Хути и Тутси

„Ако живеете опкружени со колку-толку пристојни демократии, а во 2017 година функционалната демократија сѐ уште ви е далеку од општествената практика, вие мора да сте Хасо, Немања, Агим или Трпе, Сенада, Сања, Беса или Јованка… Мора да сте Босанци, Срби, Косовци, Албанци или Македонци… Мора да сте жители на просторите на ‘балканското буре’, до кое светлината патува со многу помала брзина отколку до остатокот на планетата, па во полумракот и натаму ‘традиционално’ ја одржувате неговата карма – на вечен барут! Ќе излезете ли еднаш од тој самрак и слепило?“

Вака гласи еден од коментарите на текст за зовриеноста на Балканот, внатрешните проблеми и соседски изјави кои се доживуваат како директни провокации и ги мултиплицираат тензиите во регионот. Настрана од стеротипите дека мора да си Хасо ако си од Босна или да си Трпе ако си Македонија (со потконтекст – човек што молчи и трпи), јасно е дека Балканот и натаму се доживува како инкубатор за неспособни и корумпирани политички елити и граѓанство разбудено само „на едно око“, далеку од можноста подраматично да влијае на политичките процеси. Македонија е дел од овој регионален контекст заради недостигот од внатрешен капацитет да ја реши политичката криза, иако изборните резултати требаше да бидат главен погон за почеток на тој процес.

Една од причините за поткапацитеноста е што земјата со години ја живее траумата на разни општествени и партиски антагонизми, кои како никогаш досега, достигнаа степен налик на руандско постројување и пребројување на Хути и Тутси

Една од причините за поткапацитеноста е што земјата со години ја живее траумата на разни општествени и партиски антагонизми, кои како никогаш досега, достигнаа степен налик на руандско постројување и пребројување на Хути и Тутси. Блокирањето на комплетнотото конституирање на парламентот со избор на претседател и на собраниски тела, го покажува и недостигот на конститутивниот елемент за стабилно општество – дијалог за запирање на антагонизмите од секаков вид.

Наместо тоа, очекуваниот трансфер на власта неодговорно е вовлечен во ризици од конфликт, кој би можел брзо да експлодира. Јас не знам дали репликите што ги продаваат пратениците во парламентот некој доброволно ги „купува“ или само принудно по список, но ќе ги замолам да прашаат во маркетите што најмногу се продава овие денови.

Ќе им го кажат она што ми го кажаа и мене: луѓето прават резерви од конзервирана храна со долг рок на траење. Едни стравуваат од конфликт, други – од недостиг на приходи и комплетна блокада на државата. По 14 мај илјадници вработени во образованието, детските градинки, комуналните и други служби не ќе можат да земат плата, бидејќи градоначалниците ќе немаат мандат да потишуваат налози. Па добро е да се знае на кој народ мислат пратениците, кога во негово име ја одолговлекуваат седницата на парламентот, не дозволувајќи да се избере Комисија, собраниски претседател и да се регулира мандатот на локалната власт преку измени во Изборниот законик.

Јас немам релевантни сознанија за да им одговорам на граѓани кои од мене како новинар бараат да им обезбедам информација зошто завчера (среда) на последниот кат од една јавна институција во центарот на Скопје била стационирана одредена полициска единица? Мислите дека е достапен некој од надлежните да одговори на ова прашање? Не е.

Полицијата најави зајакнати мерки на безбедност во пресрет на велигденските празници заради терористички закани, но нема информација дали тие мерки уште се на сила. Кога граѓаните би биле информирани за тоа, не би живееле во психоза дека нешто се подготвува, но не заради закани однадвор туку заради состојбите внатре.

Особено, ако секоја вечер слушаат повици дека ќе се оди до крај, дека ќе има пресметка, дека некому ќе му се суди… Не доаѓаат овие повици туку така, случајно. Нахранети се од одреден центар со најави дека „ќе има пресуди за велепредавство, за уривање на државниот поредок и ред други санкции против предавници, соросоиди, платеници“. 

Лесно е на општествениот хоризонт да се направи „патриотска промоција“ од ваков тип, да се најдат патриотски каскадери за таа улога, а проблемите да се прокнижат како дело на домашни извршители и странски налогодавци, како единствена закана за општествената хармонија. Ваквите тези се крајно опасни и неодговорни кога не кореспондираат со вистината, а метафорите за странски замешателства се типичен речник на политичари со авторитарни тенденции.

