Докурчев со Ќосето

Колумна на Сашо Кокаланов

Значи, со мајстори да си немаш работа! Еве, колку време помина никако да ја завршат работата со новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ. Некој злобник знаете што може да си помисли? Дека го криеле наводно до изборите за да не се згрозеле сиромашните луѓе од луксузот внатре. Значи, пак им вадат муабети.

Вие бре луѓе како да не сте реновирале никогаш дома, како да не сте имале работа со мајстори. Прво тоа паркетот го наместија, ниту изгланцан, ниту свети, ниту сјај, ниту отсјај. Ајде се среди паркетот некако, засвети ко кристал, да не речам ко сваровски, кога пак беља. Таман ги донесоа тие црвените теписи, ова столариве, понесени од кампањата чинам, син мебел им истопорија, каша-попара, уште бундата на Амди да им ја постелат како чергиче…

Ајде и тоа мебелот и теписите ќе се усогласат некако, ќе се претапацира, ама пак нов проблем – сликарите фатиле работа со портрети во Северна Кореја и сега не креваат на телефон. И капак на сѐ, пред некое време протекло од парното во катакомбите долу, тие ходниците за бегање во случај на револуции што им се…

Работите почнаа да се враќаат во нормала. Заев пак се заканува со вистината, Груби со УЧК, војводата со генералот, а Груевски со убиства… Ова си е конечно вистинската, реална Македонија. Ова е конечно оној Никола што си го знаеме од бомбите

Не бе, да не ти влезе мајстор в куќа! Ќе рече некој до парите било. Еве полни се пари, 60 милиони евра имот, ама не е до парите. И повторно, не може да се вселат луѓето до изборите. И ај што ништо не работат, па со тоа мобилните само штракаат. Сите нивни глупости и грешки по Фејсбуци-мејсбуци си ги објавиле. И сега што ќе си мисли народот? Што ќе си мислат скопјани? Дека вмровците немаат вкус, така?

Така. Добро, еве јас да си се изјаснам и на ова место. Да, мислам дека немаат вкус, но затоа пак, мислам и дека се многу фер луѓе – го нагрдија Скопје до болка, ама сепак најгрдото за себе го зачуваа. Затоа се народна партија! Затоа ќе победат! Добро, можеби и нема…

Беа потребни само две недели кампања и неколку неиспеглани анкети за да паднат маските. Кампања ко кампања, ќе рече некој, роман од фрази што слободно можеш да го наречеш „Ангели и демони“. Во него, се разбира, секој од главните ликови вреска од говорници колку е ангел, а колку другите се демони. Стандард. Но, Македонија, сепак, е малку нестандарден случај. Овде главните играчи влегоа во кампањата поприлично дефинирани по прашањето „Ангели и демони“.

Можеби не знаеме кој е ангел (Стојанче е Ангелов, но тоа е сепак само презиме), ама затоа точно знаеме кои се демоните. Поради багажот од недоброени јавно објавени и којзнае уште колку необјавени ѓаволштини, за некои демони бевме дури и со мисла дека можеби нема да се дрзнат да ни излезат пред очи како кандидати.

Во таа смисла, почетокот на кампањата беше малку шокантен. Ни две ни три, најголемиот меѓу демоните ни се исправи како невин, небесен ангел, кого првпат го гледаме. Иако слушнавме и точно ги знаеме сите оние ѓаволски работи што како касетни бомби го разнесоа митот за ангелскиот лик на нашиот драг водач, тој без око да му трепне, си ги остави роговите во фиоката од мерцедесот, си наметна ангелски крилца на грбот, излезе пред нас и почна да зборува за нови проекти. Како ништо да не се случило претходно, како да немало масовно прислушување, бомби, аболиции, протести, истраги, осомничени, обвиненија, одржани и одложени парници…

Неговото вистинско лице се сведе на неколку рекламни фројдовски спотови (со телефон после прислушување, или пак разголен маж што трча после Халкидики, или со шарен револуционер кој ги убедува студентите дека се идиоти и сл.), но тој главно на митинзите зборуваше како допрва да треба да дојде од опозиција на власт. Сѐ до вчера. Поточно, сѐ до анкетите што во штабот му ги носат пресни, пред да бидат напикани со квасец и добро испечени во фурната „Павел Шатев“ или крематориумот „Димитрија Чуповски“.

