра) е регистрирана на 27 ноември 2012 година, а лиценците за работа ги добива само еден месец подоцна, на 30 декември 2012 година. Истиот ден одлуката е објавена и во „Службен весник на РМ“. Претходно, од бизнисот со снабдување со топлинска енергија се откажува компанијата „Топлификација“, тврдејќи дека работат со загуба. Балкан Енерџи ДООЕЛ почнува со испорака на топлинска енергија на 1 јануари 2013 година.

Приходи на БЕГ (во милиони евра)

iljadnitsi-tuzhbi-od-beg-graganite-nemokni-vo-sudovite-prizma

Во првата, 2013 година, остварува приходи од 32,6 милиони евра и добивка од еден милион евра. Следната, 2014 година, има намалени приходи од 28,7 милиони евра, но зголемена добивка од 1,1 милион евра. Во 2015 година, пак, приходите ѝ растат на 29,6 милиони евра, но добивката драстично ѝ се намалува на само 306 илјади евра.

Добивка на БЕГ (во милиони евра)

iljadnitsi-tuzhbi-od-beg-graganite-nemokni-vo-sudovite-prizma1

Според податоците на БЕГ со кои калкулираат и медиумите, компанијата денес има 57.131 потрошувач, од кои приклучени на мрежата се 43.566, а  исклучени се 13.265 потрошувачи.

Од здружението „Но пасаран“, пак, тврдат дека БЕГ манипулира со овие бројки и дека нема повеќе од 30.000 корисници.