Интервју со ѓаволот

Ќе да има некаква божја казна тука. На Голема сабота, денот кога сите ја очекувавме радоста од веста за воскресението на Исус, дочекавме – интервју на претседателот на Републиката Ѓорге Иванов за „Виенер Цајтунг“! Не дека Иванов рече нешто ново или нешто паметно, но сепак она што го рече беше доволно да додаде еден маток во свежо бојадисаните јајца на веќе подготвената велигденска трпеза. Едно големо кукавичино велигденско јајце. Премачкано со сите бои.

А што рече Иванов? Прати некоја државничка порака? Предложи некое решение? Кажа нешто конструктивно за излез од кризата. Се разбира дека – не! Најкусо речено, кажа дека кризата во Македонија ќе продолжи сѐ додека тој биде претседател и дека тој и натаму ќе продолжи да ја продуцира и продлабочува со недавање на мандатот за составување влада на легитимното парламентарно мнозинство.

Со други зборови, според она како Иванов ја сфаќа парламентарната демократија и како го толкува Уставот, ниту една влада не може да биде легитимна сѐ додека претседателот, односно тој, не го определи мандатот, односно мандаторот.

Според она како Иванов ја сфаќа парламентарната демократија и како го толкува Уставот, ниту една влада не може да биде легитимна сѐ додека претседателот, односно тој, не го определи мандатот, односно мандатарот

Сведоци сме како и колку труд вложи Ердоган за да му успее референдумот за воведување претседателски систем во Турција, односно со уставот да го загарантира и легализира својот протодиктаторски режим. Наспроти него, на Иванов тоа му успеа и без референдум и без уставна подлога. Дури и без парламентарна поддршка.

Едноставно, со (не)користењето на формалното право на претседателот да го назначи мандаторот за составување влада од парламентарното мнозинство, Иванов својата улога на фикус и британска кралица ја претвори во диктаторска функција, која се противи на каква било парламентарна или демократска логика.

На тој начин, добивме ефикасна и функционална замена на веќе заморениот и избламиран протодиктатор Груевски со неговиот невешт и затоа опасен пион Иванов. Се разбира, Иванов оваа улога ќе ја игра сѐ до моментот додека Груевски не закрепне, односно додека во целост не се елиминира и сатанизира Специјалното јавно обвинителство и сите негови опоненти не бидат соодветно казнети.

Не знам дали знаете, но и британската кралица формално го потврдува мандатот за премиер на победникот на парламентарните избори во Велика Британија. Замислете ситуација во која кралицата ќе одбие да го даде мандатот на лидерот на парламентарното мнозинство. Што мислите, кој ќе отстапи: парламентот или кралицата?

Разликата е во тоа што таму политичките партии, без оглед на нивната моментална положба во однос на власта, односно дали се во опозиција или позиција, со сите расположливи средства ќе ги бранат принципите на парламентарната демократија, додека кај нас партијата која уште раководи со сите пори од општеството, со сите расположливи средства ќе се бори да ја задржи голата власт.

Од интервјуто на Иванов може да се види дека, наспроти овластувањата што противправно ги приграбува за себе, тој не ги врши овластувањата за кои прима плата. На пример, наведува дека коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ била готова работа, а еден телефонски повик ја растурил.

Прво, не е јасно од каде Иванов знае дека коалицијата била веќе договорена и второ, зошто не кажува кој бил тој моќник што успеал да ја растури готовата работа? Ако се точни наводите на Иванов, тоа укажува дека тој меѓу советниците има гатачка со сериозни паранормални способности или дека живееме во ригидна полициска држава. Ако, пак, не се точни, тоа може само да значи дека нашиот претседател е евтин интригант и манипулатор.

Сведоци сме како и колку труд вложи Ердоган за да му успее референдумот за воведување претседателски систем во Турција, односно со уставот да го загарантира и легализира својот протодиктаторски режим. Наспроти него, на Иванов тоа му успеа и без референдум и без уставна подлога

Конечно, тој уште еднаш ја повторува неговата постојана мантра во овој период дека стабилноста на земјата е нарушена поради мешање на странска земја (Албанија), дури и навестува дека фамозниот телефонскиот повик што ја растурил коалицијата е од Еди Рама (кој во овдешниот современ фолклор се перципира како автор и покровител на таканаречената Тиранска платформа) и во врска со тоа – не презема ништо! Освен што лелека зошто ЕУ и САД не го осудиле ова мешање. Барем една протесна нота до албанскиот амбасадор да пратеше.

Но, затоа мудро заклучува дека решение за излез од кризата се нови парламентарни избори, бидејќи сите блокади од овој тип се решавале со избори. И, јасно, повторно манипулира, да не кажеме – лаже. Да, изборите се излез од криза. И тоа требаше да бидат изборите од 11 декември минатата година. И ќе беа – да не беше Иванов! Што ќе донесат новите избори? Да кажеме уште едно парламентарно мнозинство со СДСМ и албанските партии. И повторно Иванов ќе ги прогласи за нелегитимни. И повторно ќе правиме избори.

 Со оглед на фактот дека претседателот предупредува оти Зоран Заев се соочува со затвор, очигледно е дека нема теорија тој кога било да му го даде мандатот. Со други зборови, за него решение на кризата е само ВМРО-ДПМНЕ вечно да остане на власт. Секако, без партиите од албанскиот блок, бидејќи тие, нели, се заложници на Платформата, а всушност најмногу поради тоа што ВМРО-ДПМНЕ повеќе нема никаков капацитет да коалицира со која било партија од албанскиот блок.

Добро, на секој нормален му е јасно дека еднопартиска и еднонационална држава само ќе доведе до ескалација на кризата.

Ама, ние сме лудаци, што би рекол еден веќе бивш владин функционер.

И, ете, на Велигден, празникот што го симболизира новиот живот, новото раѓање, ние и симболично и практично добивме – интервју со ѓаволот. Едно расипано велигденско кукавичино јајце!