Договорот е мртов, да живее Пржино!

Политичкото лешинарство, кое е суптилно маскирано со јалови активности со цел да го разводнат и обезличат Договорот и да ја сменат неговата обврзувачка ДНК, се заканува драматично да ги исколвe сите негови точки кои ќе навестат каква била можност тој да заживее во македонската практика.

Повикајте го Н. за убиство на Договорот! Ова не е модификација на насловот од познатиот филм на Хичкок. Ова е констатација со која наскоро ќе се соочат и гарантите на процесот за спроведување на Договорот од 2 јуни. Велам наскоро, затоа што тој сѐ уште е формално жив, но, за жал, секој ден низ политичката практика добива дози кои гарантираат негова бавна, но сигурна еутаназија.

Гарантите на четирипартитниот Договор, требаше навреме да имаат предвид еден клучен факт: дека одговорноста не живее во Македонија. За неа многу се зборува, но малку се оние кои реално ја виделе. За разлика од огромниот дефицит на одговорност, нејзиниот антипод – неодговорноста, бележи невиден суфицит. Врз темелите на таквата досега несанкционирана неодговорност, многумина изградија долгогодишни политички и други кариери. За жал, сега и Договорот од 2 јуни го гледаат како погодна платформа врз која ќе книжат нови „успеси“ за себе, но не и за државата. Тоа политичко лешинарство, кое е суптилно маскирано со јалови активности со цел да го разводнат и обезличат Договорот и да ја сменат неговата обврзувачка ДНК, се заканува драматично да ги исколвe сите негови точки кои ќе навестат каква била можност тој да заживее во македонската практика.

Го гледам белгискиот експерт Питер Ванхоуте како мака мачи да најде соодветни зборови со кои ќе ги мотивира членовите на работна група посериозно да се посветат на работата, па изјавува дека имало „солидна и интересна дискусија“, дека „расте довербата меѓу членовите“, но и дека „ги замолил писмено да му достават предлози и е задоволен што тие тоа го сториле“!?

Па зарем требало да ги моли за тоа?

Каква е таа работна група во која членовите или дел од нив, доаѓаат на работен состанок со рацете в џеб, усно ги соопштуваат своите ставови, го пијат кафето, нестрпливо гледаат на часовникот чекајќи да „ѕвони за крај на часот“, за што побрзо да заминат од средбата во своите возила со затемнети стакла? По нив, со замислен поглед кој не зрачи оптимизам, како разочаран сведок на невидената непродуктивност, скромно, на својот велосипед, си заминува и Ванхоуте. Тој загрижен, тие насмени од уво до уво. Тоа е неверојатна, речиси надреална слика, за моменти кои сведочат дека политичкиот компас овде е одамна изгубен.

Како граѓанин на оваа држава сум длабоко засрамена од тој несоодветен и несериозен однос кон обврските и од тоталниот неучинок на членовите на (не)работната група, кои на средбата си дозволиле дури и да си играат со мобилните телефони и да бидат опоменати за тоа, додека јавноста чека што побрзо да бидат имплементирани решенија што ги тангираат интересите на сите граѓани на Република Македонија.

Најмалку што се очекува од одговорни политичари, е на средбата да пристигнат натоварени со работни материјали и да не станат од масата сѐ додека не се договорат барем за еден сегмент од бројните преговарачки пакети.

Знам, изгледа преамбициозно да се рече дека сите што седат на масата се одговорни луѓе. Можеби го немаат тој порив, но растечката актуелна криза бара да се однесуваат одговорно, а не лажно да се рекламираат како носители на државните проблеми врз нивниот грб. Притоа не мислам само на членовите на работната група туку, пред сѐ, на политичките субјекти кои нив ги делегирале таму и кои секој ден ги хранат со висококалорични партиски насоки за дејствување што не рефлектираат волја за излез од кризата туку за копање нови меѓупартиски ровови. Отпорот за законско регулирање на позицијата на идниот специјален обвинител и намерното пролонгирање на решението за него, јасно покажува во каков ќорсокак се турка работата.

Меѓународните гаранти на процесот мора итно да побараат да престане инструментализацијата на работната група за глумење активности кои водат исклучиво кон еден резултат – перфидно игнорирање и на роковите и обврските.

Во спротивно, ќе станат соучесници во уривањето на засега единствената шанса за излез од актуелната агонија. Притоа, не е лошо да фрлат поглед и на тоа што се случува во Собранието: стотици закони се носат по скратена постапка за само неколку часа и тоа неколку дена пред таму да се врати опозицијата.

Ваков „ефикасен“ и узурпиран парламент само уште еднаш покажува зошто е во толку длабока криза парламентарната демократија и со колкава „желба“ се очекува враќањето на опозицијата.

Овие тешки упади во духот на Договорот не смеат да бидат игнорирани и несанкционирани. Ако тоа не се стори пред да стане предоцна, како по пропуштена битка, наскоро сите ќе можеме „генералски“ да воскликнеме: Договорот е мртов, да живее Пржино!