Диме Спасов и Мерил Стрип

Уште во прапочетоците на монструозниот проект „Скопје 2014“, кога ниту еден рационален набљудувач на најавите не можеше ни да поверува до кои граници ќе стаса овој мегаломански кич, во препознатливиот пропагандистички бран за амортизирање на јавноста, еден мој колега, инаку режисер по професија, сесрдно застана зад проектот, објаснувајќи дека во новите урбани простори не би му било срам да ја повика Мерил Стрип да игра во некој негов филм.

И јас, како и многумина други во тоа време, не делејќи го или не чувствувајќи го овој визионерски став на колегата, неговата изјава ја имав за подбив. Авторот на изјавата, се разбира, беше прилично ладен на исмејувањето, велејќи дека времето ќе покаже кој е во право. Денес, шест и кусур години подоцна, Мерил Стрип, ете, сѐ уште не дојде да снима кај нас, а за волја на вистината не можам да се сетам дали и кој филм го сними мојот колега во овој период.

Нашата современа УДБА, преку нивната телевизија, ни покажа дека не само Диме Спасов туку сите ние, таканаречени обични граѓани или, во превод, оние што ја финансираат УБК, ете, сме ги доживеале своите пет минути слава. И тоа како филмски ѕвезди. И само за одбрана публика

Но, сепак, иако нерадо, дури сега сфаќам дека колегата во суштина бил длабоко во право. Минатата седмица имавме можност да видиме едно такво филмско ремек-дело, снимено во овдешните „урбани простори“. Додуша не беше во прашање Мерил Стрип туку Диме Спасов. И не беше режиран од споменатиот режисер туку од извесен анонимен автор, кој се одзива на иницијалите УБК. И – она што е најубаво – ние не сме ни свесни колку вакви филмови се снимени досега. А не сме, затоа што ваквите мастерписи не се наменети за сечии очи туку само за оние на осведочените љубители на препознатливиот УБК-жанр.

Значи, возбудливата филмска приказна за лудата автомобилска трка по скопските улици, всушност, е дело, стокмено за пошироката публика и начин да се покаже дека целата државна нормативна и финансиска поддршка на аудио-визуелното творештво на Управата за безбедност и контраразузнавање не само што не била залудна туку вродува со плодови, кои, ете, денес обилно ги береме. И тоа на начин на кој би можел и Енди Ворхол да се превртува во својот вечен дом од завист. Нашата современа УДБА, преку нивната телевизија, ни покажа дека не само Диме Спасов туку сите ние, таканаречени обични граѓани или, во превод, оние што ја финансираат УБК, ете, сме ги доживеале своите пет минути слава. И тоа како филмски ѕвезди. И само за одбрана публика.

Се чини дека таканаречениот „Случај Спасов“ (во натамошниот текст: СС) има многу посериозни последици врз нашите животи од таканаречената морално-политичка одговорност на кутриот млад дополнителен министер кој решил во погрешно време и на погрешно место да ја демонстрира својата надминистерска моќ. СС, имено, покажува дека којзнае колку време наназад секоја педа на Скопје, заедно сосе урбаните кулиси на несудениот филм со Мерил Стрип, е сниман буквално педа по педа и буквално 24/7, односно во драгсторско работно време.

Изборните листи на главната опозициска партија, речиси необјавени, веќе предизвикаа бура реакции. Некако излезе дека поважно е кој ќе седне во парламентот од тоа кој ќе излезе од него

Тоа значи дека секој од нас безброј пати е сниман, а снимките се веројатно и безброј пати прегледувани. На крајот од краиштата, тоа значи дека со тие снимки може да се прави што се сака и да бидат ставани во каков било контекст. Конечно, тоа се потврдува токму со филмот за СС. А од друга страна немаме потреба да се сомневаме дека и оние аудио-записи, чиј мал дел беше презентиран преку таканаречените „бомби“ на Заев, се всушност звучни кулиси за филмчињата што (си) ги прави УБК.

Во оваа и онака пренормирана држава одамна никој не прашува зошто и кој закон се донесува, а кој се спроведува (за волја на вистината и нема кој да се праша), но изгледа дека е крајно време да прашаме многу сериозно зошто со милионите камери, поточно со снимениот материјал, располага Управата за безбедност и контраразузнавање. За да го регулира сообраќајот во Скопје? За да дели кривични пријави за некој што „врзал пет-шест шамари, ама јаки“? Или за да го спасува сиромашкиот Спасов од кашата што си ја свари на месец пред избори? Или за да нѐ контролира нас?

Не се сомневам во уметничкиот квалитет на досега снимените филмови. Дури мислам дека сме зрели да освоиме Оскар за најдобра филмска контрола во регионот, Европа и пошироко. Но, длабоко се надевам дека во разговорите што деновиве ги имаше главниот режисер на снимените филмови, како и на оние што наводно не се снимени (Мартин Нешковски, Никола Младенов, Смилковско Езеро) ги откри тајните на неговиот успех. Во секој случај, ако не ги откри, ќе ги откриеме ние. Толку барем заслуживме: да разбереме зошто имавме и имаме по пет минути (веројатно и повеќе) слава кај Службите.

Во меѓувреме СДСМ се погрижи да погледнеме уште еден филм со работен наслов „СДСМиндлерова листа“. Изборните листи на главната опозициска партија, речиси необјавени, веќе предизвикаа бура реакции. Некако излезе дека поважно е кој ќе седне во парламентот од тоа кој ќе излезе од него.

Не знам, веројатно сме луѓе што сакаме да се снимаме. И да нѐ снимаат.