Чекор назад

Колумна на Сашо Кокаланов

Внимателно го изгледав сведочењето на Марк Закерберг, основачот и директор на најпопуларната социјална мрежа Фејсбук, пред комитетите на американскиот Конгрес. Без оглед на различните коментари, позитивни и негативни (веројатно повеќе позитивни штом со настапот успеа да ги крене акциите на компанијата на рекордно ниво во последните повеќе од две години), интересно беше да се види како една алатка на парламентарната демократија може да биде забава и шоу, а не траума и жива досада како што е во нашиве нови демократии, а притоа воопшто да не изгуби од суштината, од смислата и од сериозноста.

Нам, на пример, денеска ни претстои интерпелациска журка во парламентот, мртва сериозна и чиниш со атомска политичка тежина, а во суштина ништо значајно. На петтоодделенец, второ полугодие, кој два пати по грешка го оставил телевизорот на собраниски канал подолго од половина час, дајте му лист и пенкало – ќе ви ги напише денешните говори на пратениците без големи отстапувања од тие што ќе ги чуете самите ако сте доволно мазохистички расположени.

Затоа, да се вратиме ние на вистинското шоу. За оние што немаа време да го проследат сведочењето на Закерберг, ќе се обидам да ви го раскажам во една реченица. Прашањата на сенаторите, сума сумарум, беа одраз на глобалната параноична хистерија што го зафати светот дека личните податоци ни се отидени во мајчината, а одговорите на Закерберг, сума сумарум, беа потврда дека хистеријата е оправдана. 

Иако сериозен, бледолик и загрижен, Марк во основа маестрално се подбиваше со двете милијарди корисници на Фејсбук, сосема свесен дека легендата која вели дека постои некој човек кој внимателно ги прочитал terms and conditions пред да се согласи со нив и да пристапи на која било социјална мрежа, сепак, е само легенда. Иако, еден од сенаторите внимателно изброил колку зборови содржат условите според кои пристапуваме на мрежата, со особен осврт на линкот со условите под кои му ги доверуваме на Фејсбук нашите лични податоци, факт е дека никој не ги одвоил тие петнаесет минути за да ги прочита terms and conditions, макар поминувал на Фејсбук петнаесет часови дневно.

Затоа, а и не само затоа, има многу лицемерие во глобалната паника и наводниот шок кој се случи по скандалот со контроверзната компанија Cambridge Analytica. Што, божем не знаевме дека нашите податоци се продаваат? И што, божем сме изнанадени дека сме претворени во лесен плен за комерцијални и некомерцијални пропагандни цели? И што, божем ако заминете од Фејсбук, го избришете профилот, вашата приватност е безбедна?

На петтоодделенец, кој два пати по грешка го оставил телевизорот на собраниски канал подолго од половина час, дајте му лист и пенкало – ќе ви ги напише денешните говори на пратениците без големи отстапувања од тие што ќе ги чуете самите ако сте доволно мазохистички расположени

Изгуглајте каков било термин и потоа ќе бидете бомбардирани од огласи за буквално сè штo е поврзано со тој термин. Еве, на пример, пишете на пребарувачот на Гугл: „груевски мерцедес” и препуштете му се на маестралниот алгоритам кој управува со вашите животи. Ќе ги добиете веднаш сите њуз-фидови за судењето за случајот „Тенк”, ќе ви биде понуден Груевски за пријател на сите можни мрежи, во поштенското и електронското сандаче ќе добиете брошури за најновиот ес-класа мерцедес, а наскоро нема да можете да отворите ниту фрижидер, зашто наместо мајонез, таму ќе најдете неколку туби на кои ќе пишува „она на м”.

Уловени сме во мрежата и тоа е тоа. Треба да најдеме модус вивенди за да продолжиме да постоиме во хуман облик свесни дека сме само бинарен код во глобален алгоритам на кој речиси и нема начин да му побегнете, освен ако не сте припадник на некое номадско племе во Африка, кому нема што да му продадат.

Бришењето на Фејсбук прoфилот нема ништо да промени, вие ќе останете и понатаму плен.

