Филхармонијата и битката за нормалност

Објектот на Македонската филхармонија, според мое лично убедување, е еден од ретките (можеби единствен) „нормален“ во конгломератот наречен „Скопје 2014“. И секако е единствениот што е поставен на локација што му одговара, односно која одамна е предвидена за таа намера (во комплексот што уште го сочинуваат Македонската опера и балет и Факултетот за музички уметности).

Иако, овој комплекс е веројатно непоправливо нарушен со сите оние чудни споменици и згради во неговата непосредна околина, сепак отворањето на зградата на Филхармонијата, чијашто изградба, патем речено, најдолго траеше и со која практично почна и заврши „Скопје 2014“, требаше, всушност, да го означи почетокот на нормалноста на оваа држава. Нејзиното отворање требаше да биде симболичен крај не само на најмонструозниот проект во македонската архитектонска историја туку и крај на режимот што себеси се проектираше преку оваа наказна естетика.

И затоа не смееше овој свечен чин да се препушти на „нормалноста“. Не смееше да го потврди дефинитивниот пораз на политичко-криминалната елита во заминување. Напротив. Целиот филм со отворање на Филхармонијата требаше да биде некаков пандан на „Триумфот на волјата“ на Лени Рифенштал, таа ненадмината филмска ода за возљубениот фирер Адолф Хитлер.

Нормално беше оваа власт да заврши онака како што владееше – ненормално! Со крешендо на сопствената естетика и сопствената култура

Целата слика изгледаше буквално надреално: требаше да му се покаже на историски, политички и општествено поразениот Груевски дека сѐ уште е омилен и неприкосновен водач и затоа требаше да му се додели некаква благодарница, да се чека половина час на неговото доаѓање, да добие овации од присутната публика… А публиката… Ах, сѐ негови најблиски соработници, сите оние кои сиве овие години го убедуваа дека е најпаметниот, најубавиот и најгенијалниот син на мама Нада и остатокот од македонскиот народ. Некогашни и (сѐ уште) актуелни државни министри и функционери, ама речиси сите до еден осомничени за злосторничко здружување и тешки криминали против државата и народот, речиси сите на списокот на Специјалното јавно обвинителство. Сите поданици на „големиот“ лидер на „македонштината“.

Всушност, нормално беше оваа власт да заврши онака како што владееше – ненормално! Со крешендо на сопствената естетика и сопствената култура.

Знаеме дека политиката има обичај да ја наметнува својата естетика и своето сфаќање на творештвото. Особено политиката што е преточена во власт. Колку е власта посеопфатна, толку таа естетика е подоминантна. Дури и единствена дозволена.

Не е, се разбира, случајно дека Арно Брекер беше омилениот вајар во нацистичкиот период на германската историја. Како што не е случајно дека кај нас тоа беше Валентина Каранфилова – Стевановска.

Во времето на Сталин, творештвото се манифестира низ фамозниот социјалистички реализам. Во оваа смисла ќе остане запомнето името на Андреј Александрович Жданов, комунистички моќник кој, покрај тоа што ги постави основните принципи на оваа политичка естетика и идеологија, по Втората светска војна денунцираше бројни филозофи и уметници како „народни непријатели“. Благодарејќи на неговата улога во културната историја, терминот „ждановизам“ ќе остане во интернационалниот речник како поим што ја означува суровата догматска крутост, административните забрани и прогонот во уметноста, науката и културата.

И италијанскиот фашизам е на слична линија. Неговата естетика се манифестира преку помпезната архитектура (познато?), но и преку филмот. Тоа се таканаречените филмови на „белите телефони“. Најчесто станува збор за романтични комедии што го промовираат животот на повисоката средна класа. Тоа дека станува збор за повисока средна класа се гледа токму по користењето на белите телефони во секој од овие филмови, наместо обичните црни, бакелитни телефони. Иако често посредно (но, често и непосредно), вредностите на оваа класа се идентификуваат со вредностите на фашизмот на Мусолини со што се праќа јасна порака за „најдобриот од сите можни светови“ и за непогрешливоста на големиот водач.

