Билтените на златната рипка

Најсилното истражувачко новинарство е она што го објавува тоа што сите го знаат. Ама никој нема храброст јавно да го каже.

Последниве денови, преку следењето на коруптивната афера со Маѓар Телеком (МАТАВ), може, веројатно, многу попрецизно да ѝ се исцрта профилот на таа некоја чудна, дури и уникатна лимбо ситуација во македонското новинарство, присутна веќе подолго време, секојдневно забележлива, а особено изразена во последниве пет-шест години.

Првиот впечаток, да не кажам изненадување, е токму тоа – изненадувањето на јавноста, значи и на медиумите, дури и нивна збунетост од откритието на американската Комисија за хартии од вредност за вмешаноста на македонските политички елити во овие коруптивни дејства. Небаре, никој тука не знаеше и не зборуваше за ова барем уште од времето кога Американците ја започнаа истрагата за измама на акционерите на Дојче Телеком. А, секако, и пред тоа.

Вториот впечаток е самото медиумско „покривање“ на аферата, главно пренесувањето на она што Американците веќе го објавија (сведочењето на, во извесен период, заштитениот сведок, Слободан Богоевски, со уште по некој немушт обид да се земе изјава од некого од потенцираните актери на аферата).

Третиот впечаток се самите медиуми што, вака или така, се занимаваат со оваа тема – главно, да не кажеме единствено, тоа се медиумите перципирани како „опозициски“, додека медиумите што, по општо убедување, се под контрола на власта, речиси и не ја спомнуваат аферата. Иако, главното име што се спомнува во извештаите е некогашниот премиер од редовите на сега опозициската СДСМ, Владо Бучковски. За волја на вистината, тој одамна е во друга, не баш најјасно позиционирана партија, плус е веќе правосилно осуден за аферата „тенковски делови“.

Но, впечатоците се впечатоци, односно можат да бидат (а по правило тоа и се) релативни и невалидни. Но, не нужно. Она што и без оваа афера, а особено со неа, може со голема доза на уверливост да се заклучи е, првенствено, кусата меморија на овдешната јавност.

Во ред, Македонија не е земја што може да се гордее со сопственото помнење. Иако, со голема доза на нескромност, тврдиме дека сме колепка на писменоста, тука речиси ништо или многу малку се запишува; ги забораваме и настаните и луѓето, не ги чуваме архивите, не можеме да ги процениме историските настани…

Во таа смисла, колективната меморија на „вечната“ Македонија може да се спореди со митот за помнењето на златната рипка, која наводно има сеќавање само за трите последни секунди. Оваа споредба не е ни толку метафорична, ако им се верува на зоолошките книги, според кои златната рипка, всушност, помни три месеци, што е отприлика и периодот на помнење на македонската јавност.

Но, она што е секако побитно, е начинот на овдешното известување за битните теми, како што е корупцијата, на пример. А тој е никаков, затоа што такво известување, едноставно – нема. И аферата за поткупот на високите државни функционери веројатно не би се ни појавила, ако не ја отвореа – американските медиуми!

Македонските средства за јавно информирање веќе одамна, а особено последната деценија, не ја извршуваат својата главна функција – формирање (креирање) на јавното мислење туку следат некакви дневно-политички агенди на партиите, во зависност од тоа кој медиум на која страна на политичкиот фронт се наоѓа.

Овој заклучок е лесен за емпириско докажување: се сеќавате ли, на пример, кога сте прочитале релевантен текст за здравствениот систем, или за образованието, или за некоја земјоделска тема, или за проблемите во творештвото, па и за спортот, ако сакате. Има, се разбира, и такви текстови и прилози, но секогаш, ама токму секогаш, се врзани за дневно-политичките активности на некоја од политичките партии. Ако, на пример, на дневен ред на партијата е образованието, тогаш тоа се наоѓа и во медиумите, истретирано на идентичен начин: се цитира ставот на партијата, се наоѓа соодветен соговорник (аналитичар!) и – толку!

McBeth--Foter--CC-BY-NC-ND (1)

Фото: McBeth / Foter / CC BY-NC-ND

Кога станува збор за корупцијата, тука работите се уште посложени или поедноставни, во зависност од аголот на гледање. Сите коруптивни афери се отвораат од политичките играчи, а не од медиумите. И сите следат до моментот додека партијата има некаков интерес од нив.
Да го споменеме како пример случајот „Македонска банка“, кој им претходеше на „бомбите“ на СДСМ. Целата работа заврши онака како што почна – односно започна кога СДСМ ја отвори аферата и заврши кога лидерот на опозицијата Зоран Заев беше осуден за нарушување на угледот на премиерот Груевски, односно кога СДСМ прекина да покажува интерес за таа тема.

Ако сакате, конечно, и „бомбите“ не ги покрена некој медиум туку СДСМ. И тоа би било во ред, доколку медиумите не служеа само како обични трансмитери на опозициските бомби, туку се обидоа да загребат малку под површината на телефонските разговори. Вака, од сите оние неверојатни наведени криминали (местење избори, провизии, урбанистички планови итн.), во колективниот фолкор останаа врежани релативно небитни фрази од типот: „Шу праиш“, „Ќе ги фрлам во ендек“, „Му тече низ панталони“, „Ние сме лудаци“ итн.

Кога сме веќе кај „бомбите“, да го спомнеме и случајот „Монструм“, односно грозоморното повеќекратно убиство кај Смилковско Езеро, за кое Заев повеќе месеци наведуваше дека поседува нови докази („Јавноста мора да знае!“), кои никогаш (барем досега) не ги презентираше. Целиот овдешен јавен информативен систем не направи ништо околу ова тешко и болно прашање, освен што чекаше опозицискиот лидер да покаже што има и тоа да го пренесе!

Во овој контекст влегува и таканаречениот „Договор од Пржино“, чија суштина, практично, воопшто не е објаснета, па останува нејасно прашањето за специјалниот обвинител, кое токму деновиве се прекршува во транспарентно скриените меѓупартиски преговори.

Со други зборови, медиумите во Македонија имаат некаква своја информативна функција, но таа многу тешко може да се оквалификува како јавна, односно во функција на јавниот интерес туку многу повеќе како билтенска. Тие, имено, функционираат како официјални гласила на политичките или стопанските центри на моќ.

На крајот, да резимираме со она што беше и повод за овој текст, корупциската афера со Маѓар Телеком. Аферата што сите ја знаеја, а од која сите се изненадија. Таа само го потврдува старото правило дека најсилното истражувачко новинарство е она што го објавува тоа што сите го знаат. Ама никој нема храброст јавно да го каже. Конечно, тој ефект го имаа и „бомбите“ на Заев!