Дали Европа згреши што ја награди македонската влада?

Колумна на Ерван Фуере

Поврзувајќи ја „условната“ препорака за преговори со спроведувањето на кризниот договор постигнат со посредство на Брисел, македонската влада е наградена за справување со кризата за која, во голема мера, е самата одговорна.

Поминаа десет месеци откако беше откриен скандалот со масовното прислушување во Македонија, кое вклучува наводна корупција од страна на највисоките ешалони на власта, сериозни повреди на основните права како и мешање во работата на судството, изборниот процес и во слободата на медиумите. За тоа, сѐ уште не одговараше никој.

Последнава криза, далеку најголема од конфликтот во 2001, следи после серија други кризи кои го окарактеризираа деветгодишното владеење на владите раководени од ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија дојде на власт во 2006 и придонесе кон формирање на длабоко поларизирано општество раководено од клима на страв, што сериозно му наштети на имиџот на Македонија во очите на светот.

И покрај огромното количество на докази, вклучувајќи го и јасно препознатливиот глас на премиерот Никола Груевски и на други соговорници во аудио лентите, Груевски продолжува да ја негира владината вмешаност во прислушувањето, тврдејќи дека лентите се „фабрикувани“ од страна на странски разузнавачки служби кои одбива да ги именува.

Во меѓувреме продолжуваат напорите за спроведување на договорот помеѓу владата и опозицијата постигнат во јуни и во јули. На први септември опозицијата се врати во парламентот со што го заврши бојкотот кој траеше 14 месеци. Беа именувани двајца министри и тројца заменици министри од редовите на опозицијата. Беше избрана специјална обвинителка која има целосно овластување да го истражи прислушувањето и да ги доведе пред правдата сите сторители и имплицирани.

Во општестово раководено од правила и од морални стандарди би морало да се гарантира кредибилна истрага и да има одговорност за сторениот криминал.

За жал, како што видовме од содржината на самите прислушувани разговори како и од бескомпримисното поведение на владата, Македонија не е такво општество.

Не само што советот на јавни обвинители избегнуваше да го назначи тимот заменици на специјалната обвинителка и го одолговлекуваше предавањето на важни податоци поврзани со прислушувањето, туку и владејачката партија се обиде да го спречи нивното објавување. Владејачката партија направи сѐ што можеше за да го поткопа духот на договорот од Пржино, што резултираше со досега невидено јак прекор од страна на меѓународната заедница.

Последниот извештај за напредокот на земјата кој што Европската комисија го објави во ноември, со најостар јазик ја критикува владината ефикасност во спроведувањето на реформската агенда потребна за приклучување кон ЕУ. Од друга страна, со задржувањето на препораката за преговори, иако условена со спроведувањето на политичкиот договор, Комисијата ја наградува владата за „прогресот постигнат до сега во имплементација на политичкиот договор од јуни/јули. Останува под знак прашање дали ова е вистинскиот пристап за да се доведе владината реформска програма назад на вистинскиот пат, особено кога ќе се сетиме дека договорот се однесува на криза за која самата влада е одговорна во голема мера.

Во меѓувреме, доколку се спроведе договорот, предвремените избори треба да се одржат на 24ти април следната година. Иако договорот предвидува дека премиерот ќе си поднесе оставка три месеци пред изборите за да остави простор за нова влада чија единствена обврска „ќе биде лимитирана на организирање на предвремените парламентарни избори“, која е гаранцијата дека тој, работејќи зад сцената, ќе се воздржи од контролата преку сите спреги на моќта?

Тонот на владејачката партија останува бескомпромисен и дрзок, а и премиерот не се покаја. Владата покрена постапка за добивање на меѓународен заем вреден половина милијарда евра, а ако успее да ги добие парите, како и во текот на претходните избори, ќе ги искористи за зголемување на платите и за други популистички и економски неиздржани предизборни мерки. Без разлика што ќе биде договорено во рамките на политичкиот договор, цврстата контрола на медиумите од страна на влеадејачката партија веројатно ќе продолжи. За потсетување, во најновиот извештај на Репортери без граници, земјата е рангирана на 117 место од вкупно 180 земји, веднаш до Мали и до Таџикистан. Ова е огромен пад во слободата на медиумите споредено со 34-то место кое го имаше во 2009.

Голем предизвик ќе биде да се спречи владејачката партија повторно да посегне по заплашување на јавната администрација за да обезбеди гласови. Во претходните извештаи на изборните набљудувачи од ОБСЕ/ОДИХР се наведува дека владејачката партија користи сурови тактики на заплашување против јавната администрација за да обезбеди поддршка. Имајќи предвид дека Македонија има најголема јавна администрација на Балканот, за жал не постои ништо, освен моралната совест, што би ја спречило владејачката партија повторно да ја употреби својата железна тупаница за да се одржи на власт.

Во вакви околности останува спорно дали во краткото време до изборите ќе може да се гарантираат еднакви услови во текот на изборниот процес, ослободени од нерегуларностите кои беа карактеристични за многу претходни избори. Ако тоа не се случи, одговорноста ќе падне врз меѓународната заедница, особено врз ЕУ и врз САД заедно со ОБСЕ, кои ќе треба да побараат одложување на изборите на одредено време, сѐ додека сите елементи не си дојдат на своето место. Како што видовме во минатото, носењето закони и регулирањето на процедурите не е доволно. Потребна е промена на тонот на политичкиот говор како и промена во однесувањето на политичките лидери, почнувајќи од владејачката партија која продолжува да зборува со јазикот на конфронтацијата.

Специјалната обвинителка треба да се охрабри да стори сѐ што е можно за да ја забрза истрагата и да поднесе кривични пријави. Колку повеќе се чека, толку потешко ќе биде да се дојде до соодветна одговорност за инволвираните.

Во македонската политика сеќавањата траат кратко, а со пропагандната машинерија на своја страна, на владејачката партија ќе ѝ биде лесно да ги убеди луѓето дека прислушувањето било само дел од имагинацијата на опозицијата, и дека не е вредно за внимание. Ќе го претвори во македонско секојдневие она што во демократските земји се смета за зло. Ова нема да биде фер кон луѓето во Македонија кои предолго страдаа под стегата на бескрупулозните политичари. Времето за промени одамна помина.