Се разбира дека и она што денес го препознаваме како демократски вредности има своја естетика. Кога своевремено славниот архитект Норман Фостер ја обновуваше зградата на Рајхстагот во Берлин, тогаш повторно главен град на обединетата Германија, реши куполата да ја направи од стакло. Со тоа сакаше да прати порака дека власта е проѕирна, транспарентна и дека може да се види и разбере целата нејзина плуралност. Со истата логика на проѕирност, транспарентност и плуралност се водеа и архитектите што, веднаш до зградата на Рајхстагот, ги градеа канцелариите на пратениците, како и канцеларијата на канцеларот/канцеларката наспроти зградата на Рајхстагот. Овие градежни потфати буквално сакаат да ги вградат вредностите на демократскиот поредок, за кого се врзани мнозинството граѓани, наспроти наметнувањето една идеја како единствена пожелна и допуштена.

Кризата во Македонија е политичка, или криминално-правна, или институционална, или идентитетска, или уставна, суверенитетска, етничка и меѓуетничка, економска… Всушност, таа е – културна! Културата е факторот што го обединува системот на вредности. Ако не верувате, погледнете го уште еднаш отворањето на новата зграда на Македонската филхармонија!

Цело ова кусо потсетување на политичките одлуки во творештвото не служи само како некаква паралела со овдешниот децениски период на „барокизација и антиквизација“ (на крајот од краиштата, тој и без одредена временска дистанца веќе е проценет од стручната јавност) туку повеќе како потсетување дека демонтирањето на режимот е само една етапа во вистинската борба што нѐ очекува, а тоа е битката за – нормалност.

Знам дека општеството ни е растурено од корупција, криминал, непотизам, партизираност и што уште не, но навистина нема да е и, ни да биде можно враќање во нормала без поставување на базичните демократски принципи токму во – културата. Конечно, и парадигмата на демолирањето на режимот, таканаречената Шарена револуција, своите принципи ги црпеше токму од културата (шареноликост, различни погледи, плурализам на интереси), преточувајќи ги потоа во барања за правда и правдина, но и во политички барања, како единствено можно решение за воспоставување културен и творечки плурализам.

Можеме да се сложиме дека кризата во Македонија е политичка, или дека е криминално-правна, или дека е институционална, или дека е идентитетска, или дека е уставна, суверенитетска, етничка и меѓуетничка, економска… И веројатно има од сѐ по нешто во неа. И затоа оваа криза првенствено е – културна! Културата е факторот што го обединува системот на вредности. Ако не верувате, погледнете го уште еднаш отворањето на новата зграда на Македонската филхармонија!

Културата, значи, го одредува степенот на нормалноста на едно општество. А нормалноста е заебан вирус. Има неверојатна способност бргу да се шири и да опфати голем број од популацијата во одреден регион (некои сепак ќе останат имуни). Ете, луѓето понекогаш можат да сфатат дека можат да живеат нормално. Дека, ете, понекогаш можат да седат по влечки дома и да ја остават „одбраната“ на татковината на оние што се платени за тоа. Дека некогаш можат да погледнат некој филм во кино. Дека некогаш можат да отидат и на некој концерт на Македонската филхармонија без да имаат чувство на непријатност од останатиот дел на публиката. Дека можат да бидат – нормални. Затоа тој вирус на нормалноста е толку опасен. Во негово присуство секој режим станува невозможен и затоа првин него го искоренува.

Во таа смисла може да биде симптоматично (а не мора) дека во сите кулоарски, медиумски и кафеански шпекулации во кои се лицитира со имињата на министрите и на ресорите, никаде не се споменува министерството (и министерот/министерката) за култура. Сметам дека ова прашање е далеку од неважно, како што сметам дека улогата на Елизабета Канческа Милевска, веројатно најдолгогодишната министерка за култура во македонската историја, воопшто не е споредна во приказната за македонската пропаст. Напротив.

Не велам дека министерот за култура е клучната функција во новата Влада. И, што би рекол Станислав Јиржи Лец, мене не ме плаши министерот за култура. Мене ме плаши културата на министерот. Вреди да се размисли за ова.