Ракопис

Книжевна награда

Едночинки: Животот е фарса

kokalanov_crtez

Во просторијата за состаноци на неделниот весник, членовите на жирито едвај можaт да се видат еден со друг поради зачаденоста од испушените цигари. Поетот како единствен непушач постојано поткашлува. На масата има десетина книги. Претседателот на жирито отпива голтка од кафето, во кое без да го видат претходно истури малку ракија, и го отвора состанокот. Никој не го гледа, сите имаат фатено по некоја книга во рацете како алиби за да го вперат погледот на друго место.

Покрај Претседателот на жирито, инаку претставник на редакцијата на неделникот, како и веќе споменатиот Поет-непушач, тука се и Професорката (60), теоретичар на литература и редовен кандидат за Академијата на науки и уметности, тука е и Академикот (75), кого смртта неколкупати го заобиколи, последен пат пред неколку недели кога доживеа лесен мозочен удар и се стекна со блага деменција, како и новинарката, која му е десна рака на Претседателот на жирито и тука е за да води записник.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Добро. На последниот состанок со гласање стасавме до десетте дела што влегоа во потесен избор, сега требаше да избереме четири за во најтесен избор, ама времето нѐ притиска, малку и ова со Академикот…

АКАДЕМИКОТ: Ајде сега, јас сум крив… Ако немавте доверба во тоа дека ќе додржам до крај, не требаше ниту да ме поканите…

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Имавме, се разбира Академиче, здравјето е виша сила. Иако, мислам дека би требало да избегнувате да пушите.

АКАДЕМИКОТ: Кој пуши?

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Во пепелникот барем три догорчиња се ваши.

НОВИНАРКАТА: Така е, можеби и повеќе.

АКАДЕМИКОТ: Не би рекол.

ПРОФЕСОРКАТА: Три!? Вие сите доцневте. Додека ве чекавме, почитуваниот Академик испуши барем половина кутија.

АКАДЕМИКОТ: Пих! Не верувајте ѝ, таа гледа преку надежта, а не преку очите.

ПРОФЕСОРКАТА: Што сакате да кажете?

АКАДЕМИКОТ: Без метафори кажано, најпрозаично – ме чекате да умрам за да дојдете на моето место во Академијата.

ПРОФЕСОРКАТА (стаписано): Невидено! Како можете…

ПОЕТОТ: Што сакавте да кажете со тоа „прозаично“?

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Да се вратиме на темата. Поентата ми беше дека претходно требаше да направиме најтесен круг од четири дела и следната недела да го избереме победникот, ама јас мислам да си олесниме и денеска да го избереме победникот.

НОВИНАРКАТА: Најдобро така.

АКАДЕМИКОТ: Немам против.

ПРОФЕСОРКАТА: Јас и така следната недела имам симпозиум.

ПОЕТОТ: Времето е драгоцено, тоа е река што тече, независно од пеењето на птиците.

ПРОФЕСОРКАТА: Што сакате да кажете, дека симпозиумот е обично црцорење на птици?

ПОЕТОТ: Ве молам да не ми ги извртувате метафорите. Оставете го тоа за вашите критики, што никој не ги чита, дури ни студентите, иако им ги барате на испит.

ПРОФЕСОРКАТА: Молам!?

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Оставете сега тоа. Имаме работа. Има ли некој предлог за победник?

АКАДЕМИКОТ: Дозволете јас како најстар… Го предлагам делото „Противотров“ на реномираниот писател Михаил Постотов. Тоа е роман што на извонреден начин создава една, ако смеам така да кажам, една хомологија која тука се сугерира и која нема само хеуристичка вредност: таа подразбира некој идентитет меѓу говорот на ликовите и писмото на авторот, толку колку што е тоа повластен водач на раскажувањето. Еве видете ја сцената со грофицата и мачорот, на пример. Се добива впечаток дека во еден момент мачорот како да станува повластен водач на раскажувањето. Или расказот во кој читателот како да добива една, ако смеам така да кажам, жабја перспектива, затоа што ракурсот на гледањето на нештата е камен преку кој сите газат. Оттука, немам сомнение дека ако ја прогласиме „Противотров“ за книжевно дело на годината, не само што нема да погрешиме туку, ако смеам така да кажам, ќе отвориме нови врати во нашата литература… (кон новинарката) Го запишавте сево ова?

