И Хан е на испит

„Првата можност во која политичарите можат да покажат нулта толеранција кон корупцијата е во составувањето на кандидатските листи на претстојните избори“, порача шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар. Апсолутно точно. Во зрелите демократии тоа е (не)пишано правило. Но во македонската практика е тешко изводливо.

Таквите ни багер не ги поместува од кандидатски листи. Задникот лаком за функции, моралот изгубен во триаголникот меѓу Белизе, месниот штаб и локалната црква, а тие овековечени во масло на платно.

Ако треба да ја „преведам“ пораката на Жбогар, во наши услови тоа би значело дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, целиот Извршен комитет на партијата и лица од други партиски органи, веднаш треба изборно да се пензионираат, доброволно и според високи морални принципи. Кога би ги имале, се разбира.

Стигнавме до дереџе од волјата на осомничени за криминал да зависи дали СЈО ќе може да работи, или „тие ќе му одржат лекција“. Хан денеска треба јасно да покаже што поддржува ЕУ: нулта толеранција на ваквиот однос кон СЈО или мулти толеранција кон криминалот

Но, што да правиме кога имаат образ – ѓон? По сето она што јавноста го слушна, единствениот папагалски одговор е дека тоа е сечено, лепено, креирано, монтирано…

И како да очекуваме нулта толеранција кон криминалот од осомничени за криминал, кои агресивно ги опструираат сите можности за правно утврдување на нивната одговорност? И не само тоа. Ја суспендираат правната држава со став дека народот на избори е единствениот судија за нивните дела. Значи, ако по стариот рецепт дојдат до изборна победа, нема зошто некое СЈО да истражува за нив, бидејќи судијата (народот) со довербата автоматски им изрекол и „ослободителна“ пресуда!!!

Само оној што не е информиран за демократскиот капацитет на врвот на ВМРО-ДПМНЕ, за султанскиот начин на кој функционира таа партија, но и за ваквиот начин на кој ја сфаќаат демократијата и изборните резултати (како победа после револуција – победникот зема сѐ во свои раце, вклучително и правдата), само некој неупатен може да се надева дека оваа партија сама ќе ги прочисти листите за пратеници од криминални ликови.

Не сакам да речам дека амбасадорот Жбогар е неинформиран. Сакам да кажам дека овде е невозможно да се очекува нулта толеранција кон криминалот од осомничени за криминал. Тоа е и причината што владејaчката коалиција покажува нулта толеранција само кон Специјалното јавно обвинителство.

СЈО стана нејзиниот архи непријател. Катица Јанева е првата на која со задоволство би ѝ врзале многу повеќе од четири-пет шамари. Институционални, пред сѐ. За да ѝ ги врзат рацете, за да хибернира додека трае кампањата, за да не им го урива високиот „рејтинг“ потврден низ бедното положение што го открија нивните гласови во аудио-снимките.

Врвот на ДПМНЕ може да се симне самиот себе од кандидатска листа само во еден случај – ако добие цврсти гаранции дека ќе биде амнестиран од кривична одговорност. Мислам на заткулисна, под маса издејствувана гаранција, надградена со кеш и проширена со ветување за разни политички концесии од нивна страна. Тие имаат нулта толеранција кон нивната слика зад решетки. И би направиле сѐ за да го избегнат тоа. Фактот дека адвокатот на партискиот лидер е адвокат и на сите други партиски лица инволвирани во истрагите на СЈО, говори колку врвот на партијата се труди тој процес да биде под негова целосна контрола, и да не се излее во несакана насока.

Но, кога се зборува за нулта-толеранцијата кон криминалот, мора да се потенцира дека најважен е конзистентниот однос кон неа. Да имаше таква конзистентност, некои лидери најпрвин ќе беа симнати од листата на соговорници на ЕУ за излез од кризата, со оглед колкав голем придонес дадоа за неа.

Кај нас, токму инкриминирани лица седнаа на преговарачката маса и станаа клучни потписници на политичкиот договор за излез од кризата. Наместо навреме да бидат делегитимирани како несоодветни соговорници, тие беа политички факторизирани од ЕУ.

И сега, откако незаслужено им е додадена политичка и преговарачка вредност, и кога од нив зависи дали ќе има избори или не, не им паѓа на памет да се тргнат од политичката тезга што им овозможува широк простор за маневар и ценкање за нивната слобода.

Затоа и се соочуваме со врвен апсурд: главен заложник на ваквите фабрички грешки во пржинскот процес да стане неговата клучна придобивка – Специјалното јавно обвинителство. Стигнавме до дереџе од волјата на осомничени за криминал да зависи дали СЈО ќе може да работи или „тие ќе му одржат лекција“!

Во ваква ситуација, зарем е важно дали изборите се зацементирани за 11 декември, ако не е зацементирана можноста за достижност на правдата? Што е важно кој ќе победи на изборите, ако криминалот и натаму остане несанкциониран? Или ако наместо надземна функционална демократија, градиме подземна криминална република, со институции кои се третираат како декор.

Ова последново е главна програмска определба на клиентите на СЈО. И нема да се откажат од нејзино спроведување. Затоа и не планираат да си ги соберат парталите, лажните серификати за чесност и да ги остават позициите на кандидатските листи за имиња на кои им е иманентен моралот. Во прашање е нивната кожа.

И тие нешта еднаш мора да се кажат со вистинското име од еврокомесарот Хан. Тој повеќе од една година седи на иста маса со осомничени или обвинети за криминал, и еден на црна листа на САД. Може ли во такво друштво да се крои почетокот на наводно нова, чесна страница на македонската историја?

Ако Хан држи до принципите и критериумите што ги декларира ЕУ, ќе мора денес да го докаже тоа најконкретно. Доста беше од банални бирократски крошеа, де од лево, де од десно. Крајно време е за директен удар.

 Огромен дел од граѓанството нема да дозволи политички пазар преку грбот на СЈО, компромиси во однос на криминалот, какви било концесии, тајни амнестии и други подземни игри, во име на некои изборни математики или широки коалиции

Прво и најважно е – до распуштање на Собранието, СЈО да ги добие неопходните законски измени за негова непречена работа. Доколку тоа не се случи, доколку таа порака јасно и гласно не стигне од Хан, тоа ќе биде првиот сигнал дека е извршено предавство на СЈО со соучество на потписниците на Пржино.

Доста е од тешење на јавноста дека тие закони ќе ги изгласа новото парламентарно мнозинство. Која е гаранцијата за тоа? Кој однапред знае кој ќе учествува во новото мнозинство? Или можеби веќе се знае?

Во таков случај, нема да биде тешко да се претпостави цената на политичкиот „пазар“ и рокот на траење на европските декларации за квалитет, но и да се знае дека казната за такво предавство ќе биде жестока.

Огромен дел од граѓанството нема да дозволи политички пазар преку грбот на СЈО, компромиси во однос на криминалот, какви било концесии, тајни амнестии и други подземни игри, во име на некои изборни математики или широки коалиции.

Не би додала ништо повеќе, освен „за поука“ неколку стихови од годинашниот добитник на Нобеловата награда за литература, Боб Дилан, отпеани пред 52 години:

„Цртата e пoвлечена / клетвата фрлена / губитниците ќе станат победници / сегашноста заминува во минатотото / поредокот забрзано се топи / оние од врвот паѓаат на дното / времињата се менуваат“.

(„The times they are changing“, 1964)