Истражувањa

Иселувањето на младите е погубно и за идните пензионери

Многу ризични фактори за пензионерската каса, ниту едно решение

За исплата на пензии следната година ќе се потрошат 833 милиони евра. Овде е вклучено и пет-процентното зголемување на пензиите што се предвидува за следната година. Според Буџетот за 2017 година, со оваа сума треба да се исплатат пензиите на 312.857 пензионери. Бидејќи Фондот за пензиско и инвалидско осигурување нема доволно пари, од Буџетот ќе му бидат префрлени повеќе од половина од потребните пари, односно 452,5 милиони евра. Сумата што ја добива Фондот од Буџетот, расте од година во година.

Трансфери од Буџет за Фондот за ПИОМ

Зависноста на Фондот за ПИОМ од централниот Буџет расте паралелно со порастот на бројот на пензионери и со зголемувањето на пензиите.

Број на пензионери

По серијата домашни анализи и предупредувања и извештаи на релевантни меѓународни организации – особено две прашања остануваат отворени – до кога ќе може Буџетот да го помага Фондот и ќе има ли пари за пензии за идните пензионери.

Додека се чекаат решенијата на проблемот, се чини дека засега сите се согласуваат дека состојбата со Фондот за ПИОМ е алармантна и дека фондот е неодржлив дури и на краток рок.

„Тоа е сериозна зависност на Фондот за ПИОМ од Буџетот. Расходите постојано се зголемуваа, најголем дел, со популистички мерки“, вели Зорица Апостолска, поранешен директор на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС).

Порастот на дефицитот во пензискиот фонд ја доведува во прашање ликвидноста на фондовската каса. Според поранешниот министер за финансии, Трајко Славески трендот на пораст на средствата од централниот Буџет за ПИОМ треба да се стопира.

„Зависноста на Фондот за ПИОМ од трансферите од централниот Буџет е загрижувачки висока. На краток рок, треба да се стопира трендот на пораст на средствата што се неопходни за покривање на кусоците во Фондот“, вели Славески.

Субвенционираните работни места притискаат врз ПИОМ

Во својот последен извештај и Светската банка предупреди дека државниот пензиски фонд е доведен во опасност, а во прашање е доведена и одржливоста на фондот и на среден рок и на долг рок. Проблемот го лоцираат во новокреираните работни места субвенционирани од Владата кои практично значат помали приходи во фондовската каса. Според анализата на Светска банка, дури 89 проценти од новокреираните работни места се со фискален стимул, односно  работодавецот е ослободен од плаќање на социјални придонеси и слични давачки.

„Во последните години процентот што го добива фондот од државата достигнува околу 46. Тоа е значителна зависност на пензискиот систем од трансфери од централниот буџет, што на среден и на долг рок секако создава притисоци врз овој систем со оглед на тоа што еден од неговите постулати е тој на генерациска солидарност. Така што не треба да се одзема од идните генерации за бенефит на сегашните“, изјави Бојан Шимбов, од Светска банка.

И иселувањето на младите ја загрозува одржливоста на пензискиот фонд

Според дел од економистите, дополнителен ризик за Фондот за ПИОМ кој ќе притиска врз фондовската каса е иселувањето на младите работоспособни луѓе кои се важни за полнење на фондовската каса. Според податоците од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), во 2015 Македонија ја напуштиле околу 20 илјади луѓе што е рекордна бројка на иселени луѓе во последните 15 години. Вкупната бројка на досега отселени од земјава, според ОЕЦД, надминува 600 илјади луѓе, најголемиот дел работоспособно население.

„Точно е дека тоа негативно ќе се одрази на одржливоста на пензиските финансии бидејќи се иселува младо работоспособно население што предизвикува односот „вработен-пензионер“ да станува сè помал. Ова ја загрозува тековната одржливост на фондот бидејќи нема сразмерен пораст меѓу износот на пензии и кумулативниот износ на платите од кои што тие пензии се финансираат. На долг рок, влијанието е помалку опасно, бидејќи овие лица кои се отселиле, не создаваат побарување кон фондот во иднина“, вели универзитетскиот професор Марјан Петрески.