Лошо е кога демонот ќе види дека ѓаволот ја однел шегата. Тогаш се фрлаат крилца и мајбах наочари.

За среќа, ова первезолетка траеше само две недели. Работите почнаа да се враќаат во нормала. Заев пак се заканува со вистината, Груби со УЧК, војводата со генералот, а Груевски со убиства… Ова си е конечно вистинската, реална Македонија. Ова е конечно оној Никола што си го знаеме од бомбите.

Мислам, обидот до толку да се потцени народот мислам и да се продава Грујо како ангел, веројатно и самите сфатија дека е контрапродуктивен. Кој ли му рече на поранешниот премиер дека граѓаните се тотални имбецили.

Дали граѓаните умеат да направат разлика помеѓу овие две ситуации:
1. Таткото доаѓа кај синот и му вели: Сине, штедев со години и ти купив стан од сто квадрати. Повели клучот и со здравје да си се служиш; и
2. Таткото доаѓа кај синот и му вели: Сине, подигнав кредит на твое име од 120.000 евра и ти купив стан од 100.000 евра, 20.000 евра си зедов провизија за себе. Повели клучот и со здравје да си ги плаќаш ратите.

Се разбира дека умеат. Зошто тогаш би им било тешко да направат разлика во ситуацииве:
1. Премиерот излегува пред својот народот и му вели: Почитувани граѓани, вие плаќавте даноци, ние паметно трошевме, домаќински штедевме, и успеавме да заштедиме за автопат; и
2. Премиерот му се јавува на министерот за транспорт и му вели: Миле, ми текна, а да дигнеме кредит за автопат од Кинезите, да земеме 20 милиони евра провизија за нас, па народот нека ги плаќа ратите.

Сосема е исто. Нема разлика. Никаква.

Сфатија и тие. И се вратија на својата позната реторика, реториката по која сите ги препознаваат.

Воопшто не се сомневам дека ако беше жив, Андон Лазов Јанев – Ќосето денеска ќе работеше за поранешниот премиер Никола Груевски. Сега заедно со шефот ќе хараа по четвртата изборна единица во лов на глави, односно гласови. Ќе се закануваа, ќе киднапираа, ќе праќаа семејства по ендеци

„Тој најде да го цитира Делчев. Јас ќе му кажам. Да беше Делчев денеска жив, тој немаше да може со него да се поздрави, на него ќе му беше пратен само Ќосето да ја заврши приказната со таков човек“, му порача Груевски на Заев.

Воопшто не се сомневам дека ако беше жив, Андон Лазов Јанев – Ќосето денеска ќе работеше за поранешниот премиер Никола Груевски. Најверојатно во обезбедувањето. Или како возач, со оглед на тоа дека својата богата кариера, Андон ја почна како пајтонџија на Христо Татарчев. Сега заедно со шефот ќе хараа по четвртата изборна единица во лов на глави, односно гласови. Ќе се закануваа, ќе киднапираа, ќе праќаа семејства по ендеци.

Ееее, какви сѐ случки ќе имаат Грујо и Ќосето заедно. Еве баш ми текнува на една. Некаде помеѓу Долна и Горна Враштица, додека Ќосето пичи со мерцедесот од 600.000 евра, а Груевски на мониторчињата на задните седишта гледа сопствени говори и се воодушевува, на патот претрчува свиња. Ќосето кочи, ама мерцедес и пајтон не е исто, не може да се запре лесно и ете ја свињата како лежи мртва крај патот.

Гледа Грујо, Ќосето се држи за глава, на толку убиени луѓе, сега и една свиња понесе на душа, но водачот не би бил тоа што е ако не се грижи за својот народ, па го праќа Ќосето до селската кафеана да го најде сопственикот на бишката и да го обештети. И ете го Ќосето кај влегува во кафеаната и вели: Здраво, јас сум возач и обезбедување на Грујо, и ја убив свињата!

Ееее, каква веселба ќе падне, ќе се пие и јаде до утро.

Туку, не знам дали знаете, десна рака на Ќосето му бил Андреј Докурчев. Нема слика од тоа време, а Докурчев да не е до Ќосето. Што сакав да кажам? А да, тоа сам си Докурчев со Ќосето! Ако и вам ви Докурчев со Ќосето, на 11 декември имаме шанса да ја завршиме таа приказна. Ееее, каква веселба ќе падне потоа, ќе се пие и јаде до утро.