Имаш премиер? Не ти требаат институции!

Премиерот стана оперативен супститут за сите наши нефункционални институции. Тие постојат во својата несовршеност и нефункционалност токму за да посведочат за совршеноста и за функционалноста на премиерот. Во спротивно, не би имале „смисла.“

Инвентивноста опаѓа. Штом повторно се пласираат приказни за федерализација, значи дека пропагандистите на власта веќе немаат никаква нова идеја, па мора да ги вртат старите шибицарски трикови кои им одговараат и на ДПМНЕ и на ДУИ.

Дотолку повеќе, што во земјава нема „место“ за нова федерализација. Едната е направена одамна. Не меѓу претставниците на двете најголеми етнички заедници – Македонците и Албанците, туку меѓу владејачките политички елити и нивните поддржувачи од една, и сите оние кои не се тоа, од друга страна. Тоа е еден вид мек политички апартхејд, не врз меѓуетничка или меѓурасна поделба, туку врз култура на тотална политичка поделеност.

Одамна пресуши „лепилото“ што можеше да спречи ваков развој на настаните.

Договорот од Пржино и даде некакво тело на можната карабина за една демократска Македонија, но за жал, не можеше да го обезбеди и нејзиниот дух. Тој дух, кој е неопходен агенс за заживување на сите системски промени е протеран од оние кои им се противат на истите. Избркан е од еден еклатантен ајдучки менталитет, кој функционира по принципот „тешко е да се ткае свила, ама лесно е да се пљачкосуваат караваните“.

Од Македонија, според истражувањето на организацијата „Глобал фајненшл интегрити“ од Вашингтон, годишно во просек нелегално се изнесувале по 521 милион долари. За период од десет години биле изнесени 5,2 милијарди долари. Најмногу се изнеле во 2011 година – 852 милиони. Никој за ништо досега не одговарал.

Наместо отчет, одговорност и санкции, владејачката партија се фали со некакви 600 денари за пензионерите, и повторно го нуди оној непристоен предлог – граѓаните да и предлагаат идеи кои таа ќе ги вградела во нејзината нова програма.

Велам непристоен, бидејќи тоа е истата онаа партија и власт што воопшто не ја интересираше што мислат граѓаните кога им го стокми и подметна проектот „Скопје 2014“, ниту кога го прошири и просторно и финансиски.

Не ги праша што мислат ни за планираните здравствени реформи, ни за рамниот данок, ни за придонесите на хонорарците, ни за законот за високо образование, ни за екстерното тестирање, ниту дали е поважно да се дадат пари за лекување на некое дете отколку за мерцедес за премиерот од 600.000 евра…

Да мислеа искрено на граѓаните, немаше во „бомбите“ да слушаме исклучиво фрази од типот „Миле, ми текна…“ или „Горде, ти текнува за тоа што ти кажав“. Се што спроведоа во нивните политики се темелеше на проблесоците од нивното текнување во еден затворен владин круг, а ни случајно на идеи што доаѓаат надвор од тоа мало и одбрано друштво.

Доаѓаат избори, па сега граѓаните повторно им требаат како покритие, за со ситни идеи да бидат параван за нивните крупни планови. Тоа садистичко задоволство маскирано во лажна отвореност кон граѓаните, е карактеристично за мафиозни и авторитарни структури кои сакаат да си обезбедат сертификат за „слух за потребите“.

Токму оваа власт во практика најдиректно ја демантира изреката дека „некои луѓе можете да ги лажете цело време; сите луѓе може да ги лажете одредено време; но не можете сите луѓе да ги лажете цело време.“

Со микрофончето на премиерскиот ревер, со неколку камери кои ги регистрираат однапред режираните „спонтани средби“, пропагандата држи збор и фаќа корен.

Но, кога премиерот по телефон за една минута решава проблем, тој најдиректно ни открива дека институциите не функционираат. Ако одредена институција за една или четири години не ја завршила работата што премиерот ја завршува за 4 минути, тогаш би било логично да биде побарана одговорност од надлежните во неа.

Но, ако забележувате, тоа никогаш не се случува, ниту ќе се случи, бидејќи премиерот стана оперативен супститут за сите наши нефункционални институции. Тие постојат во својата несовршеност и нефункционалност токму за да посведочат за совршеноста и за функционалноста на премиерот. Во спротивно, не би имале „смисла“.

Тажните судбини на оние кутри натуршчици кои ги носат пред камерите за да бидат дел од драмолетка на премиерот спасител, се доказ колку бездушната политика може да го допре дното. Колку ли само проблеми со години биле нерешавани, за да се најдат еве вака, за „црни денови“, власта со нив да си го обелува образот, за кој со се претходно не убеди дека го нема.

И додека пред нас се одвива еден политички и морално неискрен перформанс за спас, се прашувам има ли некој кој во живо ќе ја демаскира таа лага, или и пристапот до таа сцената е строго селектиран, според принципот- неподобните да бидат подалеку во радиус од еден километар.

Ова што се одвива пред нашите очи е пуч врз реалноста, пуч врз вистината, едно интензивно политичко-пропагандистичко федерализирање, одбележување на теренот преку алиментирање на клиентелистички потреби на „нивните“, со услуги резервирани и купени гласачи. Тоа е најтешката детонација што една политичка гарнитура може да и ја приреди на земјата. Нејзините шрапнели остануваат длабоко зариени во општественото ткиво, а последиците тешко се санираат со години.

Не е проблем што тие со брзопотезни „решенија“ шетаат низ државата, туку што по нив низ државата шетаат и лажни лични карти, незаслужени субвенции и други привилегии доделувани по партиски клуч.

Таа битка за власт со суптилно отелотворување на федерализацијата преку „наши“ и „ваши“, таа инвестиција во поларизацијата меѓу граѓаните, опасно се заканува да експлодира.

Оние кои од земјата направија параприватна сопственост, кои ги узурпираа сите ресурси – и приватни и јавни, го развија и зацврстија антисистемот што не донесе до криза. Колку побрзо граѓаните ги демаскираат пропагандите кои го одржуваат тој антисистем, колку решително се одважат да не бидат негови соучесници и да бидат лажени, толку побрзо ќе дадат шанса за негово демонтирање. Изборот е нивен, но и одговорноста за одлуката.