Апостолска смета дека состојбата со иселувањето и демографската структура и на долг рок негативно ќе влијаат врз одржливоста на државниот фонд. Со секое зголемување на бројката на иселени луѓе се намалува бројот на лица кои би уплаќале придонеси, од кои се финансира исплатата на тековните пензии.

„Оваа состојба е загрижувачка и на долг рок бидејќи ова ќе влијае и на уште поголемо намалување на соодносот помеѓу осигурениците (тие што плаќаат придонеси) и пензионерите (тие што користат пензија). Оттука може да се заклучи дека покрај демографскиот фактор на стареењето на населението и економската состојба на државата, како нов ризичен фактор кој ќе влијае врз долгорочната финансиска одржливост на пензискиот систем е и оваа застрашувачка бројка на миграција на млади луѓе кои всушност се идна работна сила, но за жал не во Македонија“, вели Апостолска.

Бројот на пензионери ќе расте, а на осигуреници ќе се намалува

penzioneri-pazar

Според пресметките на ПИОМ, на 1,8 осигуреници има 1 пензионер, сооднос што објективно треба да го вклучи алармот за долгорочна одржливост на фондот за редовна исплата на пензиите

Еден од клучните фактори кои има влијание врз одржливоста на државниот фонд е демогрфската структура на наслението. Актуарските извештаи на Фондот за ПИОМ покажуваат дека долгорочно Македонија ќе биде земја на стара популација. Прогнозите се дека во следните години ќе се зголемува бројот на пензионери, но ќе се намалува бројот на осигуреници кои се важни за приходната страна на фондот. Се очекува соодносот наслението над 65 години со работоспособното население (18-64 години) да порасне, од сегашните 19,45% на 49,74% во 2060-тата година и да опаѓа до 42,28% во 2080-тата година. Ова значи дека, на долг рок, околу една половина од населението над 18 години ќе биде старо население.

„Ваквите демографски движења во пензискиот систем предизвикуваат појава на зголемен број пензионери и подолготрајно користење на пензијата, а намалување на бројот на осигуреници. Актуарските проекции, изработени при подготовката на реформата на пензискиот систем, покажаа дека може да се очекува овие фактори да имаат големо негативно влијание врз солвентноста на Фондот на ПИОМ, на долг рок, односно, без реформи, системот би функционирал со изразен дефицит што брзо и значително ќе се зголемува“, се посочува во последниот извештај на (МАПАС).

Од МАПАС посочуваат дека поради овие прогнози е спроведена темелна реформа на пензиското и инвалидското осигурување, односно воведувањето на тристолбениот пензиски систем, со комбиниран начин на финансирање на идните пензии и со диверзификација на демографските и економските ризици, со цел да се обезбеди сигурна пензија за сегашните и за идните генерации пензионери и долгорочна финансиска стабилност на пензискиот систем.

Еве како се движел бројот на пензионери со бројот на вработени

Но, наспроти преземените реформи, она што е алармантно е стеснувачкиот јаз меѓу оние што земаат пензија и оние што ја полнат фондовската каса. Според пресметките на ПИОМ, на 1,8 осигуреници има 1 пензионер, сооднос што објективно треба да го вклучи алармот за долгорочна одржливост на фондот за редовна исплата на пензиите. Причините за овој проблем, според експертите, треба да се бара токму во реформата со која беа воведени и приватните пензиски фондови – задолжителни за новите осигуреници.