 

Новинарката кимнува. Настанува подолга непријатна тишина. Членовите се гледаат меѓусебе. Претседателот собира храброст.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Академиче, ви благодарам, ова беше прекрасно излагање, но дозволете… Ќе си земам право да кажам…

АКАДЕМИКОТ: Што е сега?

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Па, ова сцената со грофицата и мачорот е од романот „Грофицата и мачорот“, а каменот за кој зборувате е од збирката раскази „Каменот од близу доаѓа“..

АКАДЕМИКОТ: Да?

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Да.

АКАДЕМИКОТ: Можно е.

ПОЕТОТ: Постмодернизам.

ПРОФЕСОРКАТА: Посмодернизам има во литературата, нема во жирирање.

АКАДЕМИКОТ: А вие сте професорка по жирирање?

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Ве молам. Да се фокусираме. Има ли некој друг предлог?

ПРОФЕСОРКАТА: Да. Мене буквално на прво читање ме освои поетската книга „Долина на орлите“.

АКАДЕМИКОТ: Орлите, ако добро паметам, живееја на карпи.

ПРОФЕСОРКАТА: Видовме колку добро помните. Да, инаку, токму во тоа и се состои метафората. Да сте ја прочитале, секако ќе сте имале можност да се уверите и самите во ова што сакав да ви го кажам. Познато е, имено, дека една реченица може да се опише, лингвистички, на повеќе рамништа – фонетско, фонолошко, граматичко, контектуално,  симболичко… Поетот Костадин Костадиновски-Орелот на извонреден начин постигнува значење на сите рамништа…

АКАДЕМИКОТ: Да не знаевме дека ви е асистент, дури и ќе нѐ убедевте оти е така.

ПОЕТОТ: Мене речиси и ме убедивте. Клучен збор – речиси.

ПРОФЕСОРКАТА: Претседателе, ве молам, нема да реагирате?

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ (кон Поетот и Академикот): Господа, ве молам, да бидеме џентлмени. Професорке, вас ќе ве замолам да кажете некој збор и за друга книга. Трет состанок ни е ова, трет пат ни говорите само за „Долината на орлите“ од Орелот.

ПРОФЕСОРКАТА: Имам право на свое мислење.

ПОЕТОТ: Орелот е јалов магионичар на нашата генерација.

ПРОФЕСОРКАТА: Јалов магионичар!?

ПОЕТОТ: Да, не му успеал ниту еден трик, ниту една магија, ниту една метафора, тој е дрво што никогаш нема родено плодови…

ПРОФЕСОРКАТА: И за вас ова е некоја метафора, ова со дрвово, ајде ви се молам… Ако имавте вие ваша книга, веројатно досега ќе се самоубиев од очај.

АКАДЕМИКОТ: Од ваша уста во божји уши.

ПОЕТОТ: Имам.

ПРОФЕСОРКАТА: Што имате?

ПОЕТОТ: Не е важно.

ПРОФЕСОРКАТА: „Утрото по ноќта се познава“ е ваша, зарем не? Знаев. А минатиот состанок ме навредувавте дека не знам кој е Богатин Метафорски, дека не ја следам младата поезија, а тоа сте вие, така?

 

Непријатна тишина.

 

НОВИНАРКАТА: Да нарачаме нешто? Кафе? Чај?

АКАДЕМИКОТ: Алкохол нема ништо?

ПРОФЕСОРКАТА: Вам уште тоа ви треба. За мене еден чај, ќе ве молам.

НОВИНАРКАТА: Од што?

ПРОФЕСОРКАТА: Сеедно. Има нане?

НОВИНАРКАТА: Не.

ПРОФЕСОРКАТА: Мајчина душица?

НОВИНАРКАТА: Не.

ПРОФЕСОРКАТА: Тогаш некој овошен.

АКАДЕМИКОТ: Нема. (Новинарката потврдува дека нема.)

ПОЕТОТ: Дајте ѝ од коприва.

