Чистење на депонијата

Во почетокот на овој милениум, само неколку дена по смртта на писателот Славко Јаневски, излезе неговиот последен роман, со сега веќе визионерски наслов „Депонија“. Добро, овој наслов и тогаш имаше силен метафорички набој за светот и времето во кое живееме и со прилично сива претпоставка за она што нѐ очекува во иднината. Но, сепак, денес насловот на романот на Јаневски не е метафора туку буквалност – ние живееме во депонија! Секако и симболички, но уште повеќе како реалност.

Всушност, дивите депонии во Тетово и Струга и нивното опожарување  не се ништо друго туку логична последица на загадениот живот што го живееме. Не само во еколошка смисла, која, јасно, никако не е занемарлива, туку во секоја смисла. И токму затоа што се последица, тие се битни. Затоа што покажуваат дека ѓубрето што го пикаме под тепих еден ден и буквално ќе експлодира. И ќе нѐ задуши сите.

Не знам дали депониите се опожаруваат намерно и дали е тоа од политички причини, како што тврди градоначалничката на Тетово ,Теута Арифи ,или пак, кон тоа придонесува жешкото време и лесно запаливото ѓубре, но тоа во принцип не е ни важно. Барем не за оние кои и вака и така го голтаат оној чад и ја трпат неподносливата смрдеа. Она што е важно е дека некој со намера го загадува јавниот простор и не сака тој проблем да го реши.

Тетово и Струга се само видливиот гребен на нашиот стил на живот. Физичкото ѓубре, едноставно, е нужност на културата на ѓубрето, без оглед дали станува збор за загадување на јавната комуникација, на општествениот живот или на меѓучовечките односи. И тука не помагаат ниту противпожарни коли, ниту целодневни стражи, ниту канадери…

Тетово и Струга се само видливиот гребен на нашиот стил на живот. Физичкото ѓубре, едноставно, е нужност на културата на ѓубрето, без оглед дали станува збор за загадување на јавната комуникација, на општествениот живот или на меѓучовечките односи

Во ситуација кога речиси целосно недостасуваат основните лостови на демократијата – медиумите и културата на говорот; прашањето на целосен дисконтинуитет, на комплетно рестартирање на општествениот систем, едноставно, е прашање на опстанокот. Комплетно генерално чистење!

Просто, човек не знае од каде да почне. На пример, најважниот настан во демократските општества, изборите, ќе ги води Државна изборна комисија во која членуваат луѓе основано осомничени за – местење избори! Или да се почне од картичките на Елизабета Канческа Милевска? Или од советничките плати? Или од идејата дека Македонија е загрозена од мигранти? Или… наведете по сопствен избор.

Овојпат заложбата за дискунтинуитет на општествениот систем не произлегува од традиционалниот македонски синдром дека сѐ почнува од нас (конечно и овој текст започна со реферирање на Славко Јаневски) туку со идејата дека дивите депонии, не само во Тетово и Струга, нема да се повторат и дека општествениот систем може своите најслаби точки да ги претвори во цивилизирани придобивки.

Конечно, рециклирањето на отпадот не е некој којзнае каков новитет или претворањето на ѓубрето во енергија не се којзнае какви новитети. Или дека Струшките вечери на поезијата ќе ја прекинат својата децениска безидејност. Или дека нема снег да нѐ изненади среде јануари. Или дека нема да се подавиме од еден малку посилен дожд…

За жал, во средина која до овој степен е контаминирана со лаги, манипулации и секакво друго ѓубре, излегува дека нашиот општествен организам, ете, се прилагодил на затруената атмосфера и нема ниту потреба, ниту начин да ја прочистува. Таканаречениот „случај Лешоски“ можеби најдобро ја отсликува таа состојба на духот.

Одеднаш излезе важно каде ја објавува својата поезија младиот поет. Демек, објавување стихови по социјалните мрежи е „естрадна поезија“, а ако, на пример, таа е објавена во книга со позлатена подврска и корица опточена со дијаманти – ќе добие на квалитет. Или дека критериумот за водење манифестација е колку пати некој присуствувал на таа манифестација.

Во средина која до овој степен e контаминирана со лаги, манипулации и секакво друго ѓубре, излегува дека нашиот општествен организам, ете, се прилагодил на затруената атмосфера и нема ниту потреба, ниту начин да ја прочистува

Но, да не ја враќаме топката назад. Она што е важно во случајов е дека, и преку еден ваков, релативно минорен пример, јасно се гледа отпорот на закоравената средина за воспоставување оној тип дисконтинуитет за којшто се заложува овој текст.

Или да го земеме примерот на Александар Никовски, синот на Ристо Никовски, кому наводно му биле исплаќани по три илјади евра за советување на некогашниот премиер. Наспроти него, речиси никој не го актуелизира ангажирањето на српскиот бизнисмен Зоран Башановиќ за советник на актуелниот премиер.

Имено, Башановиќ, од кого се очекува да помогне во носење странски инвестиции и чијшто паричен надомест е одреден на 1.500 евра месечно, е естраден менаџер, порано познат како момче на турбо-пејачката Драгана Мирковиќ, подоцна по скандалот на апсење во Флорида, но и по тоа што сегашниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, му беше венчален кум.

Башановиќ денес е советник во Советот на град Белград од редовите на партијата на Вучиќ, а колку што е познато од бизнис ја поседува кабелската телевизија „Свет плус“, позната по турбо-фолкот и отворената поддршка на партијата на власт. Но, ете, за разлика од „естрадниот поет“ Лешоски, Башановиќ не е естраден бизнисмен.

Се разбира дека постојат уште безброј примери што можат македонското општество да го дефинираат како депонија – односно како простор за одложување отпаден материјал. Но, претпоставка е дека нема смисла залудно да се трошат и времето и просторот.

Ако по некој случај денес беше жив големиот автор на фантазмагорична проза Славко Јаневски веројатно ќе речеше: „И вие го претеравте“.