Бела кошула ленена, за Трамп навезена

Колумна на Сашо Кокаланов

Откако Ленка остави
кошула тенка ленена
недовезена на разбој
таа во интернет – кафе отиде
за Трамп вести да реди в сајтови –
лицето ѝ се измени
веѓи се кренаа нагоре
и усти се во насмевка развлекоа.
Ленка милиони си направи
остана кошула недовезена…

Најголем губитник на изборите во САД е градот Велес. Независно од тоа што Клинтонови во јануари нема да се спојат повторно на семеен ручек во Овалната соба на Белата куќа, најтажно сепак не е во нивниот дом туку во домовите на многу млади велешани. Со самото тоа што изборите се завршија, ќе заврши и американскиот сон за многумина од овие интернет-гемиџии, кои во американското предизборие можевте да ги чуете низ велешките сокаци како си ги потпевнуваат стиховите „денови ли се денови, тешки милиони големи“.

Веројатно сите веќе прочитавте за новите „тутуноберачи“ кои наместо златни листови тутун нижат зелени банкноти. Станува збор најчесто за млади луѓе, со добар англиски, повеќето од Велес, но ги има и во Куманово, Штип и од Скопје, вкупно неколку десетици, кои најмногу, благодарение на американските избори месечно, заработуваа и до 30.000 евра.

Тие високо ги ценат заложбите на Зоран Заев за просечна плата од 500 евра, како и напорите на Никола Груевски да ги реши сите комунални проблеми на секој човек во земјава и пошироко, но некако повеќе се интересираат за американската предизборна капања отколку за македонската.

Налет и петстоте евра на Заев, налет и сто и шеесетте илјади работни места на Грујо, ако можеш сам да си отвориш работно место со просечна плата од 30.000 евра. Овие млади претприемачи си отворија мали бизниси за кои не им требаше богзнае каков влог – компјутер, регистриран домејн и добра интернет врска, а потоа доларите течат како дождовна река низ улица во Стајковци.

Добро е да се знае дека сатирата станала еуфемизам за непотврдени и неточни информации и за гласини. Сега ќе ни е полесно да ги гледаме македонските национални телевизии, да ги читаме македонските најкликани портали, кои долго време погрешно ги есапевме за сериозни

Што правеа овие луѓе? Ништо посебно. Реобјавуваа вести од кампањата, но се фокусираа на оние посензационалистичките, оние што носат кликови. Прво почнаа со класична пиратерија, односно крадење вести од лево-десно, а потоа се охрабрија, па и самите почнаа да креираат содржини. Почнаа со Клинтоница, но (што ти е добар „њух“!) набргу се префрлија на Трамп.

Немаше туку никаква политичка преференција, едноставно поддржувачите на Трамп повеќе кликаа драматични наслови поврзани со Хилари отколку обратно. Се разбира, домејните звучат крајно американски, и долго време никој не претпоставуваше дека стотици од овие веб-адреси се измислени и се полнат со „вести“ во далечната и пријателска Македонија. Целата филозофија, всушност, во овој мал бизнис за големи пари, е да те прифати Гугл како легитимен сајт, со што стануваш потенцијален носител на „Гугл едс“, односно на рекламите што ги пласира Гугл, а тие тежат повеќе милиони – не секој месец, не секоја недела туку – секој ден. Ловот на наивни американски читатели може да почне. Со секој клик капнува по некоја паричка. А текстовите на овие македонски американски веб страници имаа по стотици илјади кликови.

Интересно е, притоа, како тие самите ги доживуваат содржините што ги објавуваат:

„Во последните три месеци, 80% до 90% од текстовите кои ги објавуваме се оригинални, а претходно преземавме содржини од други веб страници како Business Insider и CNN. Од оние кои ги објавуваме сега, дел се сатира, околу пет проценти. Тие не се вистинити, но токму овие текстови најмногу ја возбудуваат публиката. Тоа се непотврдени информации, нешто што не е точно, нешто за што се зборува“, објаснува ДД за „Дојче веле“.

