Долга е препораката на ЕУ

Колумна на Сашо Кокаланов

Ми ѕвони пред некое време Перо да ми раскаже виц. Одамна го нема да ме освежи со некој нов, а не помнам кога последен пат ми раскажал унгарски виц. Да ве предупредам, следува содржина наменета за лица постари од 18 години, а добредојден е и надзор од родител или старател за сите што имаат уплав од мигранти, често го сонуваат Јанко Бачев или во некоја фаза од животот биле горди што Виктор Орбан е носител на македонски орден.

Накратко, во ниедно доба, во некоја станица од метрото на Будимпешта, си чистела некоја хигиеничарка. И како што тоа често бива денес по унгарските метроа, дошол мигрант и ја силувал. Подоцна, во судската постапка, судијата ја прашува: „Добро, само едно не ми е јасно, зошто не избегавте?”, а хигиеничарката одговара: „Е како да избегам, почитуван судија?!? Пред мене – тој, а зад мене – само што сум изџогирала…”

Вицов, се разбира, е политички некоректен, сексистички и манипулативен, баш каква што е и стварноста денес во Унгарија. Во секој случај, честит четврти мандат на Орбан Орденоносецот на сите што го слават и нека не заборави овој осведочен пријател на Македонија дека секогаш кога ќе му е тешко, секогаш кога неговото двотретинско мнозинство во парламентот ќе го изнервира или Сорос ќе му става сопки во десоросоизацијата, нека се сети дека овде го има еден Хорхе, чие срце е со него, со Ердоган, со Путин и со ним сличните.

Да го парафразирам колумнистот на српско „Време”, Теофил Панчиќ: Сè почна пред петнаесетина години. На почетокот беше Путин. Потоа Ердоган стана Путин, а Орбан стана Ердоган. Сега, ете, Орбан ќе стане Путин, а Ердоган ќе остане тоа што веќе е. За Путин и нема потреба да се зборува, нема ни назнаки дека тој би се откажал од намерата да остане доживотно Путин.

Каде беше Македонија во април лани, а каде е сега, една година подоцна? Отворете ги весниците од тоа време, прочитајте што сме пишувале во колумните и по социјалните мрежи пред една година, во предвечерјето на крвавиот 27 април, со кои стравови сме легнувале и сме се буделе тогаш, а кои грижи нè мачат денес

Денес во Унгарија тешко може да се разграничи што е виц, а што реалност. Ако не ми верувате, обидете се да изгледате вести на унгарската државна телевизија од самиот изборен ден. Освен за излезноста на изборите, целиот ден се емитува и фејкњуз за некакво силување на недолжна христијанка. Од веста не се разбира дали станува збор за хигиеничарка, но факт е дека Орбан на изборите го избриша подот со поделената опозиција.

Не знам за вас, ама кај мене Орбан секогаш буди спомени за ВМРО. А април уште повеќе, од причини што ви се добро познати.

Каде беше Македонија во април лани, а каде е сега, една година подоцна? Отворете ги весниците од тоа време, прочитајте што сме пишувале во колумните и по социјалните мрежи пред една година, во предвечерјето на крвавиот 27 април, со кои стравови сме легнувале и сме се буделе тогаш, а кои грижи нè мачат денес… Сме изминале еден долг, би рекол и епски пат, бегајќи од „Долга е раката на ВМРО” и стасувајќи до „Долга е препораката на ЕУ”, или ако повеќе сакате – од работ на граѓанска војна до чиста, изџогирана или каква и да е, препорака за почеток на преговори за влез во Унијата, со изгледи овојпат да биде ефектуирана со датум.

Да, пораката испишана во канцелариите на бриселските бирократи е долга, но таа ако сакате може да биде сведена на само еден пасус: Македонија и нејзината нова власт се наградени за сработеното и пред сè за добрите намери.

Не, не мислам дека во Брисел паднале на газ импресионирани од квалитетот на реформите во пакетот 369, ниту дека сега Македонија стана европска земја со добро владеење и со живот, право и правда за сите, но сигурен сум дека и Јоханес Хан и Федерика Могерини подрипуваат од среќа секојпат кога ќе се сетат дека таму долу, што јужније то тужније, не мора да трчаат со хидрантско црево секои две недели и да гасат нов политички пожар.

Демонстрираната волја за промени и особено од очигледните намери на Заев и на неговата влада да ги затворат споровите со соседите, за Брисел се драматична промена, која треба да се пофали и награди.

Повторно Грција е единствената пречка, но Македонија сега има историска шанса. Не поради чистотата на препораката, такви слични добивал и Груевски на почетокот на мандатот, туку поради двоецот Заев-Ципрас. Ваква добитна комбинација за овој спор тешко дека пак ќе се повтори.

Договорот со Бугарија во извештајот на ЕУ е наведен како светол пример за целиот регион. Нека биде овој договор пример и за нас самите во завршните чекори што треба да се изодат за дефинитивен компромис со Грција.

Да влеземе во НАТО час поскоро и во ЕУ година поскоро. Но, и да не заборавиме дека борбата за нормалност со тоа не е дефинитивно добиена, ниту сме трајно вакцинирани од фашизам, ниту имаме доживотен имунитет за превенција од лудаци на власт

Имаше, да се потсетиме, душегрижници што предупредуваа дека договорот на Скопје и Софија бил несиметричен, дека ќе го сотрел идентитетот на етничките Македонци итн… Што знам, еве осум месеци како е потпишан, не гледам дека по улици шетаат Македонци со осакатен идентитет. Пак си го зборуваме истиот јазик, си ја практикуваме својата иста (не)култура, дури ќе се осмелам да речам дека ниту стапките на светата македонска земја од чевлите на „узурпаторот” Бојко Борисов за време на Илинден не ни го осквернавија празникот, ниту ни ја загорчија илинденската скара повеќе од пивото што традиционално го истураме врз неа. Всушност, сè е исто, само проблемот го нема.

Затоа нека не ве расколебаат манипулативни лепешки што за спорот со Грција и таканаречените идентитетски прашања ги сеат некои кочничари на процесот и слуги на претходниот режим. 

Стиропорниот медал за најголемото разочарување за минатата недела оди кај професорот Владо Поповски, кој на „Топ тема” нѐ убедуваше дека црвена линија било што ќе ни пишува во пасошот во графата nationality. Правејќи споредба со шпанскиот пасош каде што пишува етно-национална припадност (Каталонец, на пример), Поповски извлекува аналогија дека и во нашиот случај мора да пишува Македонец. Сè друго ги поминувало црвените линии и никако не смеело да се прифати во таа графа да стои името на државата. Или во превод, до пред некоја години, кога во нашите пасоши во оваа графа го пишуваше името на државата не да сме ги газеле, туку сме играле оро преку нашите „црвени линии”.

Заебете сè ова, и графи и црвени линии и лажното преставување на Уставот како свет и немелив завет на македонската државност (самиот овој Поповски за фино хонорарче е автор на едно чудо уставни измени што произлегоа од Рамковниот договор)!

Да го зграпчиме денов и да ја искористиме оваа шанса. Да влеземе во НАТО час поскоро и во ЕУ година поскоро. Но, и да не заборавиме дека борбата за нормалност со тоа не е дефинитивно добиена, ниту сме трајно вакцинирани од фашизам, ниту имаме доживотен имунитет за превенција од лудаци на власт.

Знам дека знаете, ама чисто да ве потсетам, Унгарија е во НАТО од 1999 година, а во ЕУ од 2004 година.