Вести

Кочан со државни пари ќе го заврти бројчаникот на Заев

Со јагленот за РЕК „Битола“ ќе се плати дел од сметката на „Трансмет“ | Фото: ЕЛЕМ

Тендерите што компанијата „Трансмет“ ги доби откако Специјалното јавно обвинитество отвори истрага против неа, ќе беа доволни за таа да покрие над 40 отсто од сумата што треба да и ја врати на државата според изречената пресуда во случајот „Труст“.

Освен што одговорните лица Сеад Кочан и Василије Авировиќ добија затворски казни од шест, односно три години, казни има и за нивните компании, „Трансмет“ и „Силекс неметали“. Тие треба да ја вратат сумата од 17,2 милиони евра што ја заработиле од спорниот тендер со „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ), да платат казни од по два милиони денари, а во наредните три години не можат да учествуваат на тендери, да склучуваат договори за јавни набавки или да влегуваат во јавно-приватно партнерство.

Со тоа бројчаникот за вратени пари од нелегални зделки на претходната власт, што го најави премиерот Зоран Заев, ќе се заврти за околу 17,3 милиони евра. Околу 7,2 милиони евра од нив, или 42 отсто, се обезбедуваат од договорите што и биле доделени на фирмата на Кочан откако се нашла под истрага на СЈО.

Февруари 2017 година беше период на постизборна политичка криза. Поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ не успеа да формира влада и бараше нови избори, сегашниот премиер Заев како опозициски лидер го бараше мандатот, претседателот Ѓорге Иванов не му го даваше, а на улиците се протестираше за „заедничка Македонија“. Меѓу сите тие настани, на 28 февруари Специјалното јавно обвинителство објави дека отвора нова истрага со кодно име „Труст“, за злоупотреба на постапката за јавен повик.

Истиот ден, „Трансмет“ како една од трите осомничени фирми, склучила три договори со скопското јавно претпријатие „Улици и патишта“ во вредност од 117 илјади евра, покажуваат податоците од електронската архива на Бирото за јавни набавки.

Но тоа се ситни пари во споредба со сумата од тендерот што компанијата на Кочан го доби откако политичката криза заврши, а СДСМ формираше влада и го презеде управувањето со сите институции. На 13 октомври минатата година таа склучи договор повторно со ЕЛЕМ, за истата услуга како во случајот „Труст“, ископување јаглен, во  вредност од 7,1 милион евра. Оваа сума ќе покриеше 41 отсто од казната.

По укажувањето од Владата дека во февруари АД „ЕЛЕМ“ информирала со соопштение дека „Трансмет“ се откажал од договорот, ги побаравме информациите на страницата на Бирото за јавни набавки, но таму договорот се уште стои како валиден. Информацијата за поништувањето ја најдовме само како вест пренесена од медиуми, а не е објавена ниту на официјалната страница на државната компанија.

„Силекс неметали“ нема склучено ниту еден договор за јавна набавка од моментот кога се најде под истрага на СЈО. Третата фирма од „Труст“, , „Вато“, која беше ослободена со оваа пресуда, во периодот меѓу отворањето на истрагата и изрекувањето на пресудата заработила 239 илјади евра од три тендери.