Госпоѓо гатач, секоја чест!

Една личност без никаков политички бекраунд и со наводно преживеани три нивоа на клиничка смрт, толку маестрално ја тестирала клиничката смрт на разумот на претседателот на Владата на Република Македонија, што создала „дело“ кое далеку ги надминува рамките и на државна пародија и на државна трагедија.

Најмалку девет години не сум имала можност да добијам изјава или интервју од премиерот Никола Груевски. И не сум исклучок. Многу мои колеги ја искусиле неговата наделеку позната „транспарентност“, докажана на едноставен начин: доставувате барање за интервју, но одговор од Кабинетот никогаш нема да добиете. И така со години.

Но, откако вчера го слушнав разговорот на Никола Груевски со извесна астролошка советничка, сосема ми е јасно колку тој чин ми обезбедил професионална предност, а не хендикеп. Како еден новинар би можел да процени што е автентичен став на премиерот, а што „придонес“ на извесна претскажувачка, ако претходно ниту знаел, ниту можел да претпостави дека Груевски толку време трошел за да ги слуша и ефектуира нејзините „анализи“.

Не ме интересираат личните, брачните, здравствените и семејните совети што му ги давала. Не ја познавам госпоѓата, ниту сум слушнала претходно за нејзините претскажувачки перформанси, но и симнувам капа. Мора да се работи за итроманка пар екселанс, штом успеала така вешто да го вози премиерот, да го натера да седи како кутре, да не трепка, да ги слуша нејзините политички анализи и да потпрашува за критичните датуми, за да биде внимателен во тие денови. Една личност без никаков политички бекраунд и со наводно преживеани три нивоа на клиничка смрт (ако добро сум разбрала), толку маестрално ја тестирала клиничката смрт на разумот на носителот на функцијата „претседател на Владата на Република Македонија“, што создала „дело“ кое далеку ги надминува рамките и на државна пародија и на државна трагедија.

Колку еден премиер треба да биде дезориентиран и несигурен, за да падне во рацете на една талентирана итроманка, која му го „гатала“ истото што тој со години јавно го беседи.

Благодарение на нејзиното гатање, многу слично како и од разговорите на Гордана Јанкулоска, ние денес имаме уште појасна слика како функционирал системот. Крајно шокантно е што за безбедносните закани Груевски не дознавал или не се интересирал кај неговиот братучед, инаку директор на Управата за безбедност и контраузнавање, туку кај оваа госпоѓа која астролошките полиња ги анализирала дири и во работно време во Царинската Управа. Така посветено „откривала“ разни закани – од замешателства на непријателски странски и домашни групи, до потенцијални испораки на дрога и други активности. Можно ли е и претседателот Иванов да го свикувал Советот за безбедност по сугестија на Груевски, откако овој бил овердозиран од разни предупредувања од госпоѓата? И во колкави димензии и низ кои институционални практики се ефектуирале нејзините совети?

За првпат вистински се мачам да најдам соодветен збор кој би го опишал овој, повеќе од феномен. Замислете, дури и истрагата за петкратното убиство кај Смилковско езеро се префрлила во окултната соба на претскажувачката, а таа побрзо и од полицијата направила фото-робот на човек „многу висок“ по кој треба да се трага, а не бил ни од Косово, ни од Македонија, ни од никаде. Но, најдиректно откри колку Груевски е за никаде. Колку еден премиер треба да биде дезориентиран и несигурен, за да падне во рацете на една талентирана итроманка, која му го „гатала“ истото што тој со години јавно го беседи.

Се прашувам, што ли ќе одговори поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, кого деновиве веројатно ќе го прашуваат – какви ти се почитуван владико, овие врли демохристијани што претпладне се крстат во верата Исусова, а попладне трчаат кај гатачки?

„Наши луѓе сакаат да ни ја расцепкаат силата“, „НАТО вештачки ќе го држат, а Европа ќе се распадне“, „Дај Боже да не не примат во ЕУ, што бараме со нив“, „Имаме ќар кога на другите им е тешко, таква ни е кармата“. Овие нејзини „претскажувања“ прилично се граничат со плагијаторство, бидејќи е истото што Груевски и неговата дружина со години го „гатаат“ по митинзи, јавни настапи и контрапротести.
Да, но се изгледа поинаку кога таа вешто ќе го зачини плагијатот со ѕвездени докази дека „тој е врвен авторитет“, привид во кој Груевски верува и не го крие. Со тоа, таа ја создала најпосакувана музика за премиерските уши, ненаситни за изјави кои го хранат неговото неограничено его и нарцизам.

Она што посебно ме импресионира, е денот кога упорно му ѕвонела, бидејќи „Уран барал“ премиерот до 16 часот да се јави со изјава. Не го разбравме поводот, но мора да било многу важно. Или, кога му ја тестирала „скромноста“, соопштувајќи му ја најновата вест: „Чудно, и кај вас и кај него (Мијалков) доаѓаат пари“. Изгледа ѕвездите над некои оф-шор дестинации биле многу зборлести тој ден. И како да ги опишете овие досетливи и фасцинатни потези на гатачката, со кои таа успевала да го претвори клиентот во класично муле, влегувајќи му под кожа дури и со вообичаениот дпмне-овски вокабулар, во кој Албанците мора да бидат „Шиптари“. Се разбира, сето тоа е „стручно“ сервирано низ неподносливот мајтап на аргументацијата дека Венера влегла во полето на работата и дека оваа недела не е поволна да се разговара за нова инвестиција. Или дека Јупитер влегол во полето на непријателства, а Нептун ретроградно ќе се одрази на коалициските партнери… А Груевски, веројатно како Алиса во земјата на чудата – слушал и снимал. За да може одново да си го преслуша патот на планетите.

Се прашувам, што ли ќе одговори поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, кого деновиве веројатно ќе го прашуваат – какви ти се почитуван владико, овие врли демохристијани што претпладне се крстат во верата Исусова, а попладне трчаат кај гатачки? Христови чеда ли се тие, или се дојдени од некоја Венера, Јупитер, Марс?

Не знам што ќе одговори г.г. Стефан, ниту како ќе биде опишана во историјата на срамот улогата на личната претскажувачка на премиерот на Македонија. Но, едно е сигурно. Во држава во која се е толку банализирано, ни претскажувачот не може да биде од форматот на Распутин, чии услуги со иста ваква сласт ги користело царското семејство Романови.

За разлика од македонската итрица, која сите кулоарски муабети за фамилијата (непресметливост, краток фитил, брзи на пиштол, нервозни) ги спакувала и ги продавала како астролошка анализа, Распутин не бил ни блефер, ни „лудиот монах“ како што го опишувала бољшевичката пропаганда, врз чии стеротипи подоцна се снимани и филмови во кои е опишан како неуреден, раскалашен, алкохоличар и интимен пријател на сите женски лица во семејството Романови. Според сведошта и записи од тоа време, кои во голем дел се изнесени и објавени надвор од Русија, тој навистина поседувал натприродна моќ за предвидување, но и за лекување – телесно и духовно. Но, пред се, бил гласот на искреноста. Луѓето со кои бил опкружен последниот руски цар, Николај Втори Романов, му го кажувале она што сметале дека сакал да го слушне. Распутин му го кажувал она што морал да го слушне, без разлика колку сурово звучело тоа.

Сепак, и во случајот со нашиот Николај, гатачката во еден момент го доживеала „моментот на вистината“, соопштувајќи му ја клучната оценка: „Вие немате поголем непријател од самиот себе!“

Само заради оваа реченица добро е што разговарал со неа. Но, штета е што не ја запомнил.