Гуски во магла

Во „Случајот Крпач“ е оставен простор за безбројни шпекулирања, чија смисла не е да се задоволи интересот на јавноста, ниту да се покачи читаноста, туку да се посее повеќе магла. А ние се однесуваме токму така – како гуски во магла.

Во својот последен роман „Нулти број“ (Numero Zero), кој, ете, на некој начин излезе дека му е тестаментален и кој првенствено се занимава со процесот на манипулација во новинарското катадневие, Умберто Еко на едно место вели дека весниците не се создадени за да пласираат вести, туку за да ги прикраваат.

Иако станува збор за Еко, значи за еден од најголемите умови на денешнината, оваа констатација , дадена само како размислување на еден од јунаците на спомнатиот роман, не открива нешто особено ново или непознато за малку посериозниот проследувач на медиумите. Сепак, таа за нас е добар повод да ја ставиме во контекст на последниот извештај на Фридом хаус, каде што Македонија се класифицира како „неслободна земја“ и на манифестантниот однос на врвните претставници на македонското општество кон медиумскиот јавен простор.

Се разбира дека македонскиот владејачки естаблишмент не ја прифаќа оценката на релевантните меѓународни институции за задушување на демократијата во земјата, односно, поинаку прочитано, за воведување диктатура во Македонија. Основниот аргумент на перјаниците и гласноговорниците на актуелното македонско сфаќање на демократијата оди во духот на насловот на книгата на новинарот Грег Паласт „Најдобрата демократија што може да се купи со пари“ (The Best Democracy Money Can Buy: An Investigative Reporter Exposes the Truth about Globalization, Corporate Cons, and High Finance Fraudsters, 2002, Pluto Press, London), односно го издигнува квантитетот на врвниот демократски пиедестал – егзистираат толку и толку телевизии, онолку радија, олку весници и безброј портали. Доказот, пак, за обезбедениот плурализам се бара во некоја поделба на медиумите од типот – толкав број се под контрола на власта, а онолкав број се под контрола на опозицијата , иако самиот збор „контрола“ е во директна спротивност со термините „плурализам“ и „демократија“.

„Случајот Крпач“ во една „нормална“ демократија би бил оној тригер што ќе го откочи процесот не само на редефинирање на медиумите и нивната општествена улога, туку и на редифинирањето на политиката како јавна дејност и на мафијата како незаконска и тајна дејност

Овој предолг вовед беше неопходен за главната тема на овој текст – преобразбата на Македонија од неслободна во мафијашка земја. Трагедијата на Коста Крпач и нејзиното медиумско покривање е илустрација токму на мафијашката држава. Големиот број медиуми (значи, квантитетот на којшто се повикуваат оправдувачите на постапките на власта) и преку овој случај ја потврдува констатацијата на Умберто Еко, со која започна овој текст.

Медимите, како по диригентска палка („под контрола“), дезавуирајќи го сето она што би можело да се подведе под парадигмата „истражувачко новинарство“, со уште незапочната истрага, објавија дека станува збор за самоубиство, предизвикано од притисоците врз жртвата од страна на Специјалното јавно обвинителство.

Настрана навредата на добриот вкус и сосема неумесното третирање на една човечка трагедија, ваквото „известување“ открива дека доминантното сфаќање на „истражувачкото новинарство“, всушност е политичко (мафијашко)–полициско–новинарска спрега, која под „сензационални откритија“,го замаглува случајот, користејќи го за сатанизирање на одредени личности и институции. Со други зборови, не служи за пласирање на информациите, туку за нивно прикривање!

Кога овие „сензационални откритија“ во ист момент ќе бидат пласирани од огромен број медиуми од различен карактер (портали, весници, телевизии), во јавниот простор се создава магла од која не може да се види ниту дали сонцето тој ден изгреало на исток, а камоли некоја посуштествена информација која би помогнала во прочистувањето на општествениот талог.

Надвор од простото констатирање на медиумското „покривање“ на „Случајот Крпач“, остануваат отворени низа прашања, од кои ние ќе нотираме само неколку. На пример, од каде им се информациите на медиумите, до кои тие се држат „како пијан за плот“ и покрај јасното демантирање на Специјалното јавно обвинителство. Кои се тие „извори блиски до…“, кои се порелевантни од јавно достапните факти? Дали тие се можеби истите кои и на Претседателот му го доставиле списокот на луѓето што треба да се аболираат? Како сведокот се нашол на список на помилувани? И, конечно, кој е и чиј е интересот да се замаглува приказната околу (само)убиството на Коста Крпач? Кому му одговара прикривањето на информациите?

Одговорите на овие прашања можат да се најдат преку преку прости дедуктивни методи, но не можат да се најдат во медиумите. Затоа, со намера, е оставен простор за безбројни шпекулирања, чија смисла не е да се задоволи интересот на јавноста, ниту да се покачи читаноста, туку да се посее повеќе магла. А ние, претпоставувам, треба да се однесуваме токму така – како гуски во магла.

„Случајот Крпач“ во една „нормална“ демократија би бил оној тригер што ќе го откочи процесот не само на редефинирање на медиумите и нивната општествена улога, туку и на редифинирањето на политиката како јавна дејност и на мафијата како незаконска и тајна дејност. Но, ете, нешто ми говори дека и на овој испит, како и на многу други претходно, повторно ќе паднеме. Едноставно, ќе се појави некој нов случај и Крпач ќе падне во јавен заборав, како никогаш и да не постоел.

Една од оние умни поговорки вели дека вистината прочистува. Затоа ние нема ни да ја дознаеме.