Јас, сепак, решив пред извесно време да ја напуштам мрежата. И да го заменам смартфонот со една тула од Алкател. Не за да му ги бутнам акциите на Марк, не зашто имам илузија дека сега сум ловец, а не ловен, не затоа што престанав да верувам дека илјада пријатели се малку, a еден непријател е многу, како што вели една турска поговорка, па ми стана премачно да се дружам со тие пет илјади пријатели колку што проценил Марк дека ми се доволно, ниту сум револтиран дека Фејсбук му помогнал на пеколниот портокал да стане американски претседател, не дека не станав попаметен од цитатите на тоа семето, на Коељо и на Селимовиќ, ниту се разочарав дека не собравме доволно лајкови за претседателска кандидатура на Ванковска, ниту ме фати грижа на совест дека со постовите можеби предизвикувам тага кај синот на Солза…

Не, нема да му побегнам на алгоритамот. Тоа чудовиште само ќе продолжи да се развива и нема да го сопрат ниту американските сенатори ниту социјалните сератори.

Единствената причина е времето. Моето време. Да бидеме чесни, никој нема време за пет илјади пријатели, прашање е дали денес имаме и за пет. Уште многу пред социјалните мрежи, Шопенхауер го постирал ова семе синапово: тој што е пријател на сите, не е ничиј пријател.

Не, нема назад. Мојот живот нема да стане помалку дигитален, јебига. Нема ни вашиот ако го фрлите смартфонот, ги избришете сите можни акаунти, плаќате само кеш, не користите интернет… Системот само ќе ви се насмее, а кога би знаел да зборува, би ве прашал – кај ќе бегаш бе пиле? Премногу сме отидени по ѓаволите со дигитализацијата за да можеме да се вратиме назад.

Ама еден чекор назад, сепак, може да направи да се чувствувате подобро и да си ја вратите вербата во лагата дека самите си располагате со времето. Па, да си вратите и некои мали задоволства од кои свесно, несвесно или полусвесно сте се откажале. 

Има многу лицемерие во глобалната паника и наводниот шок кој се случи по скандалот со контроверзната компанија Cambridge Analytica. Што, божем не знаевме дека нашите податоци се продаваат? И што, божем сме изнанадени дека сме претворени во лесен плен за комерцијални и некомерцијални пропагандни цели?

Ова лето има светско првенство во фудбал што значи дека оваа пролет, освен што ќе се грижите дали ќе има интерпелација, реконструкција или проветрување, дали ќе се реши името и дали ќе паднат или ќе станат акциите на Фејсбук (џанам во секоја фиока по дома криете од жената по некоја акција на Фејсбук, а не ливче од кладилница), главен предизвик ќе биде да се соберат сликичките на „Панини”.

Пред да почне оваа сложена операција, потребна е сериозна подготвителна фаза, односно прелистување на веќе собраните албуми. Во мојата колекција ги имам сите од Шпанија 1982 наваму. Почнувам да ги прелистувам. Спомени. Носталгија. Се сеќавам точно за секој албум која била последната залепена сликичка. Се сеќавам со манијакална прецизност која ми била најчест дупликат и на оние пеперутки во стомакот кога ќе ти падне кецот. Знам и со кого сум ја разменил сликичката што ми фалела последна и каков пријател ти е човекот кој ти ја дава задњата, иако и тој ја нема, но му фалат уште сто, па не сака да ти ја ускрати радоста. Тоа се пријатели, не тие што ќе ти пратат стикер со торта за роденден.

Не знам, јебига, дали она другарчето од зграда стошеснаеска, кој ми го даде Питер Шилтон далечната ’86, фамозната четрстодвојка која тешко паѓаше по трафиките во Аеродром, ми е пријател на Фејсбук. Можеби немало место на трибината со пет илјади седишта, неговото го зафатил некој бот или народен мудрец што разбира сè, од политика, преку спорт, до медицина.

Ги прелистувам така албумите и сфаќам дека го немам последниот. Пред да ѝ се истурам на жена ми дека го затурила, ми текнува дека тој албум го немам. То ест, го имам, ама не можам да го прелистам. Го собирав дигитално. Ја симнав апликацијата на Панини на Андроид. Дневно добивав по три електронски пакетчиња, со по пет сликички, и со два клика на сликичката таа автоматски се залепува на точното место на екранот. Прецизно, совршено. Без криво залепена сликичка. Дупликатите ги менуваш со илјадници луѓе од цел свет во виртуелни соби. И го собираш албумот без поголема мака. Сè е супер, само што апликацијата ми остана во телефонот што цркна. И го немам Бразил 2014.

Еден чекор назад. Не е тоа голем чекор назад за човештвото, ниту за дигитализацијата, ниту за берзите, ама може да биде за вас.

На крајот од краиштата, што е еден чекор назад во времето во земја што е назад десетици години!

П.С. Ве молам шерувајте ја колумнава, зашто јас веќе немам каде да ја шернам