Фашизмот пред нашите порти

Денес, во 2016 година, јавно да се тврди дека Ашкеназите се „идеолозите, финансиерите и организаторите на холокаустот“ и тоа со цел „да го истребат ривалското еврејско племе“ и уште дека се творци на митот за шест милиони погубени Евреи во Втората светска војна, „иако таа бројка не е никогаш докажана“, најблаго речено е антицивилизациски, неписмено, но пред сѐ, опасно и – фашистички!

Да, навистина е залудно да се води расправа, да се објаснува и да се полемизира со портали, сајтови, што ли се,.. чија „уредувачка политика“ се состои од навреди, дискриминација и говор на омраза. Бадијалџиски е да се расправа за оние инфантилни теории за заговор од типот дека луѓето не се качиле на месечината или дека Земјата не е тркалезна. А најнесериозно е на овој тип сајтови да им се објаснува што е медиумска писменост и кои се правилата во јавното комуницирање.

Сепак, овојпат ќе направиме исклучок, со целиот ризик дека на овој начин му правиме непотребна и штетна реклама на еден ваков, сам по себе штетен, сајт. Исклучокот не е затоа што станува збор за важен текст (напротив) или затоа што не сме имале и досега вакви примери (напротив) туку поради тајмингот на неговото објавување, општествениот контекст и темата што ја третира. Особено темата: еврејскиот заговор за владеење со светот!

Значи, токму во деновите кога се одбележуваа 73 години од еврејскиот погром во Македонија што се случи на 11 март 1943 година и кога и физички беше уништена речиси комплетната еврејска популација во нашата земја, поточно на 13 март, на порталот (сајтот, блогот?) „Дудинка“, зад кој стои името на Миленко Неделковски (во импресумот е наведен како сопственик и главен и одговорен уредник), се појави антисемитскиот памфлет под сигнификантен наслов „Еврејското племе“.

Дури и да ги ставиме настрана катастрофалните грешки произлезени од немањето на она што се нарекува општа култура или основно образование (а зошто би ги оставиле?), од типот дека Ватикан е град (?) кој е во приватна сопственост на Евреите (?), дека едната од двете најголеми групи Евреи, Ашкеназите, е фамилија, при што авторот се повикува на „забранети книги и истражувања“, а не се наведува ни кои се, ниту кој и кога ги правел, ни кој ги забранил и така натаму, тезите на текстот, иако изгледаат наивно, се мошне опасни.

Сѐ уште има живи сведоци од тоа време кои ќе ви кажат дека скопјани масовно го поддржале чинот на депортирањето на Евреите од скопскиот Монопол, а голем број од нив влегле во еврејските домови да го пљачкосаат она што бугарските властодршци го оставиле

Еве, како недоквакано ќе го оставиме и тврдењето дека Ашкеназите владеат со целиот свет, иако овие тези секогаш се користеле во предвечерието на еврејските прогони („Протоколите на сионските мудреци“ е класичен пример на овој тип манипулација – памфлет создаден во ОХРАНА, руската тајна полиција во почетокот на минатиот век, а припишан на тајните еврејски здруженија, кои, според памфлетот, имале за цел да го завладеат светот), но сепак денес, во 2016 година, јавно да се тврди дека Ашкеназите се „идеолозите, финансиерите и организаторите на холокаустот“ и тоа со цел „да го истребат ривалското еврејско племе“ (претпоставувам дека се мисли на втората голема еврејска група, Сефардите) и уште дека се творци на митот за шест милиони погубени Евреи во Втората светска војна, „иако таа бројка не е никогаш докажана“, најблаго речено е антицивилизациски, неписмено, но пред сѐ, опасно и – фашистички!

Антисемитизмот е единицата мерка на слободата во европската смисла на зборот. За него нема толеранција. Никаква. Антисемитизмот е основата на сите други дискриминации, на ксенофобиите, на болниот ум… Антисемитизмот ги надминува сите говори на омраза и во сите земји што себеси се сметаат за цивилизирани и што ние ги сметаме за цивилизирани, тој е кривично дело. Дури и во арапскиот свет, кој е во перманентна воена состојба со Израел, но не и со Евреите.

Општествениот контекст на овој текст не се гледа само во тајмингот на неговото објавување туку и во фактот дека исто така деновиве старо-новата „жртва за македонската кауза“, Тодор Петров, излезе на протестите пред МВР со мегафон со јасно обележен знак „SS 1488“ (SS – знакот на озлогласената нацистичка воена единица Schutzstaffel, потоа комбинацијата на бројот 14 – 14 зборови од синтагмата „Ние мораме да ја обезбедиме егзистенцијата на нашиот народ и иднинаната на белите деца“ – и бројот 88 – симбол на поздравот Хајл Хитлер, според позицијата на буквата „Х“ во латиницата). И никој не реагираше.

Некаква трага на отпор на наметнатото лудило мора да се остави

Ова, се разбира, не се единствените антисемитски изблици во нашата средина. Читателот веројатно се сеќава на аферата од пред околу пет години, кога во учебникот за студентите на правните факултети „Политички теории – Антика“, потпишан од тогашниот и сегашен претседател на државата, д-р Ѓорге Иванов, и од д-р Светомир Шкариќ, еден од најголемите антисемитски цинизми „Антисемитист е човек што ги мрази Евреите повеќе од потребното“ беше претставен како дефиниција за антисемитизам (!). Иако некои од медиумите се обидуваа да ја алармираат јавноста за ова и иако претседателот Иванов практично никогаш не се огради од оваа дефиниција, случајот набргу беше заборавен.
Наспроти официјалното тврдење дека во Македонија не постои, ниту постоел антисемитизам, сепак и во контекстот што така внимателно го одбрала „Дудинка“, значи обележувањето на настаните од 11 март 1943 година, мораме да го дематираме барем делумно ова самозалажување.

Имено, токму во контекстот на 11 март, на социјалните мрежи беше споделуван еден текст на Вера Бужаровска, објавен во белградски „Базар“ во 1984 година, за судбината на еврејското девојче Тити што од сигурна смрт го спасил брачниот пар Тодоровски. Текстот најчесто беше споделуван како крунски доказ за македонската хуманост и за нашиот антисемитизам. Но, во колективното самослепило никој не забележа дека станува збор за уникатен пример, преседан, и дека, како што, впрочем, пишува и во самиот текст, семејството Тодоровски морало нон-стоп да бега и да се крие поради соседите што ги кодошеле дека спасиле еврејско дете.

Сѐ уште има живи сведоци од тоа време кои ќе ви кажат дека скопјани масовно го поддржале чинот на депортирањето на Евреите од скопскиот Монопол, а голем број од нив влегле во еврејските домови да го пљачкосаат она што бугарските властодршци го оставиле.

Немаме илузии дека овој текст ќе ја намали штетата што ја прават клаустрофобичните умови, ниту дека како било ќе влијае врз одговорноста на објавувањето на текстови во „Дудинка“ и во сличните портали. Но, прашањето е премногу важно за да се остави по страна. Некаква трага на отпор на наметнатото лудило мора да се остави.