Глувата соба на Ахмети

Не е првоаприлска шега. Тоа е добро осмислен трик, за сите што се длабоко упатени во раскошната ризница од методи за политичко преживување на ДУИ преку коалициско или изборно рециклирање, со цел да ги задржи лостовите на власта.

Но, она што сите ги интересира е следново: ако изборите треба да се одржат на 5 јуни, зошто ДУИ брза да си ги спакува нејзините министри од „Илинденска“ број 2? Односно, зошто чука на целосно отворена врата?

Има неколку објективни претпоставки за тоа. Во ДУИ веќе подолг период врие од незадоволство од одредени „вечни“ министри, за што минатата година и јавно проговори Рафиз Алити. Еден од функционерите кои го предизвикува тоа незадоволството, меѓу другите, е и вицепремиерот Муса Џафери.

Тој минатата година за „влакно“ преживеа реконструкција, кога, наводно заради фокусирање на партиската енергијата кон решенија за излез од кризата, во последен момент изостанаа планираните персонални промени.

Но, снимката од негов наводен разговор што деновиве беше објавена на Јутјуб, одново и уште пожестоко ги врати на сцена критиките за моралниот кредибилитет на врвните функционери во ДУИ. Тоа во предизборен период на Ахмети му создава реални проблеми да одржи каква-таква компактност во партијата, со оглед дека таа веќе има драматично нарушен рејтинг.

Соочен со притисокот да го амортизира незадоволството преку детронизирање на неомилените партиски ликови, Ахмети наоѓа „соломонско решение“: за да не го тргне само Џафери и уште еден до двајца министри, решава да ги повлече сите.

Ако изборите треба да се одржат на 5 јуни, зошто ДУИ брза да си ги спакува нејзините министри од „Илинденска“ број 2? Односно, зошто чука на целосно отворена врата?

Со тоа постигнува неколку „ефекти“. Привремено го стивнува незадоволството во базата, ја бетонира потребата од избори на 5-ти јуни како што му ветил на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, а истовремено остава широк простор и за овозможување на други сценарија, ако тоа го наложи кризата и консултациите со гарантите на Договорот од Пржино.
Фактот што „претседателството“ (според извори во ДУИ тоа сепак биле само неколку блиски луѓе на лидерот) му ги доделило на Ахмети сите извршни овластувања за носење одлуки за следните чекори, значи дека органите на ДУИ во оваа фаза се суспендирани и дека партијата е централизирана во ликот на лидерот.

Во време на криза која настана заради кусок, а не заради вишок демократија, со ваква одлука Ахмети сега ги развластува и највисоките партиски функционери од каква било можност за меѓупартиски договарања, а тој си ја крева сопствената политичка цена и на „Бихаќка“, но пред се во амбасадата на Кале и во резиденцијата во Пржино.

Тој е сега подеднакво на „располагање“ за две опции: сигурни избори на 5-ти јуни или можност да формирање широка коалициска влада, во која ВМРО-ДПМНЕ ќе тежи колку и останатите три партии.

Најавата дека ДУИ (Ахмети) „ќе ја информира меѓународната и домашната заедница оти во наредните денови ќе ги преиспита своите политики“, значи токму тоа: обезбедување маневарски простор, за засега целосно непозната насока во која ќе заврши преиспитувањето на партиските политики, за што лидерот доби ексклузивитет за одлучување.

Ако се има предвид дека од партијата на Ахмети „одеднаш“ најавија дека доколку нема поддршка од опозицијата, тогаш и тие нема да ги поддржат измените на Законот за кривична постапка (чиј предлагач е токму нивен пратеник и пратеник на ДПМНЕ), се наметнува прашањето дали истот принцип ќе важи и ако од опозицијата нема согласност изборите да се одржат на 5-ти јуни?

ДУИ предоцна реагира. Реагира кога се засегнати нејзини функционери. Реагира на последиците

За да се спаси Ахмети од обврската да се стави беспоговорно само на страна на партнерот, а не и на изборните стандарди, тој сега си обезбеди т.н. „глува соба“, во која ќе ги апсорбира сите звуци (пораки) во фазата на „преиспитување на партиските политики“ и на крај ќе одлучи според она „ехо“ кое најповолно ќе се одрази на иднината на неговата партија.
Со ова, Ахмети испорача една „честитка“ за први април, со две различни можности за нејзино толкување: едната е наменета за коалицискиот партнер, другата за меѓународната заедница.

