Имитација на животот

Има нешто трогателно и надежно во веста дека 500-те овдешни палми не успеаја да ја преживеат зимата. Проектот на засадувањето на овие дрвја каде што не им е место не беше само симбол на мегаломанските небулози на сѐ уште актуелната власт, на лажниот и неприроден сјај што требаше да ја означи „Перикловата доба“ на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ туку симбол на генетскиот инженеринг што систематски се спроведува(ше) врз ова парче земја и врз луѓето што живеат тука – на накалемувањето некои туѓи фасади, туѓи споменици, чудни истории и традиции и, ете, туѓи и чудни дрвја. Со еден збор, туѓи општество и природа.

Ми се чини дека ништо толку пластично не го презентираше она што требаше да биде живот на ова парче земја последнава деценија како што тоа го правеа несреќните палми. А беа направени натчовечки напори проектот да успее – дрвјата беа „туширани“ преку лето и „облекувани“ преку зима, греени и ладени, поливани и чувани… И бадијала. Палмите мораа да умрат! Затоа што никогаш не заживеаја. Не фатија корен, што би се рекло. Секој поглед врз нив или секое поминување крај нив речиси до болка нѐ потсетуваше дека ние во овие десетина години не живееме живот туку имитација на животот. Се разбира, многу лоша, многу шкарт имитација.

Попусто сите натчовечки напори проектот да успее – дрвјата беа „туширани“ преку лето и „облекувани“ преку зима, греени и ладени, поливани и чувани… И бадијала. Палмите мораа да умрат!

Како што имаме имитација на правосудниот систем, имитација на образованието, имитација на медиумите и информирањето, имитација на здравството, имитација на уметноста, имитација на политиката, така имавме и имитација на овдешната флора. Ги сечевме дрвјата што растат тука и на кои оваа почва им е природна средина за растење и развој, а оваа клима природна клима за егзистирање, а на нивно место садевме – палми!

Резултатот на овој невиден општествен експеримент во поновата историја на овие простори е секојдневно видлив по улиците на градовите. Се протестира за заедничка Македонија, а се скандира против „клетите Шиптари“; луѓе облечени во класичен левичарски аутлук, некакви лажни Чегевари и фиделкастровски врескаат против „комуњарите“ и „мракобесието“ на социјализмот; луѓе облечени во маички со апликација на „Ролингстоунси“ зборуваат со отворен презир кон западните вредности; луѓе кои не знаат што биле првите два Илиндена имаат полна уста со четврти Илинден; оние што наводно се борат за заачувување на уставниот поредок, немаат поим што пишува во Уставот; луѓе кои се наводно за соживот, уништуваат сѐ што не наликува на нив…

Дури како да не е случајно што Специјалното јавно обвинителство ги отвори новите четири случаи за финансиски криминал речиси истовремено со објавувањето на веста дека палмите не ја преживеале зимата. Животот замислен и обмислен преку купувања скапоцени рачни часовници, есцајзи, долен веш, душеци, гардероба…, со кои всушност се прави даночна евазија, не е ништо друго туку имитација на животот. Животот создаден на лага и граден на лага. А куќа која се гради на криви темели не може да има прави ѕидови.

Значи, велам, има нешто трогателно и симболичко во тоа што токму сега се исушија палмите. Како што садењето на палмите симболички ја претставуваше кулминацијата на квазигламурот на овдешниот живот, така и нивниот крај го означува и крајот на лажниот сјај. Можат да се најават изградби на уште илјадници луна-паркови и панорамски тркала, можат да дефилираат низ градот уште безброј багери и булдожери, заедно со фамозната дробилка на „Трансмет“, можат да се пенават уште десетици директори на средни училишта, бркајќи ги децата од училишните клупи на улица, можат да бидат натепани сите возачи на странските амбасади во Македонија… ама пропаста на палмите секогаш ќе биде она камче во барокните чевли, кое ќе ја разбива илузијата.

Сушењето на палмите не е резултат на „подмолното“ дејствување на Џес Бејли, ниту е резултат на масонско-темпларски заговор… Не! Тоа е резултат на длабоко погрешните и, што е поважно, криминални политики на сегашната политичка елита. Тоа е пораз на фалсификатот на животот пред нормалноста

Сушењето на палмите не може да ѝ се припише на Европската унија, ниту на поткупливоста на Хан, ниту на таканаречената тиранска платформа, уште помалку на Заев и опозицијата, или на граѓанскиот сектор… Не, не е тоа резултат на „подмолното“ дејствување на Џес Бејли, ниту е резултат на масонско-темпларски заговор… Не! Тоа е резултат на длабоко погрешните и, што е поважно, криминални политики на сегашната политичка елита. Тоа е пораз на фалсификатот на животот пред нормалноста.

Палмите исчезнуваат од македонската сцена на ист начин на кој досега исчезнаа Мартин Протуѓер, Зоран Ставревски, Миле Јанакиевски, Гордана Јанкуловска, Пешевски… На ист начин како што во моментов од сцената исчезнуваат Мијалков, па и Никола Груевски.

Има нешто надежно во фактот дека палмите мораа да умрат! На некое симболичко ниво овој факт покажува дека Македонија не е пуст остров среде некој океан каде што може да се експериментира наспроти природните односи и закони и каде што ненормалноста може да се инсталира како нормалност.

Има нешто надежно во крајот на палмите, затоа што секој крај навестува нов почеток. Не знам, можеби ќе доживееме и ние да бидеме нормални. Белки толку сме заслужиле.