Другото име за идентитетот

По веста дека министрите за надворешни работи на Бугарија и Македонија, Екатерина Захариева и Никола Димитров, постигнале „основа за компромис“ за договорот за добрососедство, што двете земји треба симболички да го потпишат на 2 август, речиси е извесно дека месецот што е пред нас ќе биде исполнет со веќе познатите расправи и „одбрани“ на македонскиот „вековен“ идентитет.

Барем според нашето досегашно искуство по прашањето на идентитетот, а дал Господ, навистина го имаме во немерливи количества, и овојпат ќе бидеме сведоци на очигледниот идеен и идеолошки дефицит на неодамнешната владејачка елита да преземе политичка иницијатива и да иницира процеси што суштински би придонеле да се промени губитничката парадигма, односно да се понуди нов, модерен, политички реален и одржлив концепт на македонското државно егзистирање во регионот.

Со други зборови, повторно ќе ги слушаме веќе здодевните мантри за меѓународни заговори за разнебитување на државата, за странски служби, странски платеници, за бранители и браници, разно-разни платформи, за „името не го даваме“ итн. Или поинаку кажано, повторно ќе бидеме мета на евтин популизам за „широки народни маси“, чиј капацитет досега само до враќање во некој чуден средновековен изолационизам при крајот на втората деценија од XXI век.

А работата е сосема едноставна. Идентитетот и неговата одбрана во моментот имаат само едно име и презиме – Марко Зврлевски.

Со идејата за одбрана на Марко Зврлевски, ВМРО-ДПМНЕ всушност ја троши и ја компромитира идејата за Македонија како правна држава и како меѓународен субјект

И, ете, за таа кауза, за одбраната на неодбранливата позиција на сѐ уште актуелниот јавен обвинител, најмоќната опозициска партија во историјата на плурална Македонија е подготвена да ги изгуби и оние веќе лизгачки позиции на кои едвај се одржува. „Иновантноста“ со десетте пратенички клубови не е ништо друго туку изложување на парламентарната демократија на потсмев и нејзино обесмислување.

А обесмислувањето на парламентот не значи ништо друго туку обесмислување на неговите фундаментални фактори – политичките партии. На овој начин, ВМРО-ДПМНЕ, ако не успеа да ја погоди трасата на авто-патот Кичево-Охрид, мошне прецизно го трасира патот на сопственото исчезнување. Барем како сериозен фактор што ќе ги одредува насоките на македонската политичка иднина.

Зошто една важна политичка партија би работела во полза на сопствената штета? Конечно и во полза на штетата на државата чии национални интереси наводно ги брани? Затоа што целата политичка програма на ВМРО-ДПМНЕ не е ништо друго туку заштита на организираниот криминал и на неговите носители, кои, види чудо, се членови од највисокото раководство на оваа партија.

Велат дека историските времиња носат историски личности. Во Македонија, да парафразираме еден афористичар, некои години беа дождливи, некои сушни, ама сите беа историски. Сепак, актуелниот политички момент не е преломен за државата и, барем засега, нејзиното опстојување на патот на европските вредности не е доведено во прашање. Напротив. Договорот што треба да се потпише со Бугарија по подолго време ќе биде јасен крајпатен знак за политичката волја да ја приближи земјата кон европската нормалност.

Но, затоа преломен е моментот за ВМРО-ДПМНЕ. Прашањето е дали партијата ќе отиде во историјата или во историјата ќе отидат нејзините лидери. Ете, затоа е толку важен Марко Зврлевски. Човекот, кој ако имаше барем трошка морален интегритет мораше одамна да си поднесе оставка, не е ништо друго туку симбол на државната заштита на државните криминали и самоволија. Со идејата за одбрана на Марко Зврлевски, ВМРО-ДПМНЕ всушност ја троши и ја компромитира идејата за Македонија како правна држава и како меѓународен субјект. Најбогатата партија во Европа сѐ уште се однесува како сопственик на оваа држава. За среќа, нашето општество сѐ уште еподобро од оние што управуваа со него, па и од овие што мислат дека сега владеат со него. Вреди да се размисли за ова.

Значи, на сегашната власт ѝ останува да ги промисли причините, да ги согледа последиците, да ги артикулира можностите и да ги афирмира алтернативите, затоа што е тоа единствениот пат кон ефикасна општествена и политичка акција.

Она што секогаш ме изненадува при преминот на некој од новинарскиот еснаф во политичките води е неподносливата леснотија на промената на парадигмата на која долги години ѝ служеле

Ги следам реакциите и полемиките за екипирањето на новата влада. Во владиниот тим влегоа повеќе новинари. Еден од нив има и ранг на министер (Роберт Поповски), а и останатите се почитувани колеги во новинарскиот еснаф и важат за високи професионалци. Она што секогаш ме изненадува при преминот на некој од новинарскиот еснаф во политичките води е неподносливата леснотија на промената на парадигмата на која долги години ѝ служеле.

Имено, од служење на јавноста и одбраната на јавниот интерес, меѓу другото, и од високата политика и нејзините носители, преедноставното минување во таканаречениот Пи-Ар сектор, каде што се служи на одредени, по правило, парцијални интереси, па макар зад нив се криеле најдобри намери, секогаш буди сомнеж во професионалната искреност.

Но, да не се разбереме погрешно. Исклучително ги почитувам колегите што во моментот се во владина служба. Единствено ми е жал што толку лесно се откажаа од новинарството и што сега (а и во иднина) се практично неупотребливи во занаетот, чие ревитализирање е исклучително важно токму за таа европска нормалност, за која тука станува збор.

Останува да се види ефектот од прелевањето на таканаречениот граѓански сектор во дневно-политичките води. Сепак, задржуваме одредено ниво на скепса во добрите намери на дневната политика. Да не излезе на крајот, ако смеам да парафразирам еден мој колега, дека основната разлика меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е во тоа што претставниците на ВМРО-ДПМНЕ носат бели чорапи, а претставниците на СДСМ носат чорапи во боја. Ама исто како да се бели.