Читај го Прибе, гледај го Чавков

Градење безбедносен систем кој ќе функционира независно кои лица ќе управуваат со овие институции. Тоа е целта на реформите, за кои на 18 октомври раговараа техничкиот премиер Емил Димитриев и раководството на МВР. Присутни на средбата – министерот Оливер Спасовски, заменикот Агим Нухиу, дополнителниот заменик Оливер Андонов и директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков. Последниов е назначен за координатор на проектот, кој сега е во фаза на анализа на состојбите и треба да заврши во декември. Потоа треба да бидат понудени конкретни решенија и да се отвори широка расправа. Целиот процес на реформи треба да заврши за една година. Речено – договорено.

Кафињата испиени, изјавите дадени, пораката разбрана: без разлика дали на чело на МВР е Спасовски, Андонов, Чавков или коњот што некој домашен Калигула можеби ќе реши да си го именува за министер, безбедносниот систем треба да функционира. Ваквата заложба се потврди уште наредниот ден.

Решението со кое Чавков е назначен за координатор на безбедносен реформски проект инициран од извештајот на Прибе, техничкиот премиер Емил Димитриев може да си го свитка во форма на ролна, да го употреби за една намена и потоа да пушти вода! Тоа навистина ќе биде реформски чекор

Директорот на БЈБ и проект- координатор, Митко Чавков, лично го демонстрираше првиот реформски чекор, наречен „не е важно кој е директор во УБК“. Тој прв дотрча пред Управата за да го брани системот од тежок безбедносен упад изведен од страна на СЈО, а врз основа „само“ на два судски налога! Чавков, но и секој друг што заспива и се буди со препораките на Прибе преведени на дпмнеовски јазик, секако дека би игнорирал каков било судски налог кога е во прашање безбедноста на државата. Особено, ако е издаден без знаење на шефовите од МВР, како што налага старата добра практика.

Не знам што правел во тој момент директорот на УБК, Владимир Атанасовски. Можеби, вежбајќи ја реформската лекција „сеедно кој“, решил да не се меша во сопствената работа и надлежност. Особено кога координаторот Митко веќе е таму. И на само Митко.

Барикадата пред УБК енергично беше засилена со присуството на дополнителниот Оливер Андонов. Ова ад-хок олицетворение на легендарната двојка „Мирко и Славко“, вечерта рамо до рамо демонстрираше дека реформите се успешно завршени уште пред да почнат.

Безбедносниот систем беше успешно одбранет од герилските тројки на СЈО. Како посветени и одговорни функционери, не заборавија ни на Титовата превентивна стратегија: „Да се однесуваме како СЈО да го нема, а да се подготвуваме како утре повторно да ќе ни дојде, ако вечерва воопшто замине“. Така, следниот ден на СЈО му ја отежнаа процедурата за пристап до УБК, за да ги одолговлечат субверзивните обвинителски планови, маскирани зад судски налози, и дрско издадени без тефтерски благослов од МВР.

Таа вечер, додека техничкиот премиер технички би требало веќе да биде заспан, (иако нема опипливи докази колку е вистински буден), на дело се покажа дека реформите навистина се одвиваат според договорениот акциски план произлезен од извештајот на Прибе, како што потенцираше Димитриев. Но, сигурна сум дека токму таа ноќ Прибе имал тешки кошмари. Сонувал како неговите препораки некој ги расфрла како конфети од терасата на белата куќа на Илинденска број 2, за да си обезбеди реформски имиџ.

Потоа некој од МВР ги собира, ги пресува и ги претвора во ролни тоалетна хартија. Прибе се буди, ги чита последните вести од РМ и сфаќа дека нема разлика меѓу сонот и јавето. Но, дека има голема разлика кој раководи со безбедносните институции, сѐ додека реформите се спроведуваат според парабезбедносни „житија“, кои владеењето на правото го доживуваат како прва закана за неограниченоста на нивната репресивна и контролно-надзорна моќ.

Таа вечер националниот проект „Консолидација на безбедносниот систем во Република Македонија“, ја доживеа својата претпремиера под работен наслов „Одбрана и последни денови на парабезбедносните структури на РМ“.

Квазипатриотската психопатологија во која се западнати безбедносните институции, каде што во голема мера професионализмот е заменет со слепа послушност и со раководен кадар препорачан од партиски, а не од стручни квалификаци, сега ги рефлектира сите симптоми на еден систем кој е пред професионално и институционално распаѓање

Фрагменти од тој филм и вчера се вртеа во сите пропагандно-митралески гнезда, од кои се истураат ќор-фишеци во одбрана на незаконското постапување во УБК.

Квазипатриотската психопатологија во која се западнати безбедносните институции, каде што во голема мера професионализмот е заменет со слепа послушност и со раководен кадар препорачан од партиски, а не од стручни квалификаци, сега ги рефлектира сите симптоми на еден систем кој е пред професионално и институционално распаѓање. А и оние со стручни квалификации, се таму само за да го потврдат исклучокот од правилото. Затоа и Владимир Атанасовски е назначен за директор во УБК. За да нема обврска да биде вистински фронтмен на Управата. Формално стручен и подобен да го држи столчето и да ја покрива функцијата, која други лица неформално, но суштински ќе ја раководат од сенка. Затоа и последен, по главните „шерифи“, едвај изусти нешто околу техничкиот проблем за одвојувањето на завршените од активните ПИМ.

Патем, тешко на тој систем до кој пристапот зависел само од двајца службеници во УБК. Ете, ги повикале да се вратат од странство. А додека не беа тука, никој ли намал пристап до системот? Што ако комункациите закачиле најава за некаков терористички напад, а нема кој да алармира? Јака безбедност. Или ако одејќи кон капијата на МВР тие двајца физички биле нападнати од некоја преродбеничка фиданка, како онаа вчера, на која ѝ исчипирале „патриотски налог“ дека треба да тепа новинари од одредени медиуми? Кој ќе обезбеди тогаш пристап до системот?

Чудни решенија, смешни образложенија и уште потажни заклучоци за „фундаментите“ на кои се темели нашата безбедност. После оваа епизода СЈО – УБК, кога техничкиот премиер Емил Димитриев повеќе од технички ќе се информира за последиците од полицискиот однос кон судските одлуки, решението со кое Чаков е назначен за координатор на каков било реформски проект може да си го свитка во форма на ролна, да го употреби за една намена и потоа да пушти вода! Тоа навистина ќе биде реформски чекор.