Хамлет од „Илинденска“ број 2

Непрекинатото телевизиско повторување на новогодишното обраќање на премиерот Груевски доведува до несакани ефекти: тривијализација, здодевност и на крајот – одбивност.

Во 1868 година, францускиот композитор Амброаз Томас, на либрето на Мишел Каре и Жил Барбие, ја компонирал операта „Хамлет“, се разбира врз основа на славната драма на Шекспир. Иако операта „Хамлет“ денес се смета за најуспешно дело на овој композитор, поради измените што се направени во оригиналната предлошка, таа не е најдобро пречекана од тогашната јавност (а нема ниту денес некој особен одек). Не недостасувале ни злобните коментари на критичарите, од типот дека никој, освен варварите и Французите, не би можел да направи бурлеска од славната трагедија.

Груевски го стави акцентот во својот 20-минутен говор беше неговата партија, која, нели, на изборите ќе понуди најдобра, најцелосна, најквалитетна… програма

Денес, век и половина подоцна, повторно се прави бурлеска од Хамлет, но не во француските оперски туку по македонските медиумски куќи, а богами и во зградата на Владата на Република Македонија. Не е, се разбира, тешко да се стаса до оваа констатација. Доволно е само бегло да се следи македонската политичка ситуација и да се воочи она судбоносно, а сега веќе гротескно „Да се биде или не“, поврзано со претстојните избори.
Едноставно, кај нас не постои варијанта на нормалност. На пример, победникот на изборите да не го понижи победениот, а победениот да го признае поразот. Оваа аномалија, во состојба кога ниту еден изборен циклус, откога тие постојат на оваа почва, не поминал без (најчесто оправдани) сомневања, всушност е наша нормала.

Дека кај нас (политички) поразената страна се понижува и надвор од изборните кампањи (ете, апсурд) може да се види дури и преку новогодишните телевизиски програми. Ако годинава немаше детски празнични содржини (бајки, на пример) или комедии (ете, бурлески), тогаш барем го имаше традиционалното новогодишно обраќање на премиерот Никола Груевски, кој уште од почетокот на своето владеење ја презеде (не)благодарната улога на татко на нацијата.

Јасно дека од вакви пригодни говори и обраќања не треба да се очекуваат којзнае какви стратешки пораки (а зошто не?), но, сепак, најблаго речено е невкусно тие да се претворат во (не)платена партиска политичка програма.

Имено, освен веќе вообичаените ветувања, она врз што Груевски го стави акцентот во својот 20-минутен говор беше неговата партија, која, нели, на изборите ќе понуди најдобра, најцелосна, најквалитетна… програма. Наспроти ова, политичките опоненти се сатанизираат и се прогласуваат за виновници за политичката криза, за дефокусирањето на Владата од економија и за сето она што не е добро во државата.

Пораката е јасна и прецизна: нацијата се членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, а останатите се нужно зло, кое ќе го доживее историскиот пораз на априлските избори и ќе биде фрлено на буништето на историјата.

Втората порака е дека Владата е техно-менаџерска, демек „најсилни сме во економијата“, односно дека Македонија се третира како некаква корпорација, а владините службеници се топ-менаџерите на корпорацијата. За волја на вистината, тешко е денес некого, особено ако е на власт, да убедувате дека не само што нацијата не е партија туку дека е исклучително штетно такво толкување на работите, па којзнае колку да биле свети буквите ВМРО, дека таквата логика не носи само поделба на националното ткиво туку самовластие и диктатура. Уште потешко е да се објаснува дека државата не е корпорација и дека макро-економијата, всушност, е политика.

Дури и оние високо развиени и неолиберални држави, каде што се стационирани најголемите компании и корпорации, не го сфаќаат раководењето на државата како водење фирма. Едноставно, профитот не е единствената задача што треба една државна политика да ја оствари. Бидејќи зад профитот најчесто страда благосостојбата.

Тривијалноста, која и онака е доминантна во македонскиот телевизиски етер, може да се сфати како баналност, како безвредност, како апсурд, но и како бурлеска

Всушност, најдобрата работа во целата оваа приказна е токму празничната програма на овдешните телевизии. Дали поради немање сопствена продукција, дали поради незнаење, а најверојатно поради инерцијата на пропагандистички машини, новогодишното обраќање на Груевски беше, како што и се очекуваше, безброј пати повторено, а безброј повторувања на кој било говор или реченица безгрешно доведуваат до – тривијализација.

Тривијалноста, која и онака е доминантна во македонскиот телевизиски етер, може да се сфати како баналност, како безвредност, како апсурд, но и како бурлеска. На бурлеската, на пример, не само што не ѝ пречи безбројно повторување на „лепење“ торти по лице туку напротив, тоа е една од основните нејзини компоненти.

Значи, наспроти врежаното и зацементирано прифаќање на пропагандните начела на нацистичкиот креатор Јозеф Гебелс дека бескрајното повторување од лагата создава вистина, во суштина се добива сосема спротивен ефект. Непрекинатото гледање и слушање на обраќањето на премиерот, како и на сѐ друго, предизвикува здодевност, а потоа свртување кон навидум споредните елементи: на пример, читањето од идиот-камерата, моментите на збунетост и пелтечење, уредувањето на кабинетот итн., за да заврши со целосна одбивност.

Оттука и целата бурлескност на македонската варијанта на хамлетовското „Да се биде или не“, кое неминовно станува лажна и штетна дилема.