Тие тези јасно укажуваат на намера за правна или физичка репресија врз протагонистите на демократските процеси, постапки кои треба да имаат продолжено дејство и ефект врз сите кои евентуално би се дрзнале да помислат на какви било промени. За таа цел, повикувањето на наводна одбрана на државата од надворешни и внатрешни непријатели, е камуфлажа за присилно држење на граѓаните во целосна пасивност и отсуство на интерес за начинот на кој се раководи земјата.

Тоа е типично за незрели посткомунистички земји, каде што политиката е сведена на примитивен обрт на политичката моќ и влијание врз масите, на каста која се смета за единствено надлежна да ја одреди рамката на она што е можно во одреден политички миг. Тој лимит, таа узурпирана ексклузивност која ги исклучува другите од партиципација во јавните политики, раѓа гнев, незадоволство, отпор, станува граѓански постскриптум за ваквата идеологија и деформирана практика.

Правна или физичка репресија може привремено да го забави, но нема да го запре тој отпор, бидејќи ќе продуцира уште поголем гнев. Ќе мобилизира нови приврзаници на ставот дека нешто може да сменат само ако на таквото политичко насилство му се спротивстават со активно дејствување.

Нема да се согласат да се движат во рамки на наметната политичка парадигма за единствено исправна и безалтернативна опција туку со свои обрасци ќе се спротивстават да бидат подредени субјекти во еден митски сфатен национален колектив.

Како тој притисок ќе расте, така ќе расте и притисокот однатре со цел засегнатите да ја зачуваат постојната матрица која постизборно нема легитимациска основа на мнозинство. Тоа е состојба која автоматски води кон конфликт, бидејќи во ешалоните на заминување не владее разум за важноста од мирен трансфер туку инстинктот дека без власт нема преживување. Тоа е точката од која ја градат одбраната во име на државата, а всушност ја градат преговарачката позиција на партискиот маршал.

Мотивирањето на ваков вид популистички милитаризам, од примитивен демагошки занает на власта се претвора во проблем на цела Македонија и како што многумина предупредуваат – закана за стабилноста на регионот.

Повикувањето на наводна одбрана на државата од надворешни и внатрешни непријатели, е камуфлажа за присилно држење на граѓаните во целосна пасивност и отсуство на интерес за начинот на кој се раководи земјата

Решението нема да дојде со голата констација дека шефот на државата не ја разбира суштината на демократските процеси, дека прогласил монопол врз толкувањето на Уставот, дека станал трговец-поединец кој волунтаристички одредува кому ќе му даде мандат, а кому не, дека е партиска марионета на батерии навигирана да биде главен политички релеј во актуелниов момент…

Ова го знаат сите во демократскиот свет. Но, сознанието само по себе, не резултира со решение. Осудата од Вашингтон на ваквата концепција и најавата за одговорност за сите кои ги кочат демократските промени, е како по слон да сте „удриле“ со пердув.

Дебелокожноста во разбирањето на одговорноста, покажа дека оваа гарнитура нема рецептори за вакви пораки. Каква било мерка ќе има ефект само кога од фаза на најава ќе премине во фаза на реализација. Сѐ друго е евтина фолклоризација на политиката на стап и морков, и демотивирање на граѓаните дека големите унии кон кои се стремат имаат какви било ефикасни механизми за ослободување на државата-аспирант, заробена од една политичка врхушка.

Ако се пропушти оваа можност, тогаш ни ЕУ ни САД не треба да се чудат зошто европско-атлантските интеграции се оставени на милоста, авантурите и мајтапот на матни политички фигури, кои ги еродираат демократските вредности многу побрзо отколку што Вашингтон и Брисел успеваат да ги отворат очите пред тие процеси.

Па, ако живееме опкружени со колку-толку пристојни демократии, а во 2017 година функционалната демократија сѐе уште ни е далеку од општествената практика, не сме само Хасо, Немања, Агим или Трпе… Мора да сме и балкански пријатели на некој Ханс или Доналд, кои со очи ширум затворени гледаат како балканската непроодена демократија веќе забрзано лази кон „линијата на огнот“. Ќе ја чекаат ли првата искра за да излезат од сопственото слепило?