Искуството на Валериј Бганба

Неделава што е пред нас би требало да биде клучна, ако не во конечното демонтирање, тогаш во дефинитивниот пад на режимот што нѐ притиска нешто повеќе од една деценија. Овде најмалку мислиме на уставната обврска на претседателот Ѓорге Иванов конечно да го даде тој мандат за составување влада до 19 мај. Иако мислиме и на неа.

Прво, илузорно е да се мисли дека во земја во која судството се поигрува со законите и правните норми, а највисоките органи од Уставот прават (да се послужам со речникот на еден висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ) „тоалетна хартија“, претседателот на државата, кој досега милион пати докажа дека во неговото сфаќање на сопствените обврски не му пречат никакви скрупули од типот на уставни обврски, токму сега ќе се реши да ги респектира и спроведе своите задолженија. Оние за кои прима плата.

Не мораме да се  потсетуваме за неговото сфаќање на амнестијата, на пример. Она што предизвика немири и демонстрации во целата држава. Или на неговото разбирање на метафората „татко на нацијата“, кога ги повика лидерите на партиите на лидерска средба, во време додека овие беа на сериозни лекарски и болнички третмани на нивните повреди од оној „крвав четврток“.

Доволно е да погледнеме што направи веднаш по тој 27 април. Отиде на работна посета на Турција, односно како учесник на Форумот за глобално лидерство, што го организираше истанбулскиот приватен универзитет Бахчешехир. Оваа посета преку медиумите беше оправдана како однапред договорена и како можност претседателот Иванов да се сретне со повеќе претседатели и лидери од светот, кои ќе учествуваат на истиот Форум.

На Форумот за глобално лидерство во Истанбул Иванов говорел дека наспроти ЕУ која паднала на испитот по прашањето на Македонија, во Османлиската Империја со векови заедно живееле различни вери, јазици и раси, но тоа Европејците сѐ уште не можат да го разберат

Нема сомневање дека Иванов успеал во својата намера и дека остварил средби со сите претседатели и лидери што учествувале на Форумот за глобално лидерство. Бидејќи на Форумот (а ова медиумите некако заборавија да го кажат), од оние што имаат претседателска функција или титула, покрај Иванов, учествувал само уште претседателот на Турската република Северен Кипар, Мустафа Акинџи.

Може само да се претпостави колку интересни искуства за глобалното лидерство имале да разменат овие двајца колеги – Акинџи од државата која никој во светот не ја признава (вклучувајќи ја тука и Македонија), освен, се разбира, нивниот патрон, Република Турција, и Иванов кого поголемиот дел од државата со која наводно раководи, вклучувајќи го тука и парламентарното мнозинство, не го признава.

Може, велам, само да се претпостави колку корисни информации добиле и едниот и другиот за модусите на живеење во изолација и во целосно одвојување од светот. Бидејќи форумот е за глобално лидерство, нели.

За жал, медиумите не известија за содржината на нивните разговори во студентското бифе на истанбулскиот универзитет, ама затоа некаде и можеше да се прочита дека Иванов говорел нешто (веројатно пред студентите) за полагање испити, констатирајќи дека Европската унија паднала на испитот по прашањето на Македонија. Наспроти ЕУ, како лош студент, според турската агенција Анадолија, Иванов како позитивен пример ја посочил Османлиската Империја, каде што различни вери, јазици и раси со векови живееле заедно, но тоа Европејците сѐ уште не можат да го разберат.

Добро, признавам дека навистина е тешко да се разбере она што само Иванов го разбира. На пример, кога ќе му падне на памет на некој Европеец, ете да кажеме на чешкиот претседател, дека во времето на Австро-Унгарија со векови живееле заедно различни народи, јазици и раси, ама Европската унија тоа никако да го сфати. Или на новиот француски претседател Макрон дека во периодот на нацистичка Германија заедно живееле различни народи итн., ама кој да го сфати тоа.

На крајот од краиштата, не е ни чудно дека човек кој во XXI век ја воспева Османлиската Империја, наспроти вредностите на Европската унија, постапува вака како што постапува.

Работите се едноставни: светот не живее повеќе во времето на Отоманската Империја. А богами не живее ни во времето на Александар Велики. Како што сега стојат работите, не живее ни во времето на Ѓорге Иванов. Време е светот да дојде да живее во Македонија. А тоа ќе се случи оваа недела

Но, во овој момент тоа е исто толку битно колку што е битен самиот Иванов, вклучувајќи го тука и неговиот драг колега Акинџи. Она што е битно за воспоставувањето некаква нормализација во државата е дали некој од белосветските универзитети оваа недела ќе направи уште некаков форум за глобално лидерство, на кој ќе мора да присуствува и претседателот Иванов во својство на глобален лидер од времето на Османлиите.

Да, навистина ќе биде штета да се пропушти можноста Иванов да размени искуства со претседателот на Јужна Осетија, Леонид Тибилов. Или со претседателот на Нагорно Карабах, Бако Саакјан. Или со претседателот на Абхазија, Валериј Бганба. Или со… Има по светот глобални лидери од рангот на Иванов колку сакаш. Ќе се најде веќе некој кој ќе сака да му ги пренесе своите искуства на македонскиот колега.

Само за да не му биде даден мандатот на Заев. А тоа дека државата го помина работ на колапс и не е толку важно.

Втората работа која оваа недела ја прави клучна е Самитот на НАТО во Брисел што треба да се одржи на 25 мај. Таму нема да оди Иванов, како што не беше ни на претходниот во Варшава (бидејќи, нели, НАТО нема никаква врска со глобалното лидерство). Таму ќе оди новиот премиер. И затоа е нужно формалностите околу мандаторството на новата влада да се завршат неделава. Маневарскиот простор на Иванов е навистина минимизиран до крајни граници, така што тука веќе ниту еден од неговите драги колеги не може повеќе да му помогне.

Работите се едноставни: светот не живее повеќе во времето на Отоманската Империја. А богами не живее ни во времето на Александар Велики. Како што сега стојат работите, не живее ни во времето на Ѓорге Иванов. Време е светот да дојде да живее во Македонија. А тоа ќе се случи оваа недела.