АКАДЕМИКОТ: Ама набрана во долината на орлите.

 

Академикот и Поетот се смеат.

 

НОВИНАРКАТА: Кафе, може?

ПРОФЕСОРКАТА (луто): Не, благодарам.

ПОЕТОТ: И јас како Академикот би пивнал една чашка.

НОВИНАРКАТА: Не се служи алкохол во редакцијава.

ПОЕТОТ: Па тогаш да слеземе долу во кафеана.

ПРОФЕСОРКАТА: Вам таму ви е местото.

ПОЕТОТ: На сите уметници таму им е местото. Уф, заборавив, вие не сте уметник. Вие сте орелот што од високо гледа на уметноста во долината.

ПРОФЕСОРКАТА: Претседателе…

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Во ред, доста е. (на Поетот) Еве, наместо да се расправате, дајте некој предлог.

ПОЕТОТ: „Утрото по ноќта се познава“ од Богатин Метафорски.

ПРОФЕСОРКАТА: Скандалозно! Оваа пијандура нема ни грам етика, сопствената книга ни ја натура… Бесрамник! Ако тој предлог се прифати, јас веднаш си давам оставка…

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Не смеете да гласате за сопствената книга!

ПОЕТОТ: Каде пишува?

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Па, во правилникот.

ПОЕТОТ: Не тоа. Каде пишува дека е моја книга?

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Па, зарем не сте вие Богатин Метафорски?

ПОЕТОТ: Можеби сум, можеби не сум.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Ако не сте, тогаш зошто не го тужите?

ПОЕТОТ: Кого?

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Него. Дури седум песни се идентични со песни објавени во вашата збирка „Ноќта е предвесник на утрото“. А и останатите се со незначителни промени.

ПОЕТОТ: Нема зошто да тужам, тоа се нарекува цитатност, постмодерна…

ПРОФЕСОРКАТА: Се разбира дека нема да се тужи самиот себеси.

ПОЕТОТ (на Престедателот): Сте ја читале „Ноќта…“? Восхитен сум.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Немојте да бидете. Морав да ја прочитам, две години по ред ни ја пријавувавте на конкурсот за наградата.

 

Непријатна тишина.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ (на Новинарката): Колешке, имате вие некој предлог или јас да земам збор?

НОВИНАРКАТА: Земете слободно.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Јас го предлагам „Петелот во чизми“ на Давор Никифоровиќ. Прекрасно дело во кое секоја страница како да крие во себе по еден есеј за животот.

ПОЕТОТ: За животот на петелот?

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Не, петел нема во делото.

ПОЕТОТ: Како да ве чув дека спомнавте петел.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Не ми се верува, зарем не сте го прочитале!?

ПОЕТОТ: Времето беше кусо, морав некое дело да прескокнам.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Професорке?

ПРОФЕСОРКАТА: Јас не би навлегувала во квалификување на споменатото дело, само би рекла дека „Долината на орлите“, сепак, натежнува поради тоа што ние во теоријата го нарекуваме план на описот на дискурсот. Поточно, зборувам за два плана: диспозитио и елокутио. Леви-Строс веќе уточни дека конститутивните единици…

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Професорке, ве молам…

НОВИНАРКАТА: Не можам да пофаќам сѐ.

ПРОФЕСОРКАТА: Оставете ме да се доискажам. Конститутивните единици на митскиот дискурс, таканаречените митеми, примаат значење само затоа што се групираат во пакети, а самите пакети се испреплетуваат, што Костадин Костадиновски одлично го прави.

ПОЕТОТ: Орелот ништо не прави одлично. Тој е грабливец на награди, тој е мршојадец  на книжевни остатоци, неговата поезија е лесна како пердув, тој е… (не му текнува како да продолжи).

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Очигледно, тешко ќе ги усогласиме ставовите. Можеби, Академиче, вие треба да пресечете. Академиче? (Академикот гледа во една точка.) Академиче! Да му ебам матер, немој сеа на задњи состанок да ми умираш! (Станува, нервозно шета околу масата.) Дај видете дали има пулс!

