Длабоки депонии и плитка свест

Убаво е што ВМРО-ДПМНЕ побара итна седница на парламентот за да се разговара за проблемот со депонијата во Струга. Но, лицемерно е кога проблемот што ги мачи жителите на оваа општина, го злоупотребува за да се прикаже како единствена партија вистински заинтересирана за негово решавање, не успевајќи ни да го сокрие самозадоволството што случајот и даде штоф да ја критикува новата влада дека ништо не направила.

Патем, зборуваме за влада избрана пред две недели, која се уште нема избрано ни заменици-министри, па веројатно и останува да се потпре на оние 300 вработени во Центарот за управување со кризи, кои веќе се „прославија“ при ланските поплави, или да користи механизација од типот на „тамчето“ што општина Кочани го подари на некоја од соседните.

ВМРО-ДПМНЕ проблемот го лоцира во локалната власт, со став дека ни Рамиз Мерко, ни Зијадин Села, не направиле ништо во нивните градоначалнички мандати за решавање на проблемот. Тоа е евидентно. Но, во земја со уште 53 исти такви депонии кои работат практично нелегално, бидејќи не ги исполнуваат стандардите (освен „Дрисла“), и со уште 1.000 диви депонии, прашувам – што направило ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 11 години на тој план, со оглед дека имаше доминација и во локалната и во централната власт?!

Колку пати поминале од ВМРО-ДПМНЕ покрај депониите кога секојдневно оделе на разни „на средби со народот“? Што мислеле кога ги гледале? Му кажале ли на народот дека десет години не мрднале со прст за тоа прашање и покрај законската обврска, а и ако мрднат, според запишаното во Програмата, тоа ќе биде пред се со пари на „клетата ЕУ“, на оние мрачни, „странски сили кои сакаа да ја разнебитат Македонија“

Законот за управување со отпад предвидува обврска на општините од осумте плански региони да формираат регионални центри за управување со отпад. Бидејќи не го направија тоа, во таков случај законот предвидува Владата да ги преземе ингеренциите и да го организира работењето на регионалните депонии.

Зошто ни градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, ни Владата не го направија тоа досега?

Во „Отчетот“ на ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година за сработеното во претходниот мандат, нема ништо во врска со управувањето со отпадот. Единственото нешто што посочила партијата е „изработена публикација ‘Преглед на национални политики и легислатива во областа на отпадот  (Country Fact Sheet on Waste Policies) 2011’“, во која е даден преглед на националните политики и легислативата во областа на отпадот, вклучително и преглед на целите и активностите во однос на управувањето со него.

Поглавјето за животната средина е последно во „Отчетот“, исто како и во Програмата на ВМРО-ДПМНЕ за 2017-2020 година. Таа е напишана на 504 страници, а „Унапредување на животната средина и природата“ е ПОСЛЕДНО во програмата, на страница 492, што илустративно говори за „приоритетноста“ на ова прашање.

Како партијата ќе го решавала овој проблем и сличните на него, ако формираше влада? Во делот „Проекти за управување со отпад“ се наведени вкупно 4 (четири), од кои првиот за „изработка на регионални планови за управување со отпад и стратешка оценка на влијанието на животна средина“, во Скопскиот, Вардарскиот, Југозападниот и Пелагонискиот плански регион. Вториот проект е наменет за Источниот и Североисточниот регион и се однесува на „активности за изработка на техничка и тендерска документација за затворање на нестандардните депонии/диви депонии и подготовка на технички спецификации за набавка на опрема за собирање и транспорт на отпадот“. Третиот се однесува на санирање на старата депонија на јаловица во Пробиштип, а четвртиот на отстранување на локации контаминирани со линдан од „Охис“, и двата со реализација до март 2020 година. 

Фактот дека Македонија е затрупана со 1.000 депонии, сосема јасно зборува и за нашата (не)културна матрица и за еколошката (не)едукација. Ланската слика од Дебарско езеро покриено со илјадници пластични шишиња кои плутаат по неговата површина како „титаници“ на нашата неодговорност – граѓанска и политичка, никого не го вознемири

Значи по 11 години на власт, партијата допрва планирала изработка на планови и проценки, што јасно говори за лицемерието со кое ги обвинува оние што се две недели на власт, за нешто што ВМРО-ДПМНЕ не го сработила цела деценија! Притоа, во програмата на ВМРО-ДПМНЕ се наведува и дека Проектот во чиј рамки треба да се изработат Регионалните планови за управување со отпад, започнал уште во декември 2015 година, а има рок на реализација до декември 2017 година. За него бил предвиден буџет од 3,6 милиони евра од ЕУ – ИПА Програмата и обезбедено кофинансирање од буџетот на РМ, а за вториот 1 милион евра, исто така со средства од ЕУ и со кофинансирање од буџетот.

Па, сега прашувам, колку пати поминале од ВМРО-ДПМНЕ покрај депониите кога секојдневно оделе на разни „на средби со народот“? Што мислеле кога ги гледале? Му кажале ли на народот дека десет години не мрднале со прст за тоа прашање и покрај законската обврска, а и ако мрднат, според запишаното во Програмата, тоа ќе биде пред се со пари на „клетата ЕУ“, на оние мрачни, „странски сили кои сакаа да ја разнебитат Македонија“.

Му кажале ли од ВМРО -ДПМНЕ на саканиот народ дека ЕУ треба да помага за проекти за регионални депонии, бидејќи партијата нема време да се занимава со отпади и слични „дребулии“, туку со нешто многу повозвишено – јакнење на патриотизмот и негово билбордирање преку нова архитектура. И тоа само во Скопје.

Па после ќе обвинуваат дека е заборавена Струга, Тетово, Кичево, Гостивар и така натаму, секогаш кога од депониите освен на отпад, ќе засмрди и на политичка неодговорност и нерационално трошење на буџетските пари за „многу патриотизам“ и нула пари за чиста животна средина.

Затоа треба да има седница на парламентот. Треба да се одговори зошто ништо не е направено по донесувањето на Законот за управување со отпад во 2004 година, ниту по неговите измени и дополнувања од 2012 година, туку дури сега ќе се подготвуваат нови измени за да тој да се усогласи со европската регулатива. 

Во меѓувреме Македонија и натаму ја рекламираме како прекрасна дестинација за која даваме туристички субвенции, без трошка срам за позадината на големата фотографија со која странските гости ќе си заминат од овде: отпад на секој чекор.

Фактот дека Македонија е затрупана со 1.000 депонии, сосема јасно зборува и за нашата (не)културна матрица и за еколошката (не)едукација. Ланската слика од Дебарско езеро покриено со илјадници пластични шишиња кои плутаат по неговата површина како „титаници“ на нашата неодговорност – граѓанска и политичка, никого не го вознемири. Тоа докажува дека нашиот интегриран систем за управување со отпад има добиено лиценца директно од нашата рудиментирана свест за односот кон животна средина на оваа „чудесна Македонија“.

Откако докажавме дека можеме да произведеме многу отпад, но не и да го управуваме, селектираме и преработиме, нешто што во развиени земји носи огромни профити, до изградбата на регионални центри (ни баба Ванѓа не предвидела кога ќе ги има), ни останува барем да ги ставиме под контрола отворените жаришта на зарази, да ги оградиме и за почеток врз отпадот не трупаме невистини за наводната грижа за граѓаните. Така барем воздухот ќе се прочисти од лаги.