Генетски модифицирано новинарство

Да не стануваше збор за една социјална и општествена патологија, за посмртен марш на цело едно општество, ќе беше дури и интересно да се следи историјата на новинарското бесчестие, циничната приказна како новинарството, од една од виталните полуги на демократијата, се претвори само во придружно помагало за контрола над човековите и граѓанските слободи.

Пред извесно време, еден, сега веќе повозрасен, колега ми направи огромен комплимент. Претставувајќи ме на извесен негов пријател, колегата рече: „Јас и Ѕвездан сме претставници на органското новинарство“. Се разбира дека зад оваа претенциозна изјава има дел шега и подбивање на сметка на помодната манија по здрава храна, но го има и оној дел што комплиментира – „органско новинарство“, всушност е една успешна синтагма за објаснување на една професија од времето кога таа не беше загадена со огромно количество отрови, омраза, навреди, манипулации, дезинформации, спинови.

За жал, она што не влегува во комплиментот, она што е премолчено, а се подразбира, е дека „органското новинарство“ денес како никогаш досега е клинички мртво и речиси сосема исчезнато. Наместо него присуствуваме на создавање и дефинитивна доминација на генетски модификуван журнализам, на своевидно чудовишно, франкенштајнско метаморфозирање на една од некогаш најважните демократски алатки.

Ете, излезе дека Специјалното јавно обвинителство не е само катализатор за потранспарентно перципирање на криминалите на власта туку и сериозен дијагностичар на тешките малигни заболувања на јавниот информативен простор.

Во некои идни, но не толку блиски времиња, феноменот на македонското новинарство, кое успешно во мирнодопско време ги достигнува дометите на она на воената Србија од времето на Милошевиќ, секако ќе биде предмет на сериозни анализи и проучувања

Она што минатата недела се случуваше со информирањето од прес-конференциите на обвинителките е веројатно најголемото срозување на македонското новинарство во неговата не толку славна и богата историја. Изместени наслови, некоректни не само во политичка туку и во цивилизациска смисла, криења на информациите, потпалувања националистички страсти, повикувања на линчови.
Сето тоа можеше да се види во главните мејнстрим весници и телевизии. Македонското новинарство, едноставно, го допре најдлабокото дно што досега можеше да се допре. Се надевам дека ме лаже чувството, ама ми се чини дека после ова неказнето информативно злодело враќање назад веќе не е можно. Сѐ е веќе дозволено.

Да не стануваше збор за една социјална и општествена патологија, за посмртен марш на цело едно општество, ќе беше дури и интересно да се следи историјата на новинарското бесчестие, циничната приказна како новинарството, од една од виталните полуги на демократијата, се претвори само во придружно помагало за контрола над човековите и граѓанските слободи; контролорот стана оној што е контролиран.

Во некои идни, но не толку блиски времиња, феноменот на македонското новинарство, кое успешно во мирнодопско време ги достигнува дометите на она на воената Србија од времето на Милошевиќ, секако ќе биде предмет на сериозни анализи и проучувања.

Но, она што мене во мигов ме интересира е прашањето: каде се колегите? Можам и да се согласам дека сѐ поголемиот број непотпишани текстови по медиумите кои се гордееја со своите пера е некаков вид тивок бунт и неприфаќање на колапсот на уредувачките политики во весниците за кои се вразани, но ни во бунило не можам да прифатам дека е тоа доволно за да се испере одговорноста од она што се случува во медиумите, а со самото тоа и во општеството. Напротив.

Наводното дистанцирање од овдешната омилена колективна игра на лудите и збунетите и прифаќањето на таканаречениот „баланс“ (злосторникот и жртвата никогаш не можат да се поистоветат!), не само што не носи амнестија туку на извесен начин значи соучесништво во бесчестието.

Дури и стравот за работното место, а со тоа и за голата егзистенција, кој така успешно ги одвојува професионалците од професионалните канони не е веќе оправдување за непреземањето општествена одговорност, односно за преобразбата од органски во ГМО новинари. Едноставно, непотпишаните текстови само покажуваат дека голем дел од новинарите примаат плата само за да не го кажат своето мислење.

Непотпишаните текстови само покажуваат дека голем дел од новинарите примаат плата само за да не го кажат своето мислење

Погрешно е, меѓутоа, тврдењето дека „сите се исти“ дури и кога станува збор за оваа обесчестена професија. Новинарските борци, кои, во занемарливо малцинство, однапред се осудени на пораз, сепак, знаат дека во судирот со транзициското ѓубре – неофашизмот, кршителите на човековите права, автократските демагози, сејачите на омраза – единствениот морален , а богами и професионален одговор е „подобро војна, отколку пакт“, дури и кога мнозинската волја на јавноста е содржана во „мудроста“: „Ќути и трпи“.
Конечно, постои ли нешто поглупаво од она кога по изборот на истата (!) власт анкетирани граѓани изјавуваат дека се надеваат оти ќе биде подобро? Или кога „неденацифицираната“ јавност се прогласува за мерка на вредност која треба да ја почитуваат средствата за јавно информирање?

Остатокот, односно мнозинството од оние што сега ја извршуваат новинарската професија, се „извршители на работите“, класични слуги (на режимот, на идеологијата, на сопствениците на медиумите) и интелектуални проститутки (подготвени да се продадат и за редовна плата) што медиумите ги претвораат во средство за контрола на масите. Или се молчаливо мнозинство што ги злоупотребува дури и каноните на новинарството за оправдување на своето молчење или за демонизирање на оние неколкумина што одбиваат да молчат.

Во суштина, органското новинарство е облик на медиумска и интелектуална герила која, иако од аутсајдерска и маргинализирана позиција, во моментов е единствениот излез за да се задржи каква-таква нормалност.