„Проблемите беа присутни и во првите години од осамостојувањето и транзицијата кон пазарна економија, но тие се зголемија со пензиската реформа – воведување на Втор столб, приватни пензиски фондови, кон кои се насочи една третина од стапката на придонес за осигурениците. Покрај ова, голем број на осигуреници кои требаше да останат во државниот фонд станаа членови на некој од приватните пензиски друштва. Во изминатите десет години, просечната пензија оствари значителен пораст, како една од мерките на Владата. Ова, се разбира, има свој одраз и врз пензискиот фонд“, вели Славески.

„Дефицитот значајно порасна кога се воведе тростолбниот пензиски систем, така што дефицитот е една нус појава на таа реформа за која сме донеле политички консензус дека ќе ја прифатиме. Но, проблемот е зголемувањето на и онака високиот дефицит со постојано зголемување на пензиските издатоци над износот на растот на економијата, како и додавање разни трошоци, како бањи или скијање за пензионери. Оттука, овој дефицит станува сè понеодржлив и сè повеќе на товар на идните генерации“, вели Петрески.

Дел од економистите предупредуваат дека доколку не се преземат итни решенија, ќе биде загрозена исплатата не само на идните, туку и на сегашните пензионери.

„Фондот за ПИОМ е доста оптоварен со давачки и сето тоа влијае на една нестабилност. Има и разни бенефициии за пензионерите, да не бидам погрешно сфатена немам ништо против, но секогаш треба да се измери, да не се дава на една генерација повеќе, а за другата идна генерација да нема редовна пензија или доволно пензија колку што си сработил или заслужил идниот пенизонер. Креаторот на политиката не треба да мисли само за дневната политика туку треба да мисли и за во иднина, мора да прави баланс помеѓу сегашните и идните генерации на пензионери“, вели Апостолска.

Дел од пензионерите не стравуваат за своите пензии ниту пак за пензиите за идните генерации. Велат дека им веруваат на институциите.

„Вопшто не стравувам. Многу години се зборува дека Фондот за ПИОМ е во лоша состојба, ќе доживее крах, па еве живееме сите, земаме пензии. За оваа проблематика во Македонија се заинтересирани милион луѓе, оти само пензионери има околу 300 илјади, и тие веќе долго време едно две генерации ние издржуваме, плус  во секоја општина има луѓе платени за оваа проблематика. Не се согласувам дека сега во овие пет шест години е влошена состојбата затоа што се давале некои бенефити за пензионерите, изјави недоамна Драги Аргировски, претседател на Сојузот на пензионери на Македонија.

Од Фондот за ПИОМ уверуваат дека одржливоста на фондот не е доведена во прашање.

„Нема проблеми со неговото функционирање на среден рок, нема никаква дилема не само на среден, туку и на краткорочни рокови, нема потреба од стравување на граѓаните за нивните пензии, со оглед дека државата секогаш ќе најде начин и мерки и активности со цел да се подобри работата на Фондот“, изјави Трајко Пренчевски од Фондот на ПИОМ.

Како се полни фондовската каса?

Касата на пензискиот фонд се финансира 59,9% од сопствени приходи, 37,7% од буџетски пари и 1,8% од други извори. Податоците покажуват пораст на изворните приходи на фондот (придонес од плата, бенифициран стаж, придонес од физички лица кои вршат дејност и вработени кај нив како и од индивидуални земјоделци и Агенцијата за вработување), но паралелно растат и трансферите од централниот Буџет кон Фондот за ПИОМ.

Државниот завод ревизија во последниот ревизорски извештај за работата на Фондот за ПИОМ констатираше дека растат приходите, но паралено во изминативе пет години се зголемува зависноста на фондот од Буџетот на Република Македонија за навремена исплата на пензиите. Ревизијата посочува дека фондот не може да функционира непречено без буџетските трансфери со кој се покрива дефицитот во фондот, а кои од година во година растат.