Формално постојат дилеми чиј одговор полесно ќе се впие во глувата соба на Ахмети, но реално – не. Преиспитувањето на политиките на ДУИ, ќе биде жестоко соочено со ветувањата дадени кон ДПМНЕ, минатиот труд и заедничките тајни што ги делат, но и со нејзините декларирани партиски заложби за европски стандарди, кредибилни избори и ставањето на државните над партиските интереси.

Ахмети сега сам ќе мора да потврди дали останува приврзаник на „моралната амбивалентност“ преку која и натаму ќе го аминува усовршувањето на овој политички рудиментиран систем, легитимирајќи одлуки засновани на формална, процедурална коректност, без оглед на содржината, бидејќи тој систем и не е поврзан со некакви вредности. Или, пак, ќе отвори пат за овозможување на спротивното.

Второво подразбира целосно почитување на „принципот на неконвертибилност“. Ахмети не ќе може да тврди дека се залага за излез од кризата, ако за попатни станици кон тој излез ги користи истите станици кои доведоа до неа. Тоа би значело дека се врти во круг, но бркањето на сопствена опашка нема да навести преиспитување на политиките, туку нивно повторување.

Со еден збор, ако Ахмети не сака да се залажува ни себе си, ни другите, ќе мора брзо да се изјасни што сака да постигне со овој потег. Особено, што во врат му дишат новоформирани партии во албанскиот блок, кои брзо ги читаат и препознаваат ваквите играрии.

Од штапските прозорци во Мала Речица во моментов кон Скопје се гледа само маглив и конфузен пејзаж: на хоризонтот има и ветување за неодлагање на изборите, и необезбедени услови за тоа, и голема нерешителност што да направи ДУИ за да се одржат или одложат, а притоа партијата да не стркала во пропаст.

За да се спаси од обврската да се стави беспоговорно само на страна на партнерот, а не и на изборните стандарди, Ахмети си обезбеди т.н. „глува соба“, во која ќе ги апсорбира сите звуци (пораки) во фазата на „преиспитување на партиските политики“ и на крај ќе одлучи според она „ехо“ кое најповолно ќе се одрази на иднината на неговата партија

Лидерот на ДУИ, кој досега најчесто профитираше седејќи на две столчиња, мора јасно да избере едно. Едното не е проектирано да ја издржува тежината на натамошни импровизации и злоупотреби, друго е баждарено да „држи“ и во наредните четири години, но со важна напомена: паѓа брзо ако неговите корисници станат клиенти на казнени установи.
Се чини дека ова последново, најмногу ќе влијае кога ќе ги преиспитува политиките.

На крајот, воопшто не се неважни навестувањата од ДУИ дека дел од мотивите за повлекување на министрите од Владата лежат и во злопотребата и објавувањето снимки на нејзини функционери. Напротив, тоа е огромен проблем во ова фрагилно и од криза разјадено општество, во кое преку злоупотреба на нечија приватност, кризата може да се доведе до кулминација од многу подраматични димензии.

Но, проблемот е во тоа што ДУИ предоцна реагира. Реагира кога се засегнати нејзини функционери. Реагира на последиците. ДУИ не реагираше кога беа обелоденети сознанија за злоупотреба на системите во МВР за незаконско следење на комуникациите. ДУИ ниту еднаш не го проблематизираше тој скандал кој индицираше дека МВР е претворено во партиски штаб за следење на политички опоненти, новинари, граѓани, па и на нејзини функционери. ДУИ само се вклучи во хорот кој ја пееше песната за „сечени, лепени, креирани материјали“.

Ако некој еднаш го злоупотребил системот, не е чудно што некој може да го открие тоа. Но, страшно е кога некој може да се направи нова злоупотреба, како што веќе е направена, па сега чекаме институциите да го откријат и санкционираат тоа.

За жал, ова е ДДВ-то што ДУИ сега го плаќа заради првичниот молк кон криминалот, од чии рестлови некој криминално „профитира“ газејќи врз приватноста на луѓето.

Затоа, поважно од повлекувањето на министрите на ДУИ, е Ахмети да преиспита што направиле тие додека биле во Владата за да не се случуваат вакви злоупотреби, а кои сега предизвикуваат двојна виктимизација на граѓаните, преку злоупотреба на еднаш злоупотребеното.

Кога јавно ќе одговорат на овие прашања, полесно ќе можат да решат кому во иднина е најдобро да му „служат“, на партнерот или правдата што ја бараат.