Иванов пак пропушти шанса да „одржи час“

Имаше ли универзитетска автономија, тогаш, кога на иницијативата за првата кандидатура на Иванов, „се најдоа“ потписите на ректорите на скопскиот, битолскиот и штипскиот универзитет? Зошто Иванов не рече: „Не ја компромитирајте автономијата, повлечете си ги потписите, чувајте ги за студентите, јас сум претседателски кандидат, но пред сѐ, професор, јас и сега држам час…“

Стара германска поговорка која најчесто се употребува во политички контекст, вели: „Оние што не знаат – газат со полни стапала таму, каде што оние кои знаат – внимателно одат на прсти“.
Претседателот Иванов во годишното обраќање нагази со полни стапала. Дустабанлиски.

Иако е една од ретките личности на македонската политичка сцена која во своите настапи рефлектира барем привид за некаква политичка кроткост и разумност (кај некои го нема ни тоа), неговиот говор уште еднаш потврди зошто треба да се слушаат обраќањата на претседателот:

Не за да се очекуваат искрени предлози за решавање на постојните проблеми, туку за поинаку да си ги поставиме проблемите кои експлицитно или магливо ги препознаваме како ургентни.

Ова е неопходност во сите случаи кога индивидуалните пораки на говорникот не се во корелација со фактите врз кои се темели колективната стварност. Стравот на говорникот од конфронтација со тие факти, е причина што неговите зборови се осудени да се вртат исклучиво околу оската на политичките догми, без можноста барем да навестат некаква департизација на мислата или еден критички учинок кој ќе остави трага во иманенцијата на општествената, културната и политичката практика. Ќе наведам неколку примери.

Иванов повика на дијалог. Дали е тоа лошо? Не. Секој разумен човек би го направил тоа. Ја обвини опозицијата за „неодговорно политичко однесување“. Дали е тоа точно? Да, но само ако се третира надвор од корелација со причините што довеле за тоа. Не очекувам од Иванов да биде ни судија, ни медијатор. Очекувам да биде објективен.

Зарем тој не знае дека резултатот од еден веќе реализиран дијалог помеѓу власта и опозицијата (со меѓународно посредништво), на крајот пред јавноста беше оквалификуван колку и важноста на „тоалетна хартија“. Дали овој квалификатив (произведен од партијата која два пати го кандидира Иванов за претседател) е чин кој мотивира и влева доверба за суштински разговор? Ако Иванов беше принципиелен, ќе ја апострофираше промоцијата на „ролните“ како потег кој не води кон поместување од мртвата точка. Ќе беше доволно и толку. Но, со молкот кон ваквите постапки, тој покажа дека и во вториот мандат е целосно политички инфериорен и зависен од партиската база што по втор пат му обезбеди престој во претседателската фотелја и резиденцијата на Водно.

И кога уште еднаш јасно потврди дека имањето функција кај него се ефектуира со немање политичка автономија, со полни табани нагази и во аргументација на потребите од реформи во образованието, објаснувајќи колку е значајна универзитетската автономија. Верувам дека Иванов многу добро знае што значи тоа, но жестоко се противам на селективното третирање на автономијата. Прашувам: Имаше ли универзитетска автономија, тогаш, кога на иницијативата за првата кандидатура на Иванов, „се најдоа“ потписите на ректорите на скопскиот, битолскиот и штипскиот универзитет, Велимир Стојковски, Златко Жоглев и Саша Митрев?

Зошто Иванов не го искористи тој чин за да го спречи посредното вовлекување на трите универзитети во партиски натпревар? Зошто не рече: „Не ја компромитирајте автономијата, повлечете си ги потписите, чувајте ги за студентите, јас сум претседателски кандидат, но пред сѐ, професор, јас и сега држам час…“

Не го рече тоа. Не одржа час. Не одржа час ни кога се спроведоа катастрофалните измени во Законот за високото образование во 2011 година, кои сега треба да се поправаат со нови, уште полоши. Членот на Одборот за акредитација и евалуација, Имер Исмаили, тврди дека експлозијата на високообразовни установи се случила токму во времето кога со Одборот раководел Ѓорге Иванов.

