Истражувањa

Колку поисточно, толку потажно

На ранг-листата на македонските региони според економските услови и шансите за работа најдепресивен, а со тоа и со најмалку услови за работа е македонскиот исток, а најпрогресивен останува главниот град

Иако мала земја, со едвај два милиони жители, Македонија сепак не им нуди еднакви шанси за работа на сите свои жители. Граѓаните се соочуваат со различни економски услови, само зависно од регионот во кој живеат. Кога станува збор за Македонија, не важи старата максима од времето на поранешна Југославија „Колку појужно, толку потажно“. Економски најдепресивен, а со тоа и со најмалку услови за работа е македонскиот исток. Спротивно, можеби и за очекување, најпрогресивен останува главниот град, но не толку полошо е и на југот и на западот. Следи рангирањето на осумте региони во земјава направено според економски критериуми.

1. Скопски регион

Главниот град Скопје и околината водат на оваа ранг-листа според економските услови и шансите за пристојна заработувачка. Овој регион е прв според дури 5 од вкупно 8-те групи на критериуми според кои е направено ова рангирање. Иако вработеноста во Скопје (39,1%) е во рамките на републичкиот просек (40,6%), сепак просечната нето-плата (24.698) е далеку највисока во споредба со сите останати седум региони. Важно е да се има предвид дека за потребите на истражувањето, сите групни и збирни податоци се сведени по жител, за да се добие реална претстава за економските услови и за шансите за работа за граѓаните во секој од регионите. Така, ако Скопје, поради неспоредливо големиот број на жители не стои најдобро во однос на вкупниот број на активни и на новоформирани фирми, сепак може да се пофали со најмал број на затворени фирми во однос на бројот на жители. За динамичноста на скопскиот регион зборува и податокот дека Скопје води и според бројот на изградени станови и на издадени одобренија за градење. Во Скопскиот регион се создава и најголем дел од сето она што се произведува во земјава, а инвестициите во основни средства кај фирмите во овој регион се за двојно повисоки од сите други региони. Иако за некое друго рангирање од аспект на здравата животна средина можеби ќе биде негативен показател, овде се смета како еден од реперите за подинамичен живот – а тоа е количеството на комунален отпад што се создава во Скопје кое најголемо од сите региони. И, на крајот, во Скопје е најголем бројот на ученици во основно и во средно образование како однос со вкупниот број жители. Сите овие фактори заедно придонесуваат Скопје и околината да бидат најповолен економски регион во земјава.

2. Југоисточен регион

На второ место според економските услови и можностите за работа е југоисточниот регион, кој покрај Струмица како најголем град ги опфаќа и Радовиш и Гевгелија. Овој регион е прв според две од 8-те групи критериуми – домаќинства што користат интернет и, можеби уште поважно, вработеност на населението. Имено, во југоисточниот регион, од една страна, е далеку највисока вработеноста кај жителите (56,8%), а од друга страна, исто така далеку е ниска стапката на невработеност (18,8%). Тоа го прави најатрактивен регион за вработување. Сепак, не може да се очекува и некоја висока плата, бидејќи висината на нето-платата во овој регион е трета најниска во целата земја. Овој е втор регион во земјата според вредноста на создадените нови производи и услуги (бруто-домашен производ) по жител, иако стои слабо според инвестициите во основни средства. Сѐ на сѐ, овој регион изби на второто место според економските услови.

3. Полошки регион

Полошкиот регион со Тетово и Гостивар како најголеми градови и населени места го зазема третото место на оваа ранг-листа, со слични бодови по вклучените критериуми како и второ рангираниот југоисточен регион. Полошкиот регион има едно прво и едно последно место од осумте групи на критериуми, но и две втори места. Полошкиот регион е далеку најдобар според вкупниот број на активни и новоформирани фирми по жител, а најмалку згаснати фирми по жител. Спротивно, овој регион учествува со најмал процент во создавањето на бруто-домашниот производ на земјата. Она што го издига овој регион на третото место на ранг-листата е и висината на платите. Покрај Скопје, единствено во овој од сите други региони надвор од главниот град, просечната нето-плата е повисока од 20.000 и изнесува 20.256 денари. Регионот води и според бројот на издадени одобренија за градење.

