Вести

ИВЗ не ја поддржала турската армија, само отстапила простор за молитва

Турските дипломати редовно ја посетувале Мурат-пашината џамија, велат од ИВЗ | Фото: БИРН

„Молитва за победа“ се одржала вчера во Мурат-пашината џамија во Старата скопска чаршија, за поддршка на турските воени сили што учествуваат во операцијата „Маслинова гранка“ на северот на Сирија. Информацијата ја објави турската државна информативна агенција „Анадолија“. Од Исламската верска заедница одговорија дека молитвата не значи и нивна поддршка за воената акција.

Операцијата „Маслинова гранка“ што почна на 19 јануари е насочена против курдските вооружени сили во Сирија, како и против борците на Исламската држава. Таа наиде на измешани реакции од светската јавност.

Според информацијата објавена на албанската верзија на интернет-страницата на агенцијата „Анадолија“, молитвата ја водел советникот за верски прашања од амбасадата на Република Турција во Скопје, Мурат Алкан, а присуствувала и  амбасадорката Тулин Еркал Кара.

Муфтијата Ќенан Исмаили од скопското муфтиство на Исламската верска заедница изјави за БИРН дека иницијативата дошла од турската амбасада, а муфтиството само отстапило дел од просторот и од времето.

„Молитвата се одржа во Мурат-пашината џамија. Тоа беше редовна дневна молитва, но турскиот аташе за верски прашања замоли да се направи и посебна молитва за војниците што учествуваат во операцијата во Сирија. Сето тоа е организирано од Исламската верска заедница на Турција, која побарала секаде каде што земјата има свои верски претставници, да направат молитва во врска со ова“, рече муфтијата Исмаили.

Тој додаде дека молитвата во никој случај не одразува некаков официјален став или поддршка од ИВЗ или од муфтиството за оваа воена операција. Како што објаснува Исмаили, Мурат-пашината џамија е место што редовно го посетуваат турските дипломатски претставници, како и Турците што живеат во централниот дел од Скопје, па затоа токму таму се одржала молитвата.

Во врска со операцијата „Маслинова гранка“, Франција повика на вонредна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации, а Стејт-департментот на САД изразил „длабока загриженост“ за ситуацијата.