63-те Пратеници: Решение на кризата, или на државата?

Колумна на Димитар Димитров

„Кризата ќе заврши само со 63 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Тоа е главна гаранција (…) дека Заев и неговата банда нема да ја дестабилизираат Македонија.“

Таква е позицијата на Груевски, што ја повторуваат на митинзите сите негови следбеници. И тоа е прекрасно објаснување на кризата, а ужасен принцип за следење.

Позицијата со 63 пратеници не е некоја нова идеја,  иако, и да беше таква, не ќе можеше некритички да се сподели. Таа е проверена, со неа е експериментирано речиси през целиот период од осамостојувањето на РМ. Експлицитно е промовирана пред осум години, на предвремените парламентарни избори 2008. Тогаш Груевски апелира за 62 пратеника – за да не му правело проблеми Собранието и за да не биде уценуван.

Цинизам е, симболот под кој нашите предци гинеле за слобода и за правда, вака да се сквернави заради покривање на неправда и криминал

Овој апел, што сега пак се повторува, крие однос кон уставното уредување и кон опозицијата. Собранието го подразбира како пречка, опозицијата како непријател, било да се етнички Албанци, било „бандата“ на Заев. Десет години парламентарно мнозинство, при таквата политичка философија, на владејачката партија и` обезбедува апсолутен монопол: на вистината, на правото, на одлучувањето.

Тоа во крајна линија повлекува стравотна редукција на умот (на граѓанскиот/националниот/општествениот потенцијал) до паметта на партискиот лидер. Уставните ингеренции на институциите замираат, автономните функции на економијата, науката, уметноста, образованието се инхибираат, мнозинството од населението се исклучува од придонесувањето и користењето на ресурсите.

Жетвата е стагнација и назадување во економијата и демократијата, опстанок условен со задолжување, иселување. Масовно прислушување заради држење под контрола на состојбата посредувана од неконтролираната власт. Чашата се прели со насилното исфрлање на опозицијата од Собранието и со обзнанувањето на масовното прислушување.

Така принципот на 63 пратеници создаде ситуација што предизвика меѓународна интервенција за решавање на кризата. Затоа велам,  апелот за 63 пратеници е прекрасно објаснување на кризата. Решението што го замислува Груевски е само друго, негово име за кризата. Кризата е неговата автократска и криминална власт. Кризата е тој лично и неговиот извршен комитет, што СЈО го осомничи како злосторничко здружение.

Пржинскиот договор , што ги пропиша овие избори, не ја споменува „бандата“ на Заев. Тој кризата ја дефинира со стопувањето на партијата и државата и со кривичните дела индицирани од масовното прислушување. Па предвидува цела низа реформи (Извештајот на Прибе) за департизација на државата и санкционирање на кривичните дела (СЈО).

За чудење на Ванхауте („Зборот е збор“), на Груевски ништо не му значи потписот под Пржинскиот договор.  За него решението на кризата не се условите од тој договор, туку 63-те пратеници кои ќе му овозможат да се спаси од тие услови па да ги „клоцне“ Ванхојтевци, Катици и „бандата“ на Заев.

За таа цел тој врши замена на тезите, ги избегнува причините што ги предизвикаа овие избори и се фокусира на „големите“ теми на меѓуетничките односи, во кои сега го инволвира и Заев, како опасност по уставното уредување. Наспроти него, „ВМРО“ (со префиксот, без основното име!) стоел на браникот на татковината и на народот.

Aпелот за 63 пратеници е прекрасно објаснување на кризата. Решението што го замислува Груевски е само друго, негово име за кризата

Цинизам е, симболот под кој нашите предци гинеле за слобода и за правда, вака да се сквернави заради покривање на неправда и криминал. Да беше ова ВМРО, Груевски и неговите следбеници не ќе можеа да ги користат погодностите што им ги остави Пржинскиот договор. Несразмерно помали престапи, ВМРО многу порадикално ги санкционирала .

Последен час е да го прекинеме ова паразитирање од митови и флоскули  поврзани со искушенијата на нашите предци како вмровци или фашисти, комунисти и балисти.

Нашиот предизвик е натпреварот на компетентни политики, на економски развој и на европеизација. Опозицијата е уставна категорија, и деструктивно е да се смета за деструктивна и да се исклучува од тој натпревар. Тоа е, се разбира, недемократски, неправда и параван за самоволие и грабеж – злоупотреби широко документирани во прислушуваните разговори.

Затоа 63-те пратеници на Груевски би ги направиле и овие избори апсурдни како и претходните. Би довеле до натамошно назадување, осиромашување, апатија, безнадежност и интензивирање на иселувањето. Тоа би било решение на кризата преку решение на државата. Како решение на болеста со смртта на болниот.

И три пратеници се многу за таков лидер и за таква партија.