Христијан од Валандово и Христос од Витлеем

Колумна на Владо Апостолов

Груевски останува во позадина | Фото: Роберт Атанасовски

Многумина деновиве уживаат во криците на Илија Димовски, Антонијо Милошоски и посебено на Филип Петровски, оти тој е најдиректен, за октроираниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ и тоа како ги користат буквално истите аргументи против Никола Груевски, кои демократската јавност ги мантраше со години.

Сето она што тие денес го зборуваат за Валандовскиот конгрес, се жалат на закани и на притисоци, клиентелизам, „поздрави“ со завиени пораки до делегатите, сето тоа се случуваше и на државно ниво на неколку од последните избори што ги организираше Груевски и добро помниме дека овие ликови ги бранеа изборните кланици, често исмејувајќи се со забелешките на ОБСЕ и на меѓународната јавност.

Се сеќавате на оној смешен текст во нивниот сега веќе покоен партиски билтен „Дневник“, дека, замислете, ОБСЕ не знаеле што е тоа заробена држава? Би знаеле ли ОБСЕ сега што е заробена партија?

Илија Димовски аргументираше дека не е можно да се намести разликата од 200.000 гласови за неговата партија во 2014 година, а Милошоски зајадливо како што само тој знае коментираше дека гласањето било скандинавско.

И сѐ беше така идилично, додека не им заигра поларната мечка од Скандинавија на сред партија.

Ако одвоите само 20 минути и го погледнете обраќањето на Филип Петровски по вчерашниот конгрес ќе сфатите дека животот дошол и во оваа партија и дека некои луѓе таму, од кои најмногу Петровски, се одважија јавно да зборуваат за внатрешните проблеми.

Претпоставувам и ним им е полесно и не се плашат сега кога ги гледаат поразените Груевски и Сашо Мијалков како во неделата почесто го посетуваат судот отколку партиското седиште.

Една работа е јасна и тоа и бунтовнците од Белата палата го кажаа прецизно, брзиот конгрес во Валандово можеби донесе формални промени, меѓутоа ретко кој е убеден дека Груевски ја изгуби контролата во партијата. Впрочем, тој самиот му ја предаде власта на Христијан Мицкоски, човек којшто верувам дека и самиот никогаш не сонувал дека ќе стане партиски, па уште помалку лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Што доби Груевски со октроирањето на Мицкоски, освен сигурноста дека ќе ја има на располагање целата партиска поддршка, ако некогаш полицијата му затропа на врата со дозвола од Собранието за симнување на пратеничкиот имунитет?

Груевски можеби има ужасна смисла за хумор, каква што нема да слушнете во било која студентска соба, меѓутоа човекот до сега покажа дека знае да одигра и уште поважно да истрае во тоа што го испланирал.

Тој добро знае дека во моментов неговата партија е сериозно ранета и дека на следните избори, предвремени или регуларни, тешко дека ќе им се доближи на СДСМ и на Зоран Заев. Ако на ова се додаде евентуалната среќна завршница околу спорот со името и влез во НАТО и отворањете на патот кон ЕУ, на Груевски му е кристално јасно дека избори ќе има, пред неговата зима да заврши. Затоа и одбра пештера.

Меѓутоа, на следните избори Мицкоски и тој ќе ги прават листите за пратеници, на кои погодувате нема да се најде никој од овие што фино-лепо сами се издвоија, потпишувајќи се на писмото за одложување на конгресот. Дека Груевски расчистува со овие ликови, јасно е од неговата изјавата со која ги спореди со ножиња во грбот, притоа правејќи ги помали и понебитни од Љубчо Георгиевски, кој ете можел сам да му се спротистави со еден нож.

Нејсе, по новите избори Груевски ќе има поразена партија, меѓутоа исчистена од сите што сега имаат моќ за секогаш да го сменат од челната позиција. А, во политиката е едноставно – ако те нема во Парламентот, те снемува и од медиумите, а ако те нема во органите на партиите, немаш ни пари и тука некаде полека, но сигурно настапува политичката клиничка смрт, која можеш да ја забрзаш само ако формираш уште една ВМРО со некаква нова додавка.

Блиската историјата тоа неколку пати ни го покажа.

И по таквите избори кога партијата, поделена и поразена, дефинитивно ќе го достигне дното, погодете кој ќе воскресне и кој ќе излезе од пештерата како Христос од Витлеем?

Еве малку помош, нема да се вика Христијан.