БИДИ ЖЕНА!

Колумна на Димитар Димитров

Државата во овој момент е СЈО и сите субјекти, внатрешни и надворешни, што се синхрони со него. Државата би биле и специјален суд или други акти насочени против авторитарното лидерство, а за етаблирање на уставниот поредок, на правото, правдата и човештината – доблести што зрачеа од лицата на трите обвинителки.

Сакам да споделам, почитувани, три поенти во врска со пресот на СЈО при обзнанувањето на „Титаник“.

Првата поента го тангира родовото прашање, поврзано со долготрајната доминантна традиција на патријархатот. Супериорноста на мажот особено доаѓа до израз во ситуации кога треба да се покаже јунаштво, храброст, решителност, доблест. Тогаш се упатува, како најуверлива, најобврзувачка, пораката „Биди маж!“.

Ако во контекст на овој стереотип ги одмериме јавните настапи на челниците на македонското правосудство и пресот на СЈО, ќе констатираме дека реалноста не се вклопува во моделот. Пред нас продефилираа, од една страна, маж до маж – апологети и чинители во правосудството што доби најниска оценка во регионот (според Извештајот на Европската комисија).

Од друга страна нѐ огреа сонце во ликовите на трите претставнички на СЈО – три обвинителки, три благороднички, на кои не може да не им се верува, кои пленеа со својата посветеност, автономија и професионализам. Тие во парампарче го разнесоа патријархалниот стереотип и поставија основа секому од машката репрезентација на Зврлевски, Аневски, Ушковски да му се каже: „Биди жена!“

Втората поента, Катица Јанева, Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска ги поврзува во единствен автопортрет, персонална автономија, компетентност и посветеност. Тоа е парадигмата за решавање на меѓуетничките, расните, верските итн. прашања. Играта со која било од спомнатите партикуларни припадности, скраја од таа парадигма, генерира синџири од бескрајни судири, од локално до универзално ниво.

Третата поента, во ситуација кога СЈО отвори истрага за изборен криминал, што ја делегитимира целата власт во државата, Груевски и натаму игра на картата на изборите и на народот. И рие против СЈО и против меѓународната заедница, директно или преку своите судии и обвинители и преку своите медиумски пропагандисти. На страната на меѓународната заедница ја става и домашната опозиција и граѓанскиот сектор.

Каде е тука народот? Не е исправно народот да се идентификува со гласачите за ВМРО-ДПМНЕ, прво зашто тоа е помал дел од целокупното граѓанство, и второ, зашто обвинението индицира дека тоа е нереална величина, добиена со криминални постапки. Токму врз тоа уверување, Груевски не е веќе премиер, а Јанева е специјален обвинител.

Каде е тука државата? Државата очевидно не може да биде со лидерството кое партијата ја приватизира, државата ја идентификува со авторитарната партија, па воспостави власт – негација на уставното уредување, што заврши со општа блокада на системот на државата.

Државата е со интервенцијата на меѓународната заедница, која во принцип веќе го санкционира авторитарното лидерство и неуставните и незаконски практики, а дополнителни политички и правни практики предвидува со Анкетната комисија и со СЈО. Во ДУИ, се чини го разбираат тоа и не се придружуваат на фронтот против СЈО.

Но, Груевски актите на меѓународната заедница, на опозицијата и на граѓанското движење за одбрана на државата ги восприема како антидржавна позиција, а своето нелегитимно лидерство и криминални акти индицирани со масовното криминално прислушување ги идентификува со државата! За да ја избегне сопствената одговорност, тој повикува на одбрана на татковината од надворешниот и внатрешниот непријател, која треба да се случи на изборите на 24 април. Во меѓувреме, треба да се неутрализираат и дезавуираат СЈО, опозицијата и „соросоидите“ како странски агентури.

Не е исправно народот да се идентификува со гласачите за ВМРО-ДПМНЕ, прво зашто тоа е помал дел од целокупното граѓанство, и второ, зашто обвинението индицира дека тоа е нереална величина, добиена со криминални постапки.

Оваа зла и опасна рационализација ја асоцира традицијата на борбата на ВМРО против туѓи држави и на внатрешна граѓанска војна, констатирана од Брејлсфорд уште во 1906 година. Но, тогаш Македонија не била држава, а туѓите држави се бореле да анектираат дел од неа, спречувајќи ја ВМРО да воспостави своја посебна држава.
Сега сме држава, имаме апликација за членство во ЕУ и НАТО, лидерството ни бега од таа орбита, „странската служба“ – во согласност со опозицијата и граѓанскиот сектор – ни држи основана лекција насочена за одбрана на државата. Така номинацијата што ја врши Груевски на надворешни и внатрешни непријатели на државата и себеси како едно со државата е апсурдна.

Државата во овој момент е СЈО и сите субјекти, внатрешни и надворешни, што се синхрони со него. Државата би биле и специјален суд или други акти насочени против авторитарното лидерство, а за етаблирање на уставниот поредок, на правото, правдата и човештината – доблести што зрачеа од лицата на трите обвинителки.