Регион

Јежевац – камп во кој бегалците од Сребреница и денес живеат

На околу сто километри од Сребреница, 400 жени и еден мал број на мажи, кои го преживеале геноцидот од 1995 година во овој град, и денес живеат во бегалски камп, во кој, за време на војната во Босна и Херцеговина, нашле засолниште. Велат дека дома никогаш нема да се вратат.

Коен ван де Вен, Каспер Готалс.

Фатима Мехмедовиќ, жител на кампот Јежевац. Фото: Јоханес де Брујкер

Кога активисти на едно здружение се симнаа од својот автомобил во бегалскиот камп кој се наоѓа во близина на босанскиот град Тузла, децата сместени во тој камп со трчање дојдоа до нив.

„Добар ден! Добар ден!“, извикуваа тие.

Сања Марковиќ, социјален работник, доаѓа во посета на жителите на кампот, во името на невладината организација „Сила на жените“. Таа ги моли децата, кои ги знае веќе две години, дa ги повикаат своите мајки.

Едно момче, вооружено со играчка – пластичен пиштол, почнува да трча кон една од белите куќа во кампот, пукајќи попат во замислените непријатели околу себе.

Појавата на мајките е во спротивност со весело расположените деца. Тие, една по една, доаѓаат во главната зграда на кампот. Нивните излитени кошули и стари јакни висат преку нивните рамните рамена.

“Немој да ве збуни нивната побелена коса и линиите на лицето”, ни вели Марковиќ. „Помлади се отколку што мислите. Кога прв пат дојдов овде, за една 40-годишна жена, мислев дека има 60 години. А поради сиромаштијата, тие имаат и многу здравствени проблеми“.

Во оваа оддалечена планинска област, на 20 километри од Тузла, транспортот е ограничен, па затоа жените од кампот Јежевац, се чувствуваат изолирани и заборавени.

„Луѓето од Тузла не знаат дека овде постои камп и немаат поим за условите на живеење во ова место. Никој тука никогаш не доаѓа“, вели Марковиќ.

До белите куќички, кои се изградени од Обединетите нации, како засолниште за овие жени и неколкуте мажи, кои го преживеале геноцидот во Сребреница, води земјен пат. Јежевац е еден од трите кампови за раселени лица во околината на Тузла.

Бегалските кампови биле изградени како привремено сместување за бегалците и раселените лица, но 22 години подоцна, во овие кампови и натаму живеат 1.350 семејства, од кои 398 се од Сребреница.

„Тие се најслаби, не можат да се вратат”, ни вели Бранка Антиќ-Штаубер, директорка на „Сила на жените”.

Нејзината организација е единствената која што редовно го посетува кампот Јежевац. Секоја недела, психолози, социјални работници, правни советници и лекари, ги проверуваат жителите на кампот.

„Ние го правиме она, што треба Владата да го работи”, потенцира Антиќ-Штаубер.

„Моќта на жените”, во голема мера се потпира на странска помош. Така, во последните десет години, владите на Холандија и на Германија, финансирале повеќе еднократни проекти, но со оглед дека постои потреба за постојана помош, оваа организација се потпира и на волонтерската работа.

Фото: Јоханес де Брујкер

Собирање на јаглен

Пред 22 години, на 11 јули 1995 година, Војската на Република Српска, го зазела родниот град на жените кои се во кампот, Сребреница. Ги одделила од нивните сопрузи, а потоа ги префрлила во Тузла.

Дел од нив заминале и претходно, избегнувајќи ги, на патот кон Тузла, куршумите и гранатите. Во деновите по падот на Сребреница, масакрирани биле повеќе од 8.000 мажи.

Кога војната во БиХ завршила, во Сребреница останале да живееат само Срби. Жителите Бошњаците биле или убиени, или избегале.

Владата на Босна и Херцеговина и меѓународната заедница, покренале големи проекти за да го охрабрат враќањето во Сребреница, но напредокот бил бавен.

„Првата жена која се врати во 2002 година, беше похрабра отколку што можеше да се верува”, рече Антиќ-Штаубер.

„Сребреница беше црна и сива, со речиси никаква перспектива. Жените живееја во урнатините на нивните стари домови. Тие се вратија со надеж оти ќе најдат знак, дека нивните синови, кои не беа пронајдени, се живи“.

„Моќта на жените” им помогна на овие жени и се обиде, заедно со многу невладини организации и програми, финансирани од странски влади, да ги подобри условите за живот во Сребреница.

Паралелно со нивните постепени напори, се зголемил и бројот на повратници, а во бегалските кампови се намалувал бројот на жители. Така, во периодот меѓу 2002 и 2010 година, околу 5.000 до 6.000 раселени Бошњаци, се вратиле во областа околу Сребреница.