Не се согласувам со синтагмата „во времето кога со одборот раководел тој и тој….“. Тоа не значи ништо. Иванов сигурно не одлучувал сам. Има во тоа тело десетици професори кои исто така кренале два прста. Она за што се залагам, е секој да биде подготвен да ја носи одговорноста за своите постапки и зборови. Од Иванов очекувам и многу повеќе, со оглед на функцијата што ја има. Тој вели дека често разговарал со студентите и дека заеднички заклучок од тие средби бил – дека локалните стандарди создаваат локална вредност, а светските стандарди создаваат светска вредност.

Се согласувам со претседателот и професорот. Но, светско образование ќе имаме кога и другите стандарди ќе ни бидат малку посветски. Образованието не можеме да го издвоиме од вкупниот општествен контекст. Зборуваме за студенти кои се издржувани од родители кои или не се вработени или земаат локални и подлокални, а не светски плати. Зборуваме за студенти кои живеат во „гоцеделчевски“ а не „харвардски“ услови, за студенти кои немаат финансиски можности да студираат ни овде, а камоли во странство, кои учат од учебници од локални, а не од светски професори. Па, кога сѐ е толку локално, како да очекуваме глобални резултати?

А ако Иванов навистина бил длабоко загрижен поради микро резултатите во образованието, зошто не се спротивставил на мегаломанското трошење буџетски пари за споменици, а во корист на финансирање на науката? Зошто не удрил на маса и не кажал: „Стоп за Скопје 2014! Нам ни требаат големи умови, големи научници, а не големи споменици“.

Иванов не го одржа ни тој час. Напротив, во една пригода, во 2009-тата, дури и лично се издвои од системот кој продуцира низок квалитет на знаење. „Денес дојде време да имаме нешто што би го дефинирале како ‘smart power’. Тоа го покажа нашиот регион. Претседателот на Словенија е доктор на науки, претседателот на Албанија е доктор на науки, претседателот на Србија е доктор на науки, претседателот на Бугарија е доктор на науки, а и јас сум доктор на науки.“

Каде докторирал Иванов? На еден од десетте најдобро рангирани универзитети во светот? Од каде му е увереноста дека тој е претставник на некаков „smart power“, ако тоа е постигнато според локални стандарди кои создаваат локална вредност?

Сетo ова, многу наликува на народно доживеаната попска практика – „не гледај што правам, слушај што проповедам“. На таа тема режисерот Љубиша Георгиевски често пати ја раскажуваше оваа приказна: Доаѓа поп на вечера кај друг поп. На масата гледа печено прасе.

„Попе, зарем прасе ќе вечераме? Па денеска е петок, ден за пост?“„А кој ти рече, попе, дека ќе вечераме прасе? Зарем си заборавил дека ние имаме надлежност и да крштaваме. Затоа, ова прасе ќе го крстиме да се вика риба. И ќе си ја вечераме ‘рибата’!“ Така и направиле.

Многу такви „риби“ испливаа од обраќањето на Иванов. По „дијалогот“ и „образованието“, на ред дојде и една од покрупните риби – „официјална Атина“. Да, точно е дека таа го условува и блокира нашиот интеграциски пат во ЕУ и НАТО. Но, дали Атина ги спречува реформите во судството или во медиумската сфера, на пример? Не. Па, зошто и досега не се спроведени? Затоа што нема волја да се ослободат ни судството ни медиумите од партиските пранги. Сѐ дотогаш Атина ќе биде добра „риба“ за да ги прикриеме внатрешните „свињарии“. Ни за ова претседателот не се охрабри да одржи час.

Медиумите, пак, целосно ги „заборави“. Можеби затоа што не се ни риба ни девојка. Како и да е, тој молк е многу несвојствен за личност во чија биографија пишува дека од 1988 поминал седумгодишна новинарска кариера во МРТ, каде што напредувал до позицијата уредник во Третата програма на Радио Скопје.

Веројатно, тогаш со новинарите се разминувал само во ходниците. За жал, денес исклучиво во фреквенциите.