„И покрај тоа што по основ на наплата на придонеси од плата во 2015 година се остварени приходи за 7,8 отсто поголеми во однос на 2014 година, нивото на обезбедени средства не обезбедува непречено функционирање на Фондот за ПИОМ, поради што континуирано со Буџетот на РМ се предвидуваат средства за покривање на дефицитот по пат на трансфери од Централниот Буџет. Фондот за ПИОМ во текот на 2015 година за навремена исплата на пензиите во воспоставените рокови за секој месец има користено позајмици од Буџетот на РМ кои тековно ги враќал со средства од сметката на која се врши уплата на придонесот од пензиско и инвалидско осигурување“,се посочува во извештајот.

Итни реформи за спас на државниот пензиски фонд

piom1

Ревизијата посочува дека фондот не може да функционира непречено без буџетските трансфери со кој се покрива дефицитот во фондот, а кои од година во година растат

Експертите посочуваат дека се потребни итни реформи за да не се доведе исплатата на пензиите и да се зајакне одржливоста на пензискиот фонд. Според Апостолска треба да се најде начин за зголемување на приходите во фондот поради тоа што дел од мерките во изминатите години влијаеја врз намалување на приходите.

„Се намали стапката на придонес и тоа намалување на придонесот драстично влијаеше на намалувањето на приходите на државниот фонд, го доведе државниот пензиски фонд во една зависна состојба од Буџетот. Дефицитот во државниот фонд е голем, трансферите од државата  се големи, а приливите се мали. Приходната и расходната страна веќе многу се разидуваат, во корист на расходната страна. За тоа какви реформи се потребни треба да се направи една анализа, истражување што прават во светот, регионот, Европската унија. Најчесто тие се во насока на старосната граница, процентот на определување на пензијата. Јасно е дека Фондот за ПИОМ е зрел за нова реформа“, вели Апостолска.

Универзитетскиот професор Петрески решението го лоцира во неколку пункта.

„Прво, структурниот дефицит настанат со реформата за тростолбниот пензиски систем не може да се реши сега, туку само со тек на време, кога повеќе нема да има корисници кои не придонесувале кон двата столба. За решавање на останатиот дел од дефицитот, решението е едноставно, запирање на постојаното зголемување на пензиските издатоци и нивно сведување најмногу на растот на економијата. Со оглед на високите зголемувања на пензиите во минатите години, дури се плашам дека во даден момент ќе дојдеме во ситуација да мора истите да ги кратиме, или да ги зголемуваме пензиските придонеси, или и двете“, вели Петрески.

Според проценките на дел од експертите, за да се пополни сегашната дупка во касата на Фондот за ПИОМ преку обезбедување на приходи по основ на пензиско осигурување, потребни се нови вработувања.

„Во периодот на големата рецесија (2007-2009) низа земји кои претходно имаа направено реформи со воведување на втор столб (приватни пензиски фондови), направија значителни чекори назад, од нивна национализација, до намалување на стапката на придонес во пензиските фондови, потоа, суспендирање на уплатата на придонеси во приватните пензиски фондови во период од неколку години и слично. Македонија не презеде ниту една од овие мерки, иако од самиот почеток значителен дел од придонесот, поголем одошто во другите земји, се издвојува за приватните пензиски фондови. На долг рок би помогнало намалувањето на невработеноста, односно зголемување на вработеноста, помала издашност во зголемувањето на пензиите, на пример, усогласување не со порастот на платите, туку со трошоците за живот, што е вообичаена практика во другите земји“, вели поранешниот министер за финансии Славески.

Дека државниот пензиски фонд се соочува со ликвидносни проблеми укажа и фактот дека фондот им должеше пари на приватните пензиски фондови кои се уплаќаат на сметките на идните пензионери. Долгот беше расчистен откако информацијата се обелодени во јавноста, но изостана отчетот зошто е настанат долгот.

И додека Фондот за ПИОМ води битка за ликвидност, Владата уверува дека пензионерите навреме ќе ги добиваат пензиите и зголемувањата од 5 проценти. Економистите предупредуваат дека одржливоста на Фондот за ПИОМ ќе биде на тест среднорочно, а можеби и на пократок рок.