Денес, во една од малите куќички од 35 квадратни метри во кампот Јежевац, живеат 5-11 луѓе, но жените се сеќаваат на деновите кога биле и повеќе од 20.

„Некои жени не се грижеа за хигиената”, вели Фатима Мехмедовиќ, жител на кампот.

Нејзината црна коса е прошарана со бели влакна. И покрај тоа што има 45 години, изгледа како да има 60. Само по нејзиниот длабок, моќен глас, може да се препознае дека е помлада.

Секој месец, жителите на Јежевац добиваат хуманитарни пакети со лекови и храна, но тоа не може да ги покрие нивните потреби. Повеќето од нив се занимаваат со илегална продажба на јаглен, кој го собираат од рудникот во непосредна близина на кампот.

Ноќе, кога камионите превезуваат јаглен, тие ги собираат парчињата што паѓаат од нив. На овој начин заработуваат и до 10 евра по лице.

„Тоа е незаконски и многу штетно по здравјето“, вели социјалниот работник, Сања Марковиќ. „Но, тие треба да јадат и да купат учебници“.

Меѓутоа, додека градините на Сребреница постепено добиваат боја, а „Сила на жените“ им помага на повратниците да засадат цвеќиња кои ќе можат да ги продаваат, Јежевац останува место, во кое е тешко да се живее.

„Бидејќи живееме заедно, тензиите се големи“, вели Џејна Хасиќ, жител на кампот.

„Живееме премногу блиску едни до други, нема што да правиме, секогаш ги гледате истите луѓе и сите тие се депресивни. Има многу тепачки“, вели таа.

Фото: Јоханес де Брујкер

Нема враќање

И покрај тоа што не се вратиле во Сребреница, жените кои живеат во Јежевац, сѐ уште размислуваат за својот роден град.

„Сребреница пред војната!”, вели Хасмета Мехмедовиќ, жител на кампот, сеќавајќи се на просперитетниот живот пред војната, на нејзиното земјоделско семејство.

“Имавме многу цвеќиња, семиња и зеленчук. Имаше доволно пари и животот беше добар, но ако сега се вратам, ќе имам чувство како никогаш да не сум живеела. Градот е чуден и не ги знам луѓето што живеат таму. Моите стари пријатели или заминале, или се мртви“, вели таа.

Куќичките во кампот, кои првично требаше да бидат привремен дом за овие жени, денес станаа нивен постојан дом и тие не сакаат, со враќањето во Сребреница, да го менуваат за неизвесна и застрашувачката иднина.

Повеќето од нив биле на гробовите на нивните најмили во меморијалниот центар во Поточари, но велат дека емотивно е премногу тешко за да се вратат во градот.

„Не, јас никогаш нема да се вратам”, додава Мехмедовиќ.

„Како денеска изгледа Сребреница?”, праша една од жените, во чии очи се насетува меланхолија.

Антиќ-Штаубер верува дека жените кои останале во Јежевац, се жени кои „не ги излекувале своите трауми”.

Но, без оглед на тоа, тие наскоро ќе мора да го напуштат овој камп.

Владата најави дека до 2018 ќе го затвори Јежевац, и дека жените, кои не можат да се вратат, ќе бидат сместени во социјални станови во и околу Тузла.

Кога ова беше спомнато пред жените собрани во главната зграда на кампот, тие почнаа да викаат.

„Како ќе живеам после?”, праша една. „Не сакам да бидам сама!”, рече друга.

„Владата не прави ништо за нас”, нагласува Хасиќ. „’Сила на жените’ е единствената организација која се грижи за нас“, додава таа.

Антиќ-Штаубер вели дека „Сила на жените” ќе продолжи да работи, иако по 22 години, грантовите и помошта од странство се намалени и станува сѐ потешко да им се обезбедат плати на вработените.

Така, социјалениот работник Сања Марковиќ, заминува од оваа организација.

„Ги намаливме платите на сума од 350 до 500 евра месечно”, вели економистот кој работи за „Сила на жените”, кој бара пазари за цвеќето и земјоделските производи што ги произведуваат жените повратници во Сребреница.

„Ако финансирањето од страна на меѓународната заедница целосно прекине, не знам што ќе правиме. Многумина од нас веќе делумно работат на доброволна основа“.

Жените од Јежевац се надеваат дека телевизиските екипи и натаму ќе доаѓаат во Сребреница, на комеморацијата што се одржува секоја година во јули, но се надеваат и дека новинарите, за миг, ќе ги свртат своите камери кон оние кои никогаш не се вратиле дома, а чија тешка судбината е заборавена.

Фатима Мехмедовиќ ги сумира чувствата на жената во една реченица: „Сите не заборавија”, вели таа.