НОВИНАРКАТА (срипува и го допира на вратот): Мислам дека нема.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Како тоа мислиш!? Има или нема?

НОВИНАРКАТА: Не знам. Осеќам нешто, ама да не е тоа мојот пулс!?

ПОЕТОТ: Сигурно не е твојот, а не е ни неговиот. Од левата страна допри го.

НОВИНАРКАТА (го допира од левата страна на вратот): Можеби има малку.

ПРОФЕСОРКАТА (го допира и таа): Каков пулс!? Веќе почнал да се лади човеков. Викајте мртовечка кола.

ПОЕТОТ: И викнете комисија за прием на нови членови во Академијата, да се бутне професоркава веднаш на негово место.

ПРОФЕСОРКАТА: Морбиден сте.

ПОЕТОТ: Вие сте некрофил.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Дами, господа, ве молам. Имаме работа. Дајте да завршиме со изборот денеска. Ѝ ветив на жена ми дека следната недела ќе одиме малку на планина.

НОВИНАРКАТА: Вака ли ќе го оставиме?

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Кого?

НОВИНАРКАТА: Академикот.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Не гледате ли дека е мртов!?

НОВИНАРКАТА: Да викнеме брза помош?

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Тоа само уште повеќе ќе нѐ забави. Еве, да гласаме. Кој е за тоа да викнеме брза помош?

 

Само Поетот крева рака.

 

ПОЕТОТ (на Новинарката): Вие предложивте, нема ли да гласате за вашиот предлог?

НОВИНАРКАТА: Водам записник, не можев да кренам рака.

ПОЕТОТ: Значи, сепак сте за.

НОВИНАРКАТА: Не, јас сум воздржана.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Двајца против, еден воздржан, еден за. Предлагам да продолжиме.

ПОЕТОТ: Добро. Ајде тогаш да гласаме! Очигледно, копјата се кршат околу „Долина на орлите“ и мојата збирка.

ПРОФЕСОРКАТА: Не може да учествува вашата збирка, жалам.

ПОЕТОТ: Која моја збирка?! Реков збирката на Метафорски.

ПРОФЕСОРКАТА: Не, рековте мојата.

ПОЕТОТ: Не ставајте ми зборови в уста!

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Така рековте.

ПОЕТОТ: Не е можно.

НОВИНАРКАТА: Влезе и во записник.

ПОЕТОТ: Не може ли да се извади? (Новинарката одмавнува со главата.) Па, добро, тогаш мојот предлог е наградата оваа година воопшто да не се додели, а да се удвои фондот за следната година.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Тоа е спротивно на правилата. Видете, овде сме си наши, дајте да бидеме искрени (на Поетот). И вие (на Професорката), а богами и Вие прочитавте само по едно дело, односно вашиот фаворит…

ПРОФЕСОРКАТА: Не е точно. Јас прочитав повеќе дела…

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Колку?

ПРОФЕСОРКАТА: Шест-седум, сигурно.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Ама ајде, ви се молам.

ПРОФЕСОРКАТА: Ве уверувам дека е така. И ве молам да не ме напаѓате со такви небулози, зашто веќе никогаш нема да ви ја прифатам поканата да бидам дел од ова жири, а знаете дека и вака имате доста проблеми да го составите… Значи, престанете со невистини.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Шест-седум? Сакате да отвориме дискусија за нив?

ПРОФЕСОРКАТА: Со тоа што останатите отпаднаа при претходните селекции, остана единствено „Долина на орлите“.

ПОЕТОТ: Ова е невидено.

ПРОФЕСОРКАТА: Јас барем една имам прочитано. Вие ниедна?

ПОЕТОТ: Како мислите ниедна?

ПРОФЕСОРКАТА: Па и таа единствената сте ја напишале, не сте ја прочитале. Има разлика.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Колешката исто така нема читано, нејзе јас ја ослободив, зашто има многу дневни обврски, а и мора да го средува записникот меѓу два состанока…

ПОЕТОТ: Зошто тогаш да гласа?

ПРОФЕСОРКАТА: Морам да признам дека за оваа работа се согласувам со него, навистина, зошто таа да гласа ако нема прочитано ниту едно дело?

