Ако СПЦ не ве прима на кафе, пробајте со Скарлет Јохансон

Колумна на Сашо Кокаланов

Толку убав споменик изградија за АСНОМ спроти Собрание, преубав, а нашиве сѐ уште ја молат СПЦ да ги пуштела во манастирот Прохор Пчињски таму да славеле. Еве и да нѐ пуштат, што ќе правиме, во манастирот веќе ни спомен-плочата ја нема, ќе мора пред некоја фреска да се положи венец.

А овде, во Жена парк, целиот чин ви е доловен. Тројца седат (Киро ви е записничар, што сакате повеќе), четворица стојат зад оние што седат (така е претставен телохранителот во македонската современа уметност), и конечно, двајца му се ракуваат зад грб на оној што зборува на говорница (македонска класика).

Кога човек ќе застане простум пред овој споменик, добива чувство дека АСНОМ се случува сега и овде, пред неговите очи, па му доаѓа просто да му подаде чаша вода на говорникот. Проверив за секој случај да не ја има и чашата во бронза. За среќа, ја заборавиле.

Алал да му е на оној во МНР кој секоја година ја пушта истата безнадежна депеша до колегата од Србија со една иста содржина:

Здраво колега, еве пак јас. Каде на одмор годинава? Грција било скапо, Охрид тресе… И јас сум со исти маки. Како се жената, децата? Сигурно многу пораснале синчето и ќеркичката од минатиот пат кога ти пишав за Прохор Пчињски, ангелчиња.

Да, Прохор Пчињски. Се разбира дека нема да нѐ пуштите, ама знаеш дека секоја година одам на одмор во август, само за да го пуштам писмово и да чекам да не дојде случајно одговор. И подобро, да ти кажам. Потопла е водата во август. Иако, знае и да има медузи тоа време. Среќа во Охрид немаме медузи. Ма, „никад се не зна“, и во Дојран немаше пирани, па се појавија. Поздрав. Се слушаме догодина ова време.

Се разбира дека нема да стаса одговор, но ја знаете сигурно изреката за „леп“ и за „упоран“. Е, во случајов, некој проценил дека не сме многу убави, па удривме на упорност. Со ваква вонземна настојчивост, убеден сум дека кога-тогаш СПЦ ќе ни даде. Иако, можеби повеќе се исплати да се проба среќата кај Моника Белучи, Скарлет Јохансон или Ема Стоун (зависно од генерациската припадност), отколку кај разни Павлиња и Иринеи.

Или ако веќе толку сме решиле или Прохор Пчињски или ништо, зошто да не ја искористиме нашата најголема „врлина“ – преварантството, во народот еуфемистички познато и како итарпејовска итроштина.

Полезен може да биде вицов: Оди еден маж кај селскиот поп да се исповеда.

– Оче згрешив… најсрамниот грев го направив!

– Кажи чедо – Бог е милостив, ќе ти прости…

– Не можам оче, срам ми е!

– Да не е со Митра на воденичарот?

– Не оче, голем грев, ми изгоре душата…

– Да не е со Јана, на грнчарот жена му?

– Не оче… Ќе се варам цела вечност во Казан… Лелеее !!!

– Да не е со снаата на даскалот Трајан?

– Не оче, прости ми не можам, не можам да кажам…

И си тргнал. На излегување од црквата се сретнал со свој сосед и соседот го прашува:

– За каква работа си тука бе Пејо, што сакаш?

– Слушај комшо, да ти раскажам, ми се избришале сите броеви од мобилниот, па не ми текнуваше на сите луѓе од селово…

Можеби СПЦ чекаат македонски државник да побара да се исповеда, па да нѐ примат. За сите смртни гревови што ги направивме кон српството како такво.

– Оче, го признавме Косово.

– Десет Оче наш, чедо мое.

– Ама не е само тоа, сакаме да влеземе во НАТО.

– Хиии. Пу пу пу…. Десет Деви Марии…

– А и со Бугарија ќе потпишуваме договор за добрососедство…

– Нека је Бог са вама…

– Оче, и во баскет еднаш ве тепавме, непланирано… А и за Федерер имам навивано против Ѓоковиќ…

– Јао, куку, како си ти грешан….

– А и оно главно да ти признам, оче. Док ми овде веома врло лепо ќаскамо о гревовима, двоје мојих људи су веќ положили венац. Ај ќао.

Како за земја со нова власт, која најавуваше долго време дека конечно ќе се сврти кон иднината, а не кон минатото, поприлично мелодраматични ми се овие патетики за прославата на Илиндените. Недостига уште да прочитаме статус на пратеник од владејачкото мнозинство:

Син ми ми се јави да ме праша дали стварно и оваа година нѐ одбиле за Прохор Пчињски. Што да му кажам. Тажно.

Навистина тажно. Ако ова е најголемиот национален празник и еден од двата најголеми државни, малку е глупичко прославата секоја година да ни зависи од некоја групичка во мантии, таму зад границата. Ете, се случило овој важен историски настан да се одржи во манастир за кој со години надлежен е владиката врањски Пахомије, суден за педофилија (во два случаја обвинителството не собрало доволно докази, а за други два случаја настапи застареност!?). И што да правиме сега? Да клечиме и да молиме пред  човек суден за педофилија. Не, благодарам.

Новата влада направи добри чекори за подобрување на односите со соседите и треба да го држи тој курс. Инаетот на тврдоглаво магаре не може да се победи така што и ти ќе му водиш инает на магарето. Претходната власт сериозно ги загрози сите претходни Илиндени, меѓу другото, токму со инает и товарење на својот грб вреќи историски шут. Идејата на сите Илиндени е оваа државичка да опстои и да биде пристојно место за живеење. Тоа најмалку зависи од начинот на прослава на Илинден, уште помалку од локацијата.

Дваесет и први век е, ало! Треба да престанеме да докажуваме колку сме неизживеана нација. Говорите секоја година за 2 Август се глупост. Па, уште и распоред на дежурства, кој каде. Па, ние бре луѓе, да бевме Американци ќе скокавме со кесички чај во Атлантски Океан кај Бостон за да ја прославиме Американската револуција и борбата за независност.

Остајте ги прославите на фолклорните друштва и на овие коњаниците од Драчево на кои им ги изедоа коњите на комитски вечери, бавете се со вистински државнички работи!

Оставете го Хорхе сам. Нека зборува каде сака. И така последниве месеци, ако не и години, тој дејствува како охридски земјотрес – таман ќе помислиш се скротил, го снемало, се стишал – ќе тресне. Неговата работа е да ѝ „ускочи“ на припомош на партијата тогаш кога Даниела Рангелова е на шопинг и не може да одржи прес. Така треба да се третираат и неговите обиди да се закочи секој акт на добрососедство што нѐ води напред.

Туку, кога сме кај Хорхе и Илинденците, да прашам: овие од четвртиот Илинден каде ќе говорат за 2 Август? Па није ваљда да сте и ви дигли руке од Македоније, мајку вам божју!