Бронзени алегории

Деновиве во фокусот на јавноста повторно е прашањето за судбината на спомениците, од аспект на ревизијата врз (не)законитоста на нивната изградба, потрошените буџетски пари и штетите направени на јавниот простор… Како и во секоја македонска приказна раскршена на половина како сомун леб, едни се за нивна дислокација, други да останат таму каде што се. Кога приказната би се одвивала само на тоа ниво, животот би бил навистина здодевен.

 За жал, нашите проблеми се далеку од естетски, без оглед што повеќе станува збор за квазиестетика или поточно за „естетика“ во функција на корупцијата. Се знае колку многу буџетски пари изеле спомениците, иако не е исклучено дека и натаму ќе испливуваат некои нови фактури од темнината на фиоките, и сосема јасно е дека сите тие средства можеле да бидат наменети за клучни потреби на граѓаните.

Се знае и дека едни и натаму ќе тврдат дека споменичната вредност не се мери со пари, бидејќи сведочи за немерливи вредности – култура, идентитет, јазик, историја, а други во споменичните визури и натаму ќе ја лоцираат причината за недочеканиот водовод, пат, канализација, градинка, амбуланта…

Меѓу тие два екстрема, за жал, не е ниту на повидок зачетокот за градење култура која во себе ќе ги обединува и едните и другите цели, преку критериуми, институционално одредени приоритети и на еден еманципаторски начин.

Кога го велам ова, го имам предвид фактот дека токму претставници на т.н. политичко-бизнис елита, кои денес гласно ја критикуваат бронзената и мермерна шума среде Скопје, не се далеку од еден сосема примитивен и паланечки начин во промислувањето кога ги донираат нивните приватни пари во изградба на објекти, по правило – најчесто во изградба на верски храмови. Од елити со такви индивидуални преференции, не може да се очекува поинаков стандард во идентификување на приоритетите за општеството.

Токму претставници на т.н. политичко-бизнис елита, кои денес гласно ја критикуваат бронзената и мермерна шума среде Скопје, не се далеку од еден сосема примитивен и паланечки начин во промислувањето кога ги донираат нивните приватни пари во изградба на објекти, по правило – најчесто во изградба на верски храмови

Да било поинаку, не би штеделе толку долго ниту на законски обврзувачките филтри за нивните загадувачки капацитети, како што не штеделе на кичестиот стиропор кога заради свој интерес го ставиле во функција на нашата, божем, естетизирана урбаност. Секако, нивно право е да решат каде ќе донираат свои пари и дали ќе ги стават во функција на преродбеничкиот неокласицизам, но наше право е да оцениме од какви критериуми се раководела нивната „општествена одговорност“: слепа за потребите на средината, штедра за потези со мирис на добро платени политички и верски индулгенции.

И откако ќе ја промовираат „општествената одговорност“ во храмови со или без нивните ктиторски портрети, одеднаш стануваат крајно загрижени за лошите состојби во здравството, за високата невработеност, за социјалната состојба на граѓаните… Прашање е кога последен пат влегле во некој наш образовен или здравствен „храм“, за да го видат вистинското место каде што се молат граѓаните.

Се молат да има греење, да проработат расипаните апарати, да има реагенси, да не снемува лекови, се молат и овој лекар или професор да не замине во странство… Огромен е бројот на луѓето кои секојдневно молат за корка леб. Во меѓувреме, со пари на даночни обврзници од странски држави се реновираат наши училишта, амбуланти, се набавуваат медицински апарати и униформи, додека ние и натаму бесрамно ги гланцаме копитата на Букефал, плаќаме средства за чистење на изметот од чавките врз главите на бронзените херои и се воодушевуваме колку убави биле копаниците на новиот иконостас. Тој манир за служење и постојано инфузирање во идентитеско-верски симболи, небаре без тие „потсетници“ ќе заборавиме кои сме и што сме, ги убива шансите сегашноста да ја оживееме повеќе од минатото.

Заглавени во демонтирање, дислоцирање или одбрана на бронзата, ризикуваме и вистинските симболи на животот да ни се претворат во споменици: денес тоа може да биде згнаснат живот во нефункционален инкубатор или во море од интрахоспитални инфекции. Утре во „историјата“ може да замине некој гигант како „Фени“ или некој друг извор на живот за 1.000 работоспособни. Задутре во историјата можат да заминат и нечии домови заради недостиг на противпожарни возила, како што секој ден заминуваат поради сеопштиот супстандард.

Заглавени во демонтирање, дислоцирање или одбрана на бронзата, ризикуваме и вистинските симболи на животот да ни се претворат во споменици: денес тоа може да биде згнаснат живот во нефункционален инкубатор или во море од интрахоспитални инфекции

Во моментов сме во фаза кога ем не ги демонтираме старите „купи ден-помини“ практики, а сме пред ризикот вака да ги „историзираме“ и егзистенцијалните основи за нашата сегашност. Институциите на државата ја имаат обврската да го прекинат тој студен синџир кој го држи општеството во состојба на опиеност од мегаломанско монументализирање, а граѓанска обврска е да се изгради култура што ќе ги востоличува вредностите и ќе ги препорачува приоритетите.

Прашањето не е само какви споменици не сакаме туку за какви заеднички вредности се залагаме. Критиката против градење на минатото преку негово историско и идеолошко реинтерпретирање и рефасадирање, е наратив за она што мора да запре, но не и патоказ за она што ни треба. Таа траекторија мора да се исцрта со конкретни планови и дела.

Цврстината на споменичните материјали која требаше да ни сугерира дека тие се непроменливи факти за минатото, треба да се замени со цврстината на одлучноста за решенија во интерес на граѓаните кои живеат денес и сега, во реално време, со реални потреби за квалитетно образование, здравство, работа, напредок.

Тоа бара стопирање на сите интервенции во националната меморија со кои подмируваат само комеморативни потреби на заедницата, а со цел да бидат употребени како дискурзивна камуфлажа за сиромаштијата на сегашноста – од егзистенцијална, преку идејно-вредносна до морална…

Зарем идентитетски мобилизатор можат да бидат единствено спомениците? Зошто да не биде идентитетски мобилизатор еден успешен иноватор, научник, лекар, уметник, хумана личност… Зошто нивното дело да не биде на највисок постамент, во прајмтајм и на насловните страници? Човечката успешност во разни сфери треба да биде врвот со кој ќе се идентификуваме и мобилизираме напред. Сите тие наши „монтеверести“ се приказни за успешна Македонија. Само кога граѓанинот ќе биде вистински во центарот на интерес, тогаш сами ќе се демонтираат бронзените алегории за она што сега го немаме.

Да, граѓаните и досега беа во фокусот, но повеќе како „погонско гориво“ за потребите на сите политички опции, а најмногу во нивната интерпретативна акробатика. Нештата мора да се свртат во обратна насока. Партиите кои не можат да поднесат ни најмал потрес на своето его во интерес на длабоки промени, ќе мора да си заминат во историјата, а другите со крв, солзи и пот да ѝ обезбедат на сегашноста серификат за реален квалитет на животот. Сведоштвото за тоа не мора да биде излиено во бронза, бидејќи за него со задоволство ќе сведочат луѓе од крв и месо, кои ќе можат и овде да се остварат, пред да остарат.