Боро и Рамиз

Ако двете владејачки партии 100 отсто учествуваат во производството на проблемите, како може да се очекува дека со преговарачките „акции“ ќе придонесат во решавање на истите проблеми кои самите ги создаваат?!

По повеќе од седум децении, денес во Македонија карикатурално се реинкарнира симболот на некогашното југословенско братство и единство, доживеано преку ликовите на антифашистичките борци, косовскиот Србин Боро Вукмировиќ-Црни и косовскиот Албанец, Рамиз Садику. Има само една „мала“ разлика. Македонската верзија на „Боро и Рамиз“, персонифицирана преку бетонираната симбиоза меѓу Никола Груевски и Али Ахмети, нема никаква врска со нивна борба против фашизам или со некакви битки за слобода и еднаквост на граѓаните, во земјата каде што тие се на власт. Напротив!

За разлика од косовските кои имале јасна идеологија, нашите „Боро и Рамиз“ немаат никаква. Нивното братство и единство се темели само на битката за зачувување на нивните приватни партиски царства со кои ја поклопија државата, царства кои цветаат од поделбата на заедничкиот „ДУИнг бизнис“, од трајната определба за „дил ориентед“ постапки инспирирани од лични цели и интереси, и од заедничка одбрана против сите кои им се мешаат во „штипките“ – од домашни предавници, преку СЈО, до меѓународната заедница.

Поетот Адем Гајтани своевремено напишал песна посветена на двајцата неразделни косовски борци, кои дури и пред смртта (биле уапсени во април 1943 година) одбиле да се раздвојат, па цврсто се прегрнале еден со друг и биле застрелани со еден куршум.

Нашиве не будат инспирација за поезија што би им ја посветиле ним. Будат револт. Со последните постапки во Собранието и со перфидните измени на Законот за помилување, покажаа дека во име на сопствениот спас се цврсто решени и да „загинат“ во силната коалициска прегратка. Дури и песната на Гајтани, иако не им е посветена на Никола и Али, содржи многу метафори кои сосема точно ја опишуваат нивната политичка сплотеност.

„Едно небо сме / два листа од иста гранка / две камчиња од иста река (…) ние сме прсти на иста рака / ние сме една ластовичка / јас нејзиното десно, ти нејзиното лево крило / очите мои, трепките твои / твоите брчки, моето чело / зборуваат за патиштата во иднината / зборуваат за патиштата на слободата / (…) што сум јас без тебе / што е едното крило, без другото?“

Едниот без другиот, навистина не се ништо. Осумте години поминати во заедничка коалиција, многуте фингирани кавги, разните „калиња“ или критики за изборни свадби без навеста, многу брзо покажуваа дека меѓу нив, всушност, се е во ред. За разлика од државата, каде одамна ништо не е во ред.

ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ не ќе можат да продаваат магла преку пропагандната матрица која им произведуваше краткорочни ефекти во согласност со нивната главна оперативна програма: не е важно какви се работите, туку како ќе се претстават во јавноста. Тој филм засекогаш е симнат од репертоарот, поради одбивање на граѓаните да им бидат прикажувани лаги по илјадити пат

Но, сега барем паднаа и последните маски. ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ не ќе можат да продаваат магла преку пропагандната матрица која им произведуваше краткорочни ефекти во согласност со нивната главна оперативна програма: не е важно какви се работите, туку како ќе се претстават во јавноста. Тој филм засекогаш е симнат од репертоарот, поради одбивање на граѓаните да им бидат прикажувани лаги по илјадити пат.
Меѓународните претставници уште помалку се подготвени да поверуваат дека суспендирањето на техничката влада ќе води кон реални реформи, и дека аболицијата преку вакви измени ќе биде целосно повлечена. Напротив, коалициските партнери уште еднаш се претставија такви какви што се, во нивната генеричка природа: партиски исклучиви, неподготвени за инклузивен пристап во барањето за решенија, без оглед што ДУИ деновиве се буди и заспива со зборот инклузивност.

Ако тој збор за нив навистина имаше некаква специфична тежина, тогаш и инцијативата до Уставниот суд ќе беше од инклузивен карактер (потпишана од сите). Во таков случај и измените на Законот за помилување ќе беа поднесени со поддршка од сите партии. Тоа не се случи. Инклузивноста почнува и завршува само со ставовите на двата коалициски партнера.

Патем, ако беа навистина инклузивно „ориентед“, немаше толку да плачат заради учеството во Владата на двајца министри и тројца заменици од СДСМ. Немаше да брзаат да си се вратат на старата влада и старите практики, кои ги вклучуваат само нив. Црна Гора, на пример, која се наоѓа во слична ситуација како Македонија, по петмесечни преговори кои беа посредувани и мониторирани од ЕУ, пред два дена усвои посебен закон со кој правно го регулира влегувањето на опозицијата во Владата, со цел да се создадат услови за фер – избори во октомври годинава.

Ова решение беше предизвикано по сомнежите на опозицијата дека партијата на Ѓукановиќ во претходните изборни циклуси доаѓала до доминантна поддршка со злоупотреби на државните ресурси и со изборни притисоци врз граѓаните. Ви звучи познато, нели? Знаете како заврши договорот? Разрешен е претседателот на Собранието, во преодната влада опозицијата учествува со пет министри и со 195 функционери во разни државни и јавни претпријатија!

Тоа е инклузивност, отворање широка контрола врз државните ресурси и одвојување на владејачката партија од државата, а не враќање на Чавков во ВМРО-МВРО. Да е скандалот поголем, се чекало уште правната служба да реши дали ќе му ја укине суспензијата на началникот на Петтата управа во МВР! Сета оваа лакрдија се случува во време кога единствени кои седат во притвор се „врвните непријатели“ на Македонија – Здравко Савевски и Владимир Куновски. Тоа мора да е добар сигнал за Хојт Ји и Јоханес Хајндл, дека работите навистина се одвиваат во позитивна насока.

Но, претпоставувам дека и на меѓународните посредници барем сега им е многу појасно дека битката против реставрирањето на девијантниот режим далеку ги надминува капацитетите на опозицијата и на ова партиски заробено општество. Тоа значи дека какви било натамошни разговори во четворката, (од која половината ја претставуваат „Боро и Рамиз“ со нивните сепаратни политики), не може да призведат никаква додадена вредност во барањето решенија за излез од кризата. Ако двете владејачки партии 100 отсто учествуваат во производството на проблемите, како може да се очекува дека со преговарачките „акции“ ќе придонесат во решавање на истите проблеми кои самите ги создаваат?!

Посредниците ќе мора да стават крај на оваа апсурдна ситуација, со тоа што ќе престанат да ги повикуваат на искрена волја и акција „сите лидери“ подеднакво. За промена, ќе мора да почнат да ги именуваат со име и презиме оние кои со своите активности се помалку може да се легитимираат како „лидери“, а многу повеќе како „дилери“ на пржинските придобивки.

Тој или тие што го кочат излезот од кризата ќе мора да бидат дискалификувани бидејќи веќе се самодисквалификуваа како субјекти на искреност и конструктивност. Дали ќе бидат исклучени од масата за преговори или на друг начин, сеедно. Друго решение нема.