Добро е да се знае дека сатирата станала еуфемизам за непотврдени и неточни информации и за гласини. Сега ќе ни е полесно да ги гледаме македонските национални телевизии, да ги читаме македонските најкликани портали, кои долго време погрешно ги есапевме за сериозни. Сето тоа да ти било сатира. Нема да ме зачуди ако се покаже дека дури постоел и реципроцитет во интернет-гемиџиството, односно додека веб страниците за хејтање на Клинтоница во корист на Трамп и обратно се полнеа во Македонија, на пример, македонски Курир да се полни во некое гратче во Вајоминг или во Ајдахо.

САД можеби го имаат кралството на лудувањето, забавата и луксузот Лас Вегас, но извинете, ама деновиве подобро се живее во Лас Велес. Можеби ова ќе ви звучи како сензација од веб страниците за кои правиме муабет, да не речам како сатира, но ова е жива вистина – влијанието на Лас Велес на изборите во САД (со оглед на посетеноста и импактот на велешките веб страници) е поголемо од тоа на Лас Вегас, па и на целата сојузна држава Невада. Какво значење имаат шесте електорски гласови на Невада сосе Лас Вегас во неа што отидоа за Хилари во споредба со милионите кликови на велешките веб страници што отидоа на контото на Трамп.

Откако претходната републиканска власт ја призна Македонија под уставното име, најмалку што очекуваме од новата администрација на претседателот Трамп е да отвори конзулат во Велес. Битола можеби беше некогаш град на конзулите, ама извинете битолчани, додека вие по цел ден пиевте кафе и гледавте сеир на Широк сокак, велешани споија работа и задоволство, па кафето го пиеја во интернет-кафулиња.

Сопствениците и авторите на американските веб страници од Велес можеби не разликуваат неточна од сатирична вест, но што е тоа важно, нивната цел не е да студираат новинарство туку да печалат пари. Македонија и така е на дното според новинарски стандарди, дајте барем од тоа да направиме некоја пара. Впрочем, имаше овие деца кај кого да го печат занаетот креирање лажни сензационалистички вести. Да не заборавиме, Велес е градот од кој ни доаѓа неповторливиот магионичар и илузионист Илија Димовски.

Здравје, од јануари друг петел ќе пее секое утро во Белата куќа. Не знаеме што песна ќе му отпее на светот овој петел со портокалова кикиришка, ама се надеваме дека некогаш ќе се сети дека во ормарот со скапи одела, бели кошули и црвени кравати, има и една бела кошула ленена, од една Ленка од Велес извезена

Овој пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и долгогодишен шеф на пропагандата на партијата под старателски надзор на Мартин Протуѓер веројатно не е ни свесен колку многу придонесе за развојот на родниот град. Тој, за жал, веројатно од скромност, тешко дека ќе ви признае оти највредното нешто што го направи за својот Велес е мајсторлакот за креирање лажни вистини.

Еве, следи предизборната кампања во Македонија, па ќе можеме да се увериме во скромноста на Иле. Димовски е најавен како можен носител во „тројката“, во Велес, па јас уште сега можам да се обложам дека тој на митинзите ќе се фали со погрешни остварувања, ќе им продава на луѓето шарени лаги за инвестиции, вработувања, проекти, дела, а за тоа време во некој велешки подрум, благодарение на неговите знаења пренесени на младите генерации, некое велешанче ќе го создава својот прв милион.

И да бидеме чесни до крај кон овие млади „иноватори“. Нивниот милион можеби е резултат на измама, ама е сто пати почесно заработен од милијардата на братучедите-шефови на Иле, украдена директно од џебот на граѓаните.

Здравје, од јануари друг петел ќе пее секое утро во Белата куќа. Не знаеме што песна ќе му отпее на светот овој петел со портокалова кикиришка, ама се надеваме дека некогаш ќе се сети дека во ормарот со скапи одела, бели кошули и црвени кравати, има и една бела кошула ленена, од една Ленка од Велес извезена.

А и да не се сети Трамп од кого му беше кошула даровна, белки Ленка ќе се сети како да бизнис продолжи, зашто не е денешната Ленка родена за тие пусти тутуни, тутуни – ж’лти отрови, за гради – китки розови, ниту за Дрекселмаери и Меркардтови, со сто и педесет евра како камен студени. На кантар студен со туч ги мерат, а можат ли да го измерат? Можат, можат, најлесно се мерат денес тие пусти – кликови.