Идентитети, копии и демагогии

Што и да се прави, најважно е чувството за мера, внимавањето да не се помине црвената линија и да не се изгуби добриот вкус во однос на нештата што ги сметаме за важни. Референдумот во моментов со право е издигнат на пиедесталот како прашање на историска одлука.

Тоа добро го знаат и тие што подгреваат атмосфера за апстиненција, поради страв дека успехот на референдумот, односно успехот на државата, ќе значи крај на лагите на партијата/партиите, кои поминаа безброј години во практикување „патриотски“ феудализам во Македонија.

За потребите на нивната пропаганда трубат дека со прифаќањето на Договорот од Преспа се менува институционалниот идентитет, пасошите и личните карти. 

Ќе разберев ако тоа го кажуваше некој необразован човек. Но, не е прифатливо кога тоа го говори универзитетски професор и претседател на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски.

Дури и да беше договорено име само за надворешна употреба, (не и за внатрешна) првите промени секако ќе ги претрпеа документите за идентификација.

Бидејќи пасошот е идентификациски документ за патување во странство, тој прв би подлежел на промена, дури и кога компромисното решение не би имало важност ерга омнес.

Патните и личните исправи ќе се менуваа дури и ако некоја влада на ВМРО-ДПМНЕ го постигнеше најдобриот компромисен договор што воопшто би можел да се замисли

Истото важи и личните карти, со кои веќе се патува во земји од регионот со кои Македонија потпиша билатерални договори за таа цел. Тоа значи дека патните и личните исправи ќе се менуваа дури и ако некоја влада на ВМРО-ДПМНЕ го постигнеше најдобриот компромисен договор што воопшто би можел да се замисли.

Второ, тврдат дека ќе се менува институционалниот идентитет. Демек, институциите ќе го изгубат идентитетот, ако во името, на пример, во иднина стои  „Академија на науки и уметности на Република Северна Македонија“.

Идентитетот, вклучително и институционалниот, не зависи од натписот што стои на одредени институции, туку од нивната внатрешна функционалност, професионалност и капацитет. Целиот спектар од поединечни институционални клетки заедно ја градат големата слика за државата: дали е таа функционален, здрав, правен, социјален и демократски организам.

Впрочем, оценката за ефикасноста и успешноста на одредена институција граѓаните никогаш и не ја граделе врз основа на нејзиното име, туку според начинот на кој таа ги сервисира нивните потреби и интереси.

За илустрација на оваа „дилема“, едно тест-прашање. Дали граѓаните би биле позадоволни од македонско МВР, кое и според признание на министер си функционирало како МВРО/ВМРО“, или поприфатливо би им било МВР на Република Северна Македонија, но ефикасно, професионално и непаратизирано?

Покрај одговорот на ова прашање, добро би било опозицијата да објасни како беше зајакнат и одбранет институционалниот идентитет на МВР, кога во него ги внесувале и ги рентале за изборни инциденти „најголемите вагабонти“, како што лично ги опиша министерката.

Дали за институционален идентитет и натаму го сметаат она што го рефлектираше МВР на 27 април 2017 година? Дали во опозицијата жалат што најголемиот дел од јавноста бара кулминацијата и раскошот на тој „институционален идентитет“ никогаш повеќе да не се повтори?

Од одговорна и зрела опозиција, особено онаа која наследи тешки хипотеки од претходното раководство, се очекува на граѓаните да им ги предочи фактите, а не да ги манипулира. За жал, ние таква опозиција во моментов немаме. Она што се нарекува најголема опозициска партија е фокусирана на една цел: со форсирање на пропагандното и со игнорирање на информативното да произведе искривоколчена перцепција на стварноста.

Притоа, и натаму посега по емоциите на еден социјален стратум, прилично осиромашен, не само во егзистенцијална смисла, туку и во образовна. Децениското искуството („Секогаш кога сме назначувале професионалци сме имале проблеми“ – Г. Јанкулоска) ги научи дека најлесно се манипулира со необразовани или полуобразовани полтрони, и дека најголемо влијание се остварува врз ранливите групи.

Идентитетот, вклучително и институционалниот, не зависи од натписот што стои на одредени институции, туку од нивната внатрешна функционалност, професионалност и капацитет

Прецизната идентификација на тие групи, врз кој е најлесно да се аплицираат лажните вести и агресивната пропаганда, е причина повеќе другата страна да инсистира на деконтаминирање и прекин на таквиот однос, а не да дозволува продолжено дејство преку нови анестетици.

И да не заборави дека највреден национален ресурс на секој држава се образованите луѓе. Кај нас тие во изборен или предрефрендумски период сосема го губат значењето, бидејќи тежиштето е ставено на другиот тас на вагата.

Токму на таа ранлива половина и е наменета пораката „Кој сум јас да му кажувам на народот што да прави на референдумот“, бидејќи со сигурност се знае дека од тој контингент нема да стигне промисла и реплика од типот: „Па, тогаш кој си ти да ни кажуваш дали е добар или не Договорот од Преспа?“

Во тоа е демагогијата и измамата.

Образовано и добро освестено граѓанство, какво што е неопходно за функционална демократска држава, тешко наседнува на измама, и не дозволува да го влечат за нос политички пророци кои прогнозираат сигурна апокалипса само тогаш кога се далеку од власта.

Но, и тие што тврдат дека се залагаат за етика, почитување на законите и демократските вредности, мора на секој чекор да ја потврдуваат својата приврзаност кон таквите принципи. Истите мора да важат и кога се говори за нив во Брисел, Стразбур, Крива Паланка или во Новаци.

Вредностите не се делат на едни за по дома, други за по надвор. Затоа „камшикарот“, грдо име за морален светилник, мора да биде во секој од нас, а не да чекаме да дојде од надвор.