Гротеската на Елизабета

Има некоја симболика во тоа што министерката за култура Елизабета Канческа Милевска реши својата одбрана од обвиненијата на Специјалното јавно обвинителство да ја образложи пред сликата на убиството на Тодор Александров во Музејот на ВМРО или како веќе се викаше тој круцијален објект за случајот „Тендери“. Само што јас не знам да ги дешифрирам тие симболи.

Дали министерката извлече некоја паралела меѓу жртвата на Александров за македонската кауза и нејзината судбина на жртва за истата таа кауза? Всушност, тука навистина можат да се воспостават некои паралели. Ефектите добиени од работата на Александров, вклучувајќи ги тука и неговите „магарешки атентати“, врз уништувањето на македонската самобитност и идентитетот веројатно можат да се споредат само уште со ефектите на монструозниот проект „Скопје 2014“, инаку капитално дело на органот со кој раководи Канческа Милевска, а кој, од некои мистериозни причини сè уште себеси се нарекува Министерство за култура. Последиците се подеднакво катастрофални и погубни, само што она што тогаш беа „магарешките атентати“, денес се тендери, плус анекси на договорите.

Еден од познатите постулати на авторитарната држава е дека таа ги киднапира своите државјани и ги претвора во приватна сопственост. Македонија совршено се вклопува во оваа аксиома

Ако министерката за култура себеси се проектира преку ликот и делото, па и преку убиството на Александров, останува прашањето кој во тој случај би бил Ванчо Михајлов? Кој е тој што го жртвува Александров, во случајов Канческа Милевска, повторно за сметка на македонските идеали? Катица Јанева? Зоран Заев? Или можеби долговечниот лидер на актуелното ВМРО, Никола Груевски?

Кога веќе се играме со симболичките аналогии, Катица Јанева и Зоран Заев во очите на осомничените за организиран криминал повеќе би биле некој вид архи-непријатели, окупатори или нивни транспарентни, отворени сојузници. Некако повеќе одат работите кон Груевски, кој заедно со неговиот фамозен мобилен телефон, одамна се препознава како незаменлив водач на моменталната апокалипса, творец на „Швајцарија на Балканите“, економското светско чудо со најголем коефициент на сиромаштија во Европа.

Но, се разбира, постојат и извесни разлики. Во случајот на Михајлов и Александров станува збор за движење или што и да е нивното ВМРО, додека во случајот на Груевски и Канческа Милевска станува збор за држава. Или можеби за партија? Или можеби за движење? Или, што би рекол адвертајзинг мајсторот за „три во едно“.

Еден од познатите постулати на авторитарната држава е дека таа ги киднапира своите државјани и ги претвора во приватна сопственост. Тоа го прави преку предимензионираниот нормативизам, спроведуван со прекумерно санкционирање од страна на соодветната парадржавна вмрежена структура. Тоа, значи, не е ништо ново и Македонија совршено се вклопува во оваа аксиома.

Но, сепак, последниве настани на релација УБК-СЈО покажуваат дека Македонија има свои специфики. Имено, ако нејзините граѓани се третирани како приватна сопственост на државните институции, тогаш државните институции се третирани како приватна сопственост на мала група луѓе.

Врвот на гротеската е дека повеќе не е ни важно што се обидува да скрие УБК. Важно е да се покаже кој е газда дома и чии се нашите животи, нашите судбини, нашите пари, нашите институции

Нема друго објаснување за начинот на опструирање на судските одлуки од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање, освен дека и УБК, и Судот, и полицијата и сето останато, вклучувајќи нè и нас во останатото им припаѓа на мала група луѓе кои, ете, онака детски ќе се намуртат ако им чепнеш во играчките. Или за приведувањето на истражителот на СЈО за фотографирање на куќата на некогашниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Овојпат по налог на Основното јавно обвинителство.

Да не е во прашање целосна ерозија на што и да е што би имало државнички инсигнии, ситуацијата многу лесно може да се оквалификува како гротеска. И тоа онаа од итерпејовски тип. Демек: „Леле, како ги заебавме“. Станува збор за итроштини и марифети што се изведуваат на мал терен без способност да се види големата слика. Тоа  е некако како фудбалер да го издрибла противничкиот играч, да му ја протне топката меѓу нозе, давајќи си автогол. Или кога ќе сфатите дека за да добиете една чинија сте изгубиле цел сервис.

Значи, поентата е во моменталниот триумф наспроти конечниот пораз. Тоа можеби најдобро може да се види преку случајот „Ериксон“. Неколкудневното „трубење“ дека УБК не е во можност да ја изврши судската наредба без операторот и производителот на опремата беше токму тоа – протнување топка низ нозе за да добиете гол.

Врвот на гротеската е дека повеќе не е ни важно што се обидува да скрие УБК. Не е ни важно дека нè прислушувале, дека нè држеле во заложништво, дека се кршени сите можни закони, дека без скрупули е газено човековото достоинство… Ништо од тоа не е важно, важно е да се покаже кој е газда дома и чии се нашите животи, нашите судбини, нашите пари, нашите институции… Конечно, и нашите умови и нашите души.