Регион

Караџиќ бара до крајот на годинава да му се овозможи комуникација преку Скајп

Радоша Милутиновиќ, Белград

Радован Караџиќ во судницата во Хаг, во април | Фото: ЕПА-ЕФЕ/Ив Херман/Пул

Поранешниот политички лидер на Република Српска (РС), Радован Караџиќ, побара од Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) во Хаг, до крајот на оваа година, да му овозможи да комуницира со семејството преку интернет.

Одбраната на Караџиќ, поднесе барање до претседателот на судот, Теодор Мерон, во кое се наведува дека секретаријатот на судот, иако Караџиќ прв пат побарал да комуницира преко Скајп уште пред две години, досега не му го овозможил тоа и покрај ветувањата на Мерон.

„Иако имаше повеќе од доволно време, секретаријатот не успеа во примената на технологијата за видео комуникации во единицата за притвор на Обединетите нации, првенствено затоа што ова стана прашање од помал приоритет”, се наведува во поднесокот.

Секретаријатот, на досегашните барања на Караџиќ, одговараше дека „пилот проектот” за видео сервисот, наишол на безбедносни, технички и организациски проблеми.

Бранителот на Караџиќ, Питер Робинсон, во барањето изрази загриженост дека со заминувањето на судијата Мерон, од функцијата претседател на судот, во јануари, досегашните напори, на притворениците во Шевенинген да им се овозможи видео комуникација, ќе бидат безуспешни.

Обвинетите засега можат да се видат со своите членови на семејството, само доколку тие го посетат центарот за притвор во Холандија или да зборуваат со нив по телефон, само доколку притворениците купат телефонска картичка, но и едната, и другата опција, се скапи.

Со првостепена пресуда на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), Караџиќ, во март 2016, беше осуден на 40 години затвор за геноцид во Сребреница, за прогон на Бошњаците и Хрватите низ Босна и Херцеговина, за тероризирање на населението во Сараево и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.

На оваа пресуда, Караџиќ поднесе жалба, но тоа го направи и обвинителството во Хаг, кое побара тој да биде прогласен за виновен за геноцид во уште шест општини и да биде осуден на казна доживотен затвор.

Беше планирано, ММКТ, кој е правен наследник на Хашкиот трибунал, да му ја изрече конечната пресуда на Караџиќ во декември.

Но, изрекувањето на пресудата најверојатно ќе биде одложено, бидејќи судијата Мерон, на барање на одбраната, која го обвини за пристрасност, се повлече од Апелацискиот совет, и наместо него беше именуван нов судија.