4. Пелагониски регион

Иако рамо до рамо со полошкиот регион, но сепак на четврто место на оваа ранг-листа е Пелагонија со Битола и Прилеп како најголеми градови. Овој регион има неколку високи места, но и едно последно место од аспект на осумте групи на критериуми за рангирање. Сепак, се чини дека регион стои добро според неколку клучни критериуми – вработеност, невработеност и просечна плата. Пелагонија има втора највисока стапка на вработеност од 50,1% (и втора која покрај југоисточниот регион прекинува 50%, додека сите други региони се под 50%). Регионот исто така има трета најниска стапка на невработеност од 22,2%, а и просечната нето-плата е малку под границата од 20.000 и изнесува 19.804 денари. Од друга страна Пелагонија има меѓу најниските броеви на новоизградени станови по жител и најнизок број на издадени одобренија за градење по жител.

5. Југозападен регион

Според вкупно освоените бодови, иако не точно на половина, југозападниот регион ја заокружува првата половина на региони според економските услови. Според речиси сите осум групи на критериуми, овој регион е во средината –активни, новоформирани и згаснати фирми по жител, број на новоизградени станови, како и на издадени одобренија за градба. И платата од 19,329 денари е во средината, иако под просекот (21.145). И вработеноста од 35,6% и невработеноста од 36,7% се полоши од просекот. Спротивно, регионот не стои толку лошо според инвестициите во основни средства, комуналниот отпад што го создава (повторно во економска, а не во еколошка смисла), користењето на интернет и бројот на ученици во однос на вкупното население.

6. Вардарски регион

Вардарскиот регион ја почнува последната, најлоша, група од три последни региони во земјава според економските прилики и шансите за работа. Овој регион е само малку подобар од следниот на ранг-листата, претпоследниот, источен регион, иако бројот на бодови им е речиси идентичен. Вардарскиот регион, со Велес, Кавадарци и Неготино како најголеми места, стои убедливо најлошо според три важни критериуми: број на деловни субјекти, новоформирани и згаснати фирми по жител. За пасивноста на регионот зборува и лошиот ранкинг според број на новоизградени станови и на издадени дозволи за градба по жител. Просечно исплатената нето-плата изнесува само 16.723 денари и е 79% од републичкиот просек.

7. Источен регион

Претпоследен на оваа ранг-листа е источниот регион со Штип, Кочани и Делчево како најголеми места. Овој регион има слично освоени бодови со вардарскиот регион, но е полошо рангиран бидејќи има последни места по повеќе критериуми. Регионот не стои толку лошо според бројот на активни и новоформирани фирми, како и издадени одобренија за градење по жител. Спротивно, просечно исплатената плата од 15.342 денари е убедливо најниска во целата земја (просечната плата во скопскиот регион е повисока за повеќе од 60%). Наспроти ниската плата, овој регион ужива висока, трета по ред, стапка на вработеност (49,1%) и втора најниска стапка на невработеност (19,5%). Спротивно, источниот регион има најмалку ученици во основно и средно образование како дел од вкупното население и втор најнизок процент на домаќинства кои користат интернет.

8. Североисточен регион

Крајниот северо-исток од земјава е апсолутно и најдепресивниот регион според економските услови и шансите за работа. Од осумте критериуми, овој регион има освоено најмногу последни и претпоследни места. Североисточниот регион во кој спаѓа и вториот најголем град во земјава, Куманово, е дефинитивен рекордер според два клучни критериуми – стапката на вработеност единствено овде е пониска од 30%, а стапката на невработеност единствено овде е повисока од 40%. Поточно, вработеноста изнесува едвај 29,9% (за споредба просекот во земјата е 40,6%), а невработеноста изнесува 44,9% (просекот е 29%). И просечната плата од 16.398 денари е втора најниска во земјата. Ниски се учеството во создавањето на бруто-домашниот производ, новоизградените станови и бројот на издадени дозволи по жител. Убедливо најниски се инвестициите во основни средства, како и процентот на користење на интернет. За споредба, овој регион е за двојно полош од водечкиот, скопски, регион според вкупно освоените бодови по сите критериуми.

piktochartee