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: А зошто вие да гласате со по едно прочитано дело?

 

Непријатна тишина. Професорката и Поетот гледаат во масата.

 

ПРОФЕСОРКАТА: Изгледа ќе треба да гласаме помеѓу мојот предлог „Долина на орлите“ на Костадин Костадиновски и предлогот на Претседателот на жирито „Петелот во чизми“.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Во ред, да гласаме. Колешке, ве молам поделете ливчиња.

 

Новинарката им дели ливчиња, сите пишуваат, па му ги даваат на Претседателот.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Орлите, Петелот, Петелот, Орлите!? (кон Новинарката) За кого гласаше ти?

ПРОФЕСОРКАТА: Ве молам, гласањето е тајно.

ПОЕТОТ: Не вршете ѝ притисок, ве молам!

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: И сега што правиме?

ПОЕТОТ: Можеби можеме да замижиме и наградата да му ја дадеме на Метафорски…

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ и ПРОФЕСОРКАТА: Не доаѓа предвид!

НОВИНАРКАТА: А да избереме некое соломонско решение?

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ (се гледа дека сѐ уште ѝ е лут): Повели, Соломонке, предложи некоја мудрост?

НОВИНАРКАТА: Шо знам, ни таа, ни таа.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Е па која?

ПОЕТОТ: „Утрото по ноќта се познава“.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ и ПРОФЕСОРКАТА: Престанете!

НОВИНАРКАТА: Па ете, таа Академикот што ја предложи.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Која од трите? Три книги измеша Академикот.

НОВИНАРКАТА: Ништо, тогаш жрепка.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Веројатно не е многу соломонско решениево, ама ајде и тоа е нешто. Веќе ме чекаат за ручек дома.

 

Новинарката пишува ливчиња. Потоа ги тутка и ги фрла на масата. Претседателот зема едно и го отвора.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ (со чудење): „Фортуната не живее овде“ од Светислава Симонова!? Која е оваа? Оваа ни јас не сум ја читал.

ПОЕТОТ: Јебига, нејзина среќа. Иако мислам дека „Утрото…“ е за нијанса подобра.

ПРОФЕСОРКАТА: Може ли јас да се изземам, не би сакала утре да се срамам од моите студенти…

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Не може! Сите сме во оваа каша.

ПРОФЕСОРКАТА (неволно): Ако инсистирате.

НОВИНАРКАТА: А, кој ќе напише образложение?

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Академикот, тој е најстар.

НОВИНАРКАТА: Да, но умре…

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Сигурни ли сме?

 

Новинарката повторно му ја проверува жилата.

 

ПОЕТОТ: Не на таа страна.

 

Новинарката проверува на другата.

 

НОВИНАРКАТА: Како да допирам камен.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Можеби требаше да ја избереме„Каменот од близу доаѓа“.

ПРОФЕСОРКАТА: Ајде сега да не менуваме, тоа е што е.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Вака, колешке, вие бидејќи ништо не прочитавте, за разлика од нас кои колку-толку читнавме по нешто, ќе добиете задача да ја прочитате оваа, како се викаше…

НОВИНАРКАТА: „Фортуната не живее овде“.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Така е и ќе напишете едно образложение…

НОВИНАРКАТА: Ама…

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: А и ќе подразмислите другпат дали да се правите паметна кога се гласа за вакви сериозни работи. Јасно?

 

Новинарката кимнува со главата.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ (станува, а и другите по него, вклучително и Академикот): Вие жив сте?

АКАДЕМИКОТ: Се исклучив малку.

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ: Дозволете на сите да ви се заблагодарам за успешната работа, мислам дека имавме тежок избор, би се рекло слатки маки, но на крајот сепак пресуди квалитетот на делото што ќе блесне на нашата литературна сцена. Откриваме еден нов автор, едно ново име, па да се надеваме дека реномето што ја има оваа награда, ќе му го трасира патот на авторот кон нови книжевни откровенија. Ме чекаат за ручек, ве поздравувам и ви честитам.

 

Сите се поздравуваат, си честитаат.

 

КРАЈ

Илустрација: mat’s eye via Foter.com / CC BY