Регион

Караџиќ побара дозвола да инсталира Скајп на својот компјутер

Поранешниот претседател на Република Српска (РС), Радован Караџиќ, од Хашкиот трибунал побара дозвола да користи Скајп во притворот, за да може да комуницира со семејството.

Денис Џидиќ БИРН Сараево

Радован Караџиќ во судница. Фото: МКТЈ

Теодор Мерон, претседател на Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ), во вторникот соопшти дека по барањето на Караџиќ, на Уредот на регистри му дал рок од два месеци да ги достави сите информации за креирањето на безбеден систем за онлајн комуникација помеѓу лицата во притворот и надворешни лица.

Караџиќ, прв пат побара да разговара преку Скајп со семејството, во пролет оваа година, но Уредот за регистри го одби, со образложение дека таа комуникација не е доволно безбедна.

Поранешниот претседател на Република Српска упати жалба на оваа одлука.

Уредот одговори дека моментално разгледува различни можности за осигурување на видео комуникациски систем, како и дека со владата на Норвешка, која има програма за пренесување на судењата, и со Меѓународниот комитет на Црвениот крст, кој има систем за комуникација за притворениците, се организирани состаноци.

Рокот кој Мерон му го даде на Уредот да ги изврши сите проверки и да му ги достави сите информации, за да може да се донесе одлука по барањето на Караџиќ, е 12 август.

Претседателот на ММКС во одлуката наведува дека „во принцип смета оти Скајп треба да им биде достапен на затворениците во Хаг“.

Со првостепената пресуда што во март минатата година Хашкиот трибунал му ја изрече на Караџиќ, тој беше осуден на 40 години затвор. Со неа тој беше прогласен за виновен за геноцид во Сребреница извршен во 1995 година, за прогон на муслиманите и Хрватите низ Босна и Херцеговина, за тероризирање на цивилите во Сараево и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.

Со истата пресуда, тој беше ослободен од обвинението за геноцид извршен во 1992 година во неколку општини во БиХ.

На крајот од минатата година, Караџиќ упати жалба до ММКТ, кој ќе ги заврши предметите што ќе останат од Хашкиот трибунал кога тој ќе престане со работа, барајќи да биде ослободен. И Хашкото обвинителство упати жалба, барајќи Караџиќ да биде прогласен за виновен за геноцид извршен во 1992 година.

Конечната пресуда се очекува наредната година.

Објавено